Вистината за лажењето
„ЛАЖЛИВЕЦ!“ Дали овој збор што сече некогаш бил префрлен на Вас? Ако да, без сомнение го сфаќате емоционалниот удар што го носи тој.
Токму како што една чувана вазна може да се разбие ако се турне на земја, така и еден драгоцен однос може да биде уништен со лажење. Вистина, после еден одреден временски период можеби ќе можете да ја поправите штетата, но односот можеби никогаш повторно нема да биде сосема ист.
„Оние кои дознаваат дека биле излажани“, вели книгата Lying—Moral Choice in Public and Private Life, „се претпазливи на нови обиди за зближување. Исто така, се сеќаваат на своите минати верувања и постапки во новото светло на откриените лаги.“ Откако измамата е разоткриена, еден однос кој некогаш цутел со отворена комуникација и доверба може да биде задушен со сомневање и несигурност.
Поради сите негативни чувства поврзани со лажењето, мораме да се запрашаме: ‚Како започнала една таква препредена постапка?‘
Првата лага
Кога Јехова Бог ја создал првата човечка двојка, Адам и Ева, ја поставил во еден прекрасен дом — градина. Нивниот дом бил ослободен од секаков вид измама или превара. Тој навистина бил рај!
Меѓутоа, некое време после создавањето на Ева, Сатана Ѓаволот ѝ пристапил со една примамлива понуда. На Ева ѝ било речено дека нема да умре, наспроти она што ѝ го рекол Бог, ако јаде од „родот на она дрво“ кое Бог го забранил. Наместо тоа, таа ќе ‚стане како бог и ќе знае што е добро, а што зло‘ (1. Мојсеева 2:17; 3:1—5). Ева му поверувала на Сатана. Таа го зела плодот, го изела, а потоа му дала и на својот сопруг. Но, наместо да станат како Бог, како што ветил Сатана, Адам и Ева станале непослушни грешници, робови на распадливоста (2. Петрово 2:19). Со тоа што Сатана ја изговорил таа прва лага, тој станал „татко на сите лаги“ (Јован 8:44, Today’s English Version). Со текот на времето, тоа грешно трио дознало дека нема победници кога некој лаже или има доверба во некоја лага.
Смртоносни последици
Јехова сакал сето негово творештво — на небото и на Земјата — да знае дека своеволната непослушност нема да помине неказнета. Тој брзо дејствувал така што го осудил бунтовното духовно суштество да го живее остатокот од животот надвор од Божјата света организација. Освен тоа, Јехова Бог ќе се погрижи на крајот Сатана да биде потполно уништен. Тоа ќе се случи кога „семето“, кое Бог ветил дека ќе го даде, ќе му нанесе смртоносна рана на главата (1. Мојсеева 3:14, 15; Галатјаните 3:16).
Што се однесува до Адам и Ева, тие биле протерани од градината Едем. Бог го осудил Адам, велејќи му: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ Со текот на времето, и тој и Ева умреле, токму како што прорекол Бог (1. Мојсеева 3:19).
Како потомци на Адам, целата човечка фамилија е ‚продадена на гревот‘. Сите луѓе наследиле несовршенство кое води до смрт (Римјаните 5:12; 6:23; 7:14). Колку само биле стравотни последиците од таа прва лага! (Римјаните 8:22).
Длабоко вкоренета постапка
Поради тоа што Сатана и ангелите кои му се придружиле во побуната против Бог сѐ уште не се погубени, не треба да бидеме изненадени од тоа што тие ги тераат луѓето да „зборуваат лага“ (1. Тимотеј 4:1—3). Како резултат на тоа, лажењето е длабоко вкоренето во човечкото општество. „Лажењето станало толку институционализирано“, забележал Los Angeles Times, „што општеството сега во голема мера станало нечувствително на него.“ Многумина денес тесно ја поврзуваат политиката и политичарите со лажењето, но дали сте знаеле дека религиозните водачи се меѓу најзлогласните лажливци?
Религиозните противници на Исус ширеле лаги за него во текот на неговата земска служба (Јован 8:48, 54, 55). Тој јавно ги разобличил, велејќи: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко . . . Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата“ (Јован 8:44).
Дали се сеќавате на лагата која била пропагирана кога Исусовата гробница била најдена празна после неговото воскресение? Библијата вели дека првосвештениците ‚им дале многу пари на војниците, велејќи: „Кажете, дека учениците Негови дојдоа и Го украдоа, кога ние спиевме“‘. Таа лага била нашироко раширена и многумина биле измамени со неа. Колку биле злобни религиозните водачи! (Матеј 28:11—15).
Религиозните лаги денес
Која е една истакната лага која ја кажуваат религиозните водачи денес? Таа е слична на онаа која Сатана ѝ ја кажал на Ева: „Не, вие нема да умрете!“ (1. Мојсеева 3:4). Но, сепак, Ева умрела и се вратила во Земјата, во правот од кој била направена.
