Нешто ново за Мали
МОЈОТ сопруг служи како патувачки надгледник на Јеховините сведоци во Мали, ретко населена земја во западна Африка. Во нејзиниот северен дел се простира пустината Сахара, а поголемиот дел од остатокот на земјата е составен од брановидни пасишта. Мали е поголема од Англија, Франција и Шпанија заедно. Иако овие земји вкупно имаат преку 140 милиони жители, Мали има население од само околу десет милиони — од кои околу 150 се Сведоци.
Нашата почетна точка е Зигиншор, едно мало гратче во соседниот Сенегал. Во ноември 1994, од таму долетавме во Дакар, а потоа во главниот град на Мали, Бамако — голем град со преку половина милион жители. Од Бамако патувавме со такси за во шума, или со автобус или воз до помалите гратчиња, како што се Сегу, Сан и древниот град Мопти. Во секое од овие места останувавме по една седмица за да учествуваме во христијанската служба со тамошните малубројни Сведоци.
Во декември се вративме во Бамако за да уживаме во обласниот конгрес, на кој имаше највисок број присутни од 273 лица. Колку само бевме одушевени додека гледавме како се крштаваат 14 нови лица! Следниот ден после конгресот, со автобус отидовме во малото гратче Сикасо, каде што следниот викенд беше планирано свечено отворање на првата Сала на Царството што ја изградија Јеховините сведоци.
Вистински предизвик
Собранието во Сикасо е составено од само 13 Сведоци, од кои 5 се пионери, односно полновремени слуги. Пристигнуваме во понеделник, едвај чекајќи да чуеме кои се нивните планови за свеченото отворање. Тие ни велат дека сметаат на мојот сопруг Мајк, тој да го подготви тоа! Така, откако го празниме багажот, одиме да ја видиме Салата на Царството. Кога ја гледаме, воодушевени сме што само толку малку Сведоци можеле да изградат една таква зграда. Меѓутоа, има уште многу да се направи. Нема завеси, надворешниот дел не е бојадисан и нема натпис „Сала на Царството на Јеховините сведоци“.
Знаеме дека за неколку дена, најмалку 50 посетители ќе дојдат од Бамако за да присуствуваат на свеченото отворање. Поканети се и луѓе од околината. Собранието има само еден старешина, Пјер Садио. Кога го прашуваме како очекува салата да биде завршена до сабота, денот на свеченото отворање, пријателите му се приближуваат за да го чујат неговиот одговор. „Мислам дека Јехова ќе ни помогне да завршиме навреме“, одговара тој.
Мора да се направи толку многу за само толку кратко време! Колебливо прашувам дали можам да помогнам околу набавувањето на завесите. На лицата околу мене се појавува голема насмевка на олеснување. Потоа Мајк предлага да побараме да се направи натпис за предниот дел од салата. Набргу сите зборуваме истовремено. Сите сме толку возбудени. Ќе биде вистински предизвик навреме да се средат последните детали во салата!
Возбудлива активност
Ние, христијанските сестри, брзаме да одиме на пазар за да избереме материјал. Потоа наоѓаме кројач кој ќе ги сошие завесите. „Имате само четири дена да ги завршите“, му кажуваме. За да обезбеди нешто декоративно, Мајк доброволно се пријавува да направи прекрасно макраме́ за една висечка билка за предниот дел од салата. Така повторно заминуваме, овојпат да најдеме јаже потребно за висечката билка, како и саксија.
Исто така, направени се подготовки некој да се погрижи за натписот на Салата на Царството. Внатре и надвор од салата возбудливо се работи. Една група соседи се собира за да гледа. Има уште толку многу да се направи! Како ќе ги нахраниме 50-те посетители? Каде ќе спијат? Цела седмица трчаме за да се подготвиме, но се чини како да не оди така глатко.
Во петокот, денот пред свеченото отворање стануваме рано. Атмосферата е исполнета со воодушевеност затоа што треба да пристигнат посетителите од Бамако. Околу пладнето пристигнува натписот на Салата на Царството. Кога Мајк го открива, браќата се восхитени. Дури и љубопитните набљудувачи гледаат со ценење. Гледаме нестрпливо додека го прикачуваат на предниот ѕид. Сега е очигледно дека ова не е само обична зграда. Тоа е „Сала на Царството на Јеховините сведоци“.
Во близината, во куќата на еден пионер, сестрите се зафатени со готвење. Во еден голем црн котел се приготвува храна. Тукушто завршуваме со расчистување на кофите со боја и метлите кои се околу салата, слушаме извици: „Еве ги! Еве ги!“ Пријателите доаѓаат со трчање од салата, а други од куќата. Соседите се зачудени од сето тоа. Браќата скокаат од воодушевеност. Каков само дочек имаат пријателите кога слегуваат од автобусот! Јас се чувствувам толку многу горда што сум Јеховин сведок!
