Можете да го подобрите своето памтење
„Имам ужасно памтење.“ Дали некогаш сте го рекле тоа? Ако да, не очајувајте. Неколку едноставни совети и малку напор можат да ви донесат изненадувачко подобрување. Не го потценувајте својот мозок. Неговите можности се збунувачки.
КАКО мозокот ги изведува своите зачудувачки подвизи? Во последниве години, мозокот бил истражуван како никогаш порано. Но, иако увидот расте, ние сепак знаеме многу малку за тоа како, всушност, мозокот ги изведува работите.
Не е сосема јасно како ги учиме и памтиме информациите, но истражувачите се обидуваат да ја разрешат мистеријата. Се проценува дека во учењето и памтењето се вклучени 10 до 100 милијарди нервни клетки, т. е. неврони во мозокот. Но, постојат најмалку десет илјади пати повеќе врски меѓу невроните. Според една теорија, учењето настанува додека овие врски или синапси се зајакнуваат преку употреба.
Додека старееме, менталната способност може да опадне, а нашите реакции може да се успорат. Мозочните клетки не се обновуваат и јасно е дека возрасните постојано губат некои од нив. Но, ние можеме да ги сочуваме нашите ментални способности за подолго време до оној степен до кој го користиме својот мозок.
Нашиот ментален став влијае врз мозокот. Едно оптимистичко, весело гледиште ја подобрува функцијата на мозокот на која било возраст. Извесен стрес може да биде корисен, но хроничниот, претеран стрес го оневозможува ефикасното дејствување на мозокот. Физичкото вежбање може да помогне да се ублажи менталниот притисок.
Колку и да е ова охрабрувачки, можеби сепак забораваме важни работи, без оглед на нашата возраст. Можеме ли да се подобриме? Едно подрачје на кое повеќето имаат потешкотија е памтењето на имињата на луѓето кои ги среќаваме.
Памтење на имињата на луѓето
Неколку едноставни предлози можат многу да ви помогнат подобро да памтите имиња. Притоа помага интересот за лицето. На лицето му е важно неговото име. Честопати не можеме да го запамтиме името бидејќи не сме го слушнале добро уште на почетокот. Затоа, кога некој ќе се претстави, слушнете го точно името. Ако е потребно, замолете го лицето да го повтори или дури да го каже буква по буква. Користете го повеќе пати во вашиот разговор. Кога ќе се збогувате, обратете му се на лицето по име. Ќе бидете изненадени колку ќе помогнат овие неколку точки.
Друг совет кој може да го потстрекне вашето памтење имиња е да го поврзете името на лицето со нешто што можете да си го претставите во својот ум. Ако можете сликата да ја ставите во движење — уште подобро.
На пример, некому му било тешко да го запамти името на една жена што ја познавал само површно и се викала Елена. Затоа, кога ќе ја видел оваа личност, тој помислувал на значењето на зборот „елен“, односно „брзо шумско животно со разгранети рогови“. Веднаш си ја претставувал жената како шета со елен низ некоја шума. Тоа секогаш било делотворно — брзо ќе се сетел на името Елена.
Многу имиња можеби немаат значење за вас па затоа ќе треба да ги замените со некој збор кој личи на името. Не е важно дали вашиот заменет збор не одговара баш на звукот на името. Ќе можете подобро да се сетите на името поради асоцијацијата. Кога составувате сопствени зборови и слики, впечатокот е многу посилен.
На пример, сте се запознале со некој господин кој се вика Коле Клинчаровски. Можете да го замените со кове клинци. Си замислувате како некој човек работи и кове клинци во ѕидот.
Ова треба трудољубиво да го вежбате извесно време, но навистина функционира. Хари Лорајн ја објаснува оваа метода во својата книга How to Develop a Super-Power Memory (Како да се развие супер-ефикасно памтење), која ја применил во многу јавни прилики. Тој вели: „Не еднаш сум морал да се запознаам со стотици или двесте луѓе за петнаесет минути или помалку, без да заборавам ниедно име!“
Како да се памтат списоци
Како можете да ја подобрите својата способност да запамтите список со неповрзани работи? Една едноставна метода е наречена систем на поврзување. Еве како функционира таа: Си формирате визуелна претстава за секоја работа на списокот и потоа ја поврзувате претставата за првата работа со претставата за втората работа, потоа го правите истото со втората и третата работа, и така натаму.
На пример, во супермаркетот морате да купите пет работи: млеко, леб, сијалица, кромид и сладолед. Почнете со тоа што ќе го поврзете млекото со лебот. Замислете си како од една векна леб истурате млеко. Иако претставата може да биде сосема смешна, таа ќе ви помогне да ги всадите тие работи во својата меморија. Исто така, обидете се да ја ставите во движење менталната сцена која ве вклучува вас во истурањето на млекото.
Откако сте ги поврзале млекото и лебот, преминете на следната работа — сијалицата. Можете да ги поврзете векната леб и сијалицата претставувајќи си дека се обидувате да ја ставите векната леб во фасонка. Потоа, поврзете ја сијалицата со кромидот замислувајќи си како лупите една голема сијалица и како плачете додека го правите тоа. Се разбира, подобро ќе биде ако сами си ја правите асоцијацијата. Можете ли да ги поврзете последните работи, кромидот и сладоледот? Можеби ќе можете да си замислите како јадете сладолед од кромид!