Меѓутоа, дали само изгледало дека умрела, додека всушност живеела во некој друг облик? Дали смртта е само влез во друг живот? Библијата не дава никакви индикации дека некој свесен дел од Ева продолжил да живее. Нејзината душа не преживеала. Со тоа што не го послушала Бог, таа направила грев, а Библијата вели: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4). Ева, како и нејзиниот сопруг, била создадена како жива душа и нејзиниот живот како жива душа престанал да постои (1. Мојсеева 2:7). За состојбата на мртвите, Библијата вели: „Мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5). Но, што обично научуваат црквите?
Црквите честопати научуваат дека луѓето имаат бесмртна душа и дека смртта ја ослободува за да проживее друг живот — или на блаженство или на мачење. The Catholic Encyclopedia, на пример, вели: „Црквата јасно научува за вечноста на болките на пеколот како вистина на верата која никој не може да ја негира или да ја доведе во прашање без очигледен ерес“ (том 7, страница 209, издание од 1913).
Колку само тоа учење е поинакво од она што Библијата јасно го вели! Библијата научува дека, кога човек ќе умре, „тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:4). Така, според Библијата, мртвите не можат да претрпуваат некаква болка, затоа што немаат свест за што и да било. Поради тоа, Библијата поттикнува: „Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот [заедничкиот гроб на човештвото], каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:10).
Потребата да се биде внимателен
Исто како што многумина биле заведени од лагите на свештениците во времето на Исус, така постои опасност да бидеме заведени и ние од лажните учења на денешните религиозни водачи. Тие луѓе ја „заменија вистината Божја со лага“ и унапредуваат такви лажни учења како што се бесмртноста на човечката душа и идејата дека душите на луѓето ќе бидат мачени во пеколен оган (Римјаните 1:25).
Освен тоа, денешните религии обично ја ставаат човечката традиција и филозофија на еднакво рамниште со библиската вистина (Колосјаните 2:8). На тој начин, Божјите закони во врска со моралот — вклучувајќи ги и законите за чесност и сексуално однесување — се сметаат како релативни, а не апсолутни. Резултатот е онаков каков што е опишан во списанието Time: „Лагите цутат во општествена несигурност, кога луѓето повеќе не ги разбираат или не се согласуваат со законите кои го управуваат нивното меѓусебно однесување“. (Спореди Исаија 59:14, 15; Јеремија 9:5.)
Живеењето во средина каде што вистината малку се цени го отежнува внимавањето на опомената на Бог да не се кажуваат лаги. Што може да ни помогне секогаш да бидеме вистинољубиви?
Да се заземе став за вистината
Нашата желба да го славиме нашиот Творец ни ја дава најдобрата мотивација да развиваме вистинољубив говор. Значајно е тоа што Библијата го нарекува него како ‚Бог на вистината‘ (Псалм 30:5). Затоа, ако наша желба е да му угодиме на нашиот Творец кој мрази „јазик лажлив“, ќе бидеме покренати да го имитираме (Изреки 6:17). Како можеме да го правиме тоа?
Сериозното проучување на Божјата Реч може да ни го даде она што е потребно за да ‚си ја кажуваме вистината секој на својот ближен‘ (Ефесјаните 4:25). Меѓутоа, не е доволно само да знаеме што бара Бог од нас. Како многумина во светот денес, ако не сме биле секогаш склони да ја кажуваме вистината, ќе треба да вложиме вистински напор за да го правиме тоа. Можеби ќе треба да го следиме примерот на апостол Павле и да бидеме строги спрема себеси. „Го истоштувам и го поробувам телото“, напишал Павле (1. Коринтјаните 9:27).
Додатна помош во борбата да се кажува вистината во секое време е молитвата. Ако го молиме Јехова за помош, можеме да ја имаме „силата, која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7, НС). Навистина, задржувањето ‚праведна уста‘ и отстранувањето ‚лажлив јазик‘ може да биде вистинска борба (Изреки 12:19). Но може да се постигне со Јеховина помош (Филипјаните 4:13, НС).
Секогаш запомнете дека Сатана, Ѓаволот, е тој кој прави лажењето да изгледа како нешто нормално. Тој ја завел првата жена Ева со тоа што злобно ја излажал. Меѓутоа, во потполност сме свесни за катастрофалните последици на Сатановите начини на лажење. Неискажливо страдање е нанесено врз човечката фамилија поради една себична лага и тројца себични поединци — Адам, Ева и Сатана.
Да, вистината за лажењето всушност може да се спореди со смртоносен отров. Но, за среќа, можеме нешто да направиме во врска со тоа. Можеме да престанеме со навиката да лажеме и така вечно да ја уживаме наклоноста на Јехова, Бог „многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34:6).
[Истакната мисла на страница 24]
Лажењето може да се спореди со смртоносен отров
[Слика на страница 22]
Последиците од лажењето се како разбивањето на една вазна