Ги гледам посетителите — пријатели од локалните племиња, како и од Буркина Фасо и од Того. Доаѓаат и Американци, Германци, Канаѓани и Французи. Таа ноќ имаме голема гозба. Палиме голем оган за да го осветлиме дворот. Сакам да се штипнам за да се уверам дека всушност јас имам предност да бидам дел од настанот. Како што ноќта одминува, безволно се разотидуваме до местата за ноќевање.
Дури и по 20-мина се сместени во едно ноќевалиште. Можам да видам дека за некои е тешко. Гледам како една локална сестра ѝ помага на една посетителка од Франција да оди во тоалетот кој е надвор. Посетителката е роднина на една од мисионерките, но самата не е Сведок. Додека се враќаат, таа вели: „Вие сте толку сиромашни, но навистина сте толку љубезни и полни со љубов“. Ми доаѓа да речам: „Не, тие не се сиромашни. Сите од Јеховиниот народ се богати!“ Навистина, каде на друго место можете да видите толку разновидна група луѓе да живее во мир и хармонија?
Трогателно свечено отворање
Ноќта е кратка и денот на свеченото отворање бргу пристигнува. После состанокот за служба на подрачјето во Салата на Царството, Сведоците одат и ги канат луѓето од градот да дојдат на свеченото отворање. Јас останувам за да аранжирам цвеќиња и билки. Локалните сестри брзаат наоколу и приготвуваат нешто за вечерта.
Конечно, во четири часот, пристигнува времето за свеченото отворање. Присутни се вкупно 92 лица, а сепак салата не е преполна. Толку сум возбудена што ми е тешко да седам мирно. Пјер Садио ја изнесува историјата на делото во Сикасо. Кога бил доделен тука, тој, неговата сопруга и нивните две деца биле единствените Сведоци. Нивниот живот бил многу тежок, но со текот на времето Јехова ја благословил нивната служба. Првиот човек кој станал Сведок во Сикасо сега е специјален пионер. Пјер потоа објаснува на кој начин малкумината Сведоци биле во можност да градат. Тие изнајмиле ѕидар и секоја недела целото собрание работело по цел ден на проектот.
Сега Мајк интервјуира некои од пријателите кои работеле на салата. Еден по еден, тој ги прашува дали некогаш си помислувале дека ќе дојде овој ден и како се чувствуваат сега кога ја гледаат Салата на Царството исполнета со луѓе. На повеќето им се стега грлото што едвај можат да ги завршат своите коментари. Меѓу присутните Сведоци нема ниедно око што не пуштило солзи.
Потоа, Тед Петрас од канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Сенегал го одржува предавањето по повод свеченото отворање. Се изговара молитва за свеченото отворање и браќата ракоплескаат долго време. После тоа Мајк ги поканува да истапат напред сите кои помагале во изградбата на салата. Ете ги како стојат, нивните лица блескаат и по образите им се леат солзи радосници. Додека ја пееме завршната песна, чувствувам толку голема радост. Мисионерската служба ми овозможува да учествувам во најпрекрасните искуства. Толку многу би пропуштиле ако останевме дома во Соединетите Држави.
Натамошно срдечно дружење
После свеченото отворање се дава закуска. Сестрите доаѓаат една по една, носејќи на главите огромни чинии со лубеници. После нив следат двајца браќа, носејќи готвачки капи за таа пригода и големи чинии со торти. Тортите се убаво декорирани со парчиња од портокал и лимон. Целата атмосфера е толку празнична.
Откако се послужени, посетителите си заминуваат додека Сведоците се упатуваат во една соседна куќа за вечера. Сите седиме надвор на полна месечина, додека разгорениот оган го осветлува дворот. Јас сум толку воодушевена и уморна од активностите на тој ден што не можам да си го довршам оброкот. На едно мало девојче му давам полуизеден батак од кокошка. Локалните пионери ги набљудуваат нашите чинии и ако остане нешто, тие го довршуваат. Овде нема остатоци. Ние во Соединетите Држави сме толку размазени.
Додека вечерта привршува, еден брат ги потсетува оние кои дошле од Бамако дека автобусот ќе ги земе во 9.15 часот. Следното утро браќата се испоседнати по дворот, чекајќи да дојде автобусот. За крај ја пееме песната: „О фала ти, Јехова“. Почнуваат да ни течат солзи и, само што завршуваме, го здогледуваме автобусот. Сите браќа и сестри се прегрнуваат еден со друг.
Стоиме и мавтаме со рацете додека автобусот полека заминува. Сите во автобусот мавтаат сѐ додека тој повеќе не се гледа. После тоа, ние кои остануваме се свртуваме и погледнуваме еден кон друг. Навистина тоа беше едно прекрасно свечено отворање и една прекрасна седмица (Приложено).
[Слика на страница 24]
Прва Сала на Царството која ја изградиле Јеховините сведоци во Мали
[Слика на страница 25]
Оваа среќна група патувала со автобус