Видете дали ќе можете да се сетите на списокот. Потоа испитајте го своето памтење со еден список што сте го направиле сами. Нека биде долг колку што вие сакате. Запомнете, за да ги направите асоцијациите полесни за памтење, можете да ги направите хумористични па дури и смешни или непропорционални. Обидете се претставата да ја ставите во движење и да ги заменувате работите една со друга.
Некои може да приговорат дека оваа метода одзема повеќе време отколку едноставното памтење на списокот. Меѓутоа, таа одзема повеќе време за да се објасни отколку да се примени. Штом ја стекнете оваа пракса, брзо ќе правите асоцијации и вашето сеќавање, како и брзината на учење ќе бидат подобри отколку ако се обидувате да учите без некој систем. Кога 15 лица биле замолени да се сетат на список од 15 случајни работи без да користат некаков систем, нивниот просечен резултат бил 8,5. Кога користела систем на поврзување визуелни асоцијации на друг список, истата група имала просек 14,3. Се разбира, ако се сетите да земете напишан список со овие работи кога одите да купувате, тоа би ви дало резултат 15 — т. е. 100 проценти!
Памтење на она што го читате
Во ова време на обилни информации, друго подрачје каде на многумина од нас ни треба помош е во делотворното проучување. Проучувањето е неопходно во училиште, во бизнисот, за лично подобрување и при подготовка за јавно говорење. Освен тоа, христијанинот мора да оддели време и за лично проучување на Библијата (Јован 17:3).
‚Но јас тешко го памтам тоа што го проучувам‘ — можеби ќе речете. Што може да се направи? Ако научите максимално да го искористите своето време за проучување, тоа ќе ви помогне да го запамтите тоа што го читате. Еве некои предлози.
Кога проучувате, важна е личната организација. Имајте на дофат книги, прибор за пишување и хартија. Трудете се да проучувате во пријатно катче без многу пречки и со исправна светлина. Исклучете ги радиото и телевизорот.
Имајте редовно време за проучување. За некои, секојдневното проучување во кратки интервали може да биде попродуктивно отколку да поминат подолго време наеднаш. Добро е да се подели времето на делови. Наместо да се проучува два часа без прекин, можеби е подобро да го поделите времето на периоди од по 25 до 40 минути, со кратки интервали од неколку минути меѓу нив. Истражувањето покажало дека ова придонесува за повисока стапка на сеќавање.
Одредете кој материјал сакате да го опфатите во текот на вашиот период за проучување. Ова помага за концентрација. Пред да започнете со некоја книга, одвојте си неколку минути за да ја прегледате. Видете го насловот. Разгледајте ја содржината која ја сумира книгата. Потоа прочитајте го предговорот или уводот. Тука можеби се изложени целта и гледиштето на авторот.
Пред да започнете да читате некое поглавје, прегледајте го. Видете ги поднасловите, илустрациите, табелите, резимеата, како и уводните и заклучните пасуси. Прелетајте преку првите реченици од секој пасус. Овие реченици честопати ја содржат главната насока за расудување. Создадете си целосна слика. Поставете си ги прашањата: ‚Што сакал да докаже писателот? Што можам да извлечам од овој материјал? Кои се главните аргументи?‘
Важна е концентрацијата. Треба да се внесете целосно. Тајната е да го направите своето време за проучување колку што е можно поживо. Разгорете воодушевување со тоа што ќе ги разгледувате практичните аспекти од информациите. Претставувајте си. Користете ги сетилата замислувајќи си го мирисот, вкусот и допирот ако материјалот е погоден за тоа.
Штом сте ја сфатиле поентата на материјалот, вие сте спремни да правите белешки. Делотоворните белешки можат да го забрзаат вашето разбирање и сеќавање на информациите. Белешките не мора да бидат цели реченици, туку треба да бидат клучни зборови или фрази што ќе ви помогнат да се сетите на главните мисли.
Разбирањето на информациите не значи дека во иднина ќе можете неизбежно да се сетите на сите. Вистината е дека за 24 часа учење, 80 проценти од информациите можат да се заборават, барем привремено. Ова звучи обесхрабрувачки, но нешто или многу од тие 80 проценти можат повторно да се вратат со повторување на материјалот. После секој период на проучување, повторете неколку минути. Ако е можно, повторете и после еден ден, па после една седмица и потоа после еден месец. Вашето применување на овие точки може да ви помогне да го извлечете најдоброто од вашето драгоцено време за проучување и да го запомните она што го читате.
Затоа, не го потценувајте својот мозок. Вашата способност да ги памтите работите може да се подобри. Еден научник укажал на мозокот како на „најкомплексната работа што досега сме ја откриле во нашиот универзум“. Тоа е признание за страотната мудрост и моќ на неговиот Творец, Јехова (Псалм 138:14).
[Графикон на страница 15]
За да памтите списоци, користете систем на поврзување: Направете си визуелна претстава за секоја работа. Потоа, поврзете ја претставата за првата работа со втората и така натаму
Список за купување:
1. Млеко поврзување на 1. и 2.
2. Леб поврзување на 2. и 3.
3. Сијалица поврзување на 3. и 4.
4. Кромид поврзување на 4. и 5.
5. Сладолед