Младите прашуваат . . .
Дали Бог ќе ми остане пријател?
ЦАР ДАВИД бил човек кој го уживал Божјето пријателство. Но во еден момент рекол: „Скрбите на срцето мое се умножија“. Давид страдал не само поради лошото постапување од страна на другите туку и поради сопствените грешки. Почнал да чувствува дека дури и Бог го отфрлил, па затоа се молел: „Погледни на мене и смилуј се на мене, зашто сум самотен и во мака“ (Псалм 24:11, 16—19).
Можеби и ти се чувствуваш мачно. Можеби дома или на училиште се наоѓаш во лоша ситуација која едноставно те совладува. Или, пак, можеби имаш сериозни здравствени проблеми или си обесхрабрен поради некоја слабост со која се соочуваш. Како и да е, не мораш сам да страдаш; Бог дарежливо ти го нуди неговото пријателство и поддршка.a Ако веќе си почнал да развиваш еден однос со него, ќе бидеш утешен да знаеш дека тој не ги напушта своите пријатели кога им е тешко. И покрај тоа, кога си нападнат од неволји, може да се чувствуваш дека Бог ти е далечен. Можеби дури ти се чини дека тој воопшто не ти помага. Но дали тоа навистина е така?
,Трн во телото‘
Како прво, те молиме да го прочиташ 2. Коринтјаните 12:7—10. Таму, апостол Павле ни кажува како тој страдал од нешто што го нарекол ‚трн во телото‘. Веројатно, ‚трнот‘ бил некаков вид физичка немоќ, можеби во врска со неговиот вид. Што и да било, постојано емоционално ‚го боцкало‘. И покрај три сесрдни молби до Бог за да му го отстрани, ‚трнот‘ останал.
Дали Јехова ги игнорирал Павловите молитви? Никако! Бог му рекол: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста“. Иако избрал да не го вади тој ‚трн‘, Јехова не го напуштил Павле. Преку Божјата незаслужена љубезност, Павле уживал блиско пријателство со Него. Тоа било „доста“ за да му помогне на Павле да излезе на крај со својата немоќ. Додека Павле се борел да го прави тоа, исто така, би ја доживеал Божјата моќ на поддржување на еден нов и личен начин.
Помош во излегувањето на крај со тешкотиите
Како Павле, можеби и ти имаш некој ‚трн‘ или проблем кој те боцка, предизвикувајќи песимизам и обесхрабреност. Како во случајот со Павле, веројатно Бог може да допушти неволјата да потрае. Тоа не значи дека не е повеќе твој Пријател. Бог му рекол на апостол Павле: „Мојата сила наполно се покажува во слабоста“. Ако се потпираш на Божјата сила, а не на сопствената, можеш да издржиш. Можеби дури ќе откриеш дека со помош на Божјиот дух ти можеш да постигнеш работи за кои никогаш не си мислел дека се возможни. Павле рекол: „Добро ми е во слабостите . . . оти кога сум слаб, тогаш сум силен“.
Една млада жена по име Робинb открила дека тоа е вистинито. На 14-годишна возраст го изгубила видот поради глауком. Истата таа година мајка ѝ ненадејно починала. „Сега го имав само Јехова“, вели Робин во врска со почнувањето да се справува со тие болни ‚трње‘. „Знаев дека за да успеам, морам да останам близу до него.“ Робин го сторила токму тоа, на крајот служејќи како полновремен евангелизатор. Таа вели: „Го молев Јехова да ми помага во сѐ. Тој навистина го направи тоа“.
Многу младинци откриле дека доживувањето испити, всушност, им помага да му се приближат поблиску на Бог. Земи го во обѕир младиот Џеф. Татко му ја напуштил фамилијата, оставајќи ја мајката на Џеф да се грижи за седум деца. „Длабоко го чувствував недостигот на татко ми“, признава Џеф кој тогаш имал само 12 години. „Копнеев по некој за да ја исполни празнината која секој ден ја чувствував.“ Што направил Џеф? „Му се молев на Јехова да ми помогне да ја пополнам таа потреба.“ Џеф дејствувал во согласност со своите молитви и се задлабочил во духовните активности. Со текот на времето, можел да ја почувствува Јеховината рака на поддршка — која била дадена преку неговиот зајакнувачки свет дух и преку христијанското собрание. (Спореди Псалм 26:10.) Сега на 27 годишна возраст, Џеф размислува: „Немав на кого да гледам за сигурност, затоа многу му се приближив на Јехова“. Тој близок однос го нарекува „бесценет благослов кој произлезе од тој испит“.
Како да се добие Божја помош
Твојот небесен Пријател, исто така, ќе ти помогне низ твоите тешкотии. Но што мораш ти да правиш? Па, за да цути секое пријателство, мора да има комуникација. Молитвата е наш начин на кој комуницираме со Бог. Преку неа ние му даваме до знаење дека ни е потребна неговата помош. Но, молитвата е од мала вредност ако таа е ладна или механичка. Како младинците наведени погоре, мораш ‚да му го отвориш срцето‘ на Бог! (Псалм 61:8). Можеби ќе мораш дури и да го преколнуваш (Филипјаните 4:6). Преколнувањата се молитви кои се особено силни и срдечни.
Да претпоставиме дека имаш проблем да ги контролираш твоите мисли или имаш потешкотија да совладаш некоја лоша навика. Преколнувај го Јехова! Моли за негова помош во време на искушение. Тоа може да не е секогаш лесно. „Кога ќе почувствувам силен нагон да правам нешто што е неисправно, се терам да се молам“, признал Гери. „Понекогаш си мислам: ‚Како можам да му пристапам на Јехова?‘ Сепак, пак го повикувам за помош. Тој ми ја дава силата која е потребна за да издржам.“ Дури и да е тешко во почетокот, продолжи да му го отвораш срцето на Бог.
Но, што ако се чини дека твоите молитви не се одговорени? На пример, Лора се борела да ја совлада лошата навика на мастурбација. „Искрено разговарав со Јехова за тој проблем“, објаснува таа, „но како да не можев да престанам.“ Бог може понекогаш да допушти да покажеме колку сме сериозни во врска со нашите барања. (Спореди Псалм 87:13, 14.) Затоа, мораме да истраеме во молитвата! (Матеј 7:7; Римјаните 12:12). Лора го направила токму тоа. Истовремено, почнала да ги применува предлозите на таа тема кои се појавувале во материјалот во публикациите на Watch Tower Society.c Со текот на времето, почнала да гледа резултати. Таа се сеќава: „Секој пат кога успешно ќе му одолеев на искушението, му благодарев на Јехова бидејќи знаев дека тој е со мене“. Навистина, можеби ќе доживееш некои повторувања на грешката додека се бориш да го совладаш твојот проблем. Но сѐ додека се бориш и намерно не им попушташ на твоите слабости, Бог ќе биде задоволен со твоите ‚сериозни напори‘ и ќе ти остане Пријател (2. Петрово 1:5, НС).
Работење со Бог
Еден друг начин да извлечеш корист од Божјата помош е да ја прифатиш неговата покана да бидеш еден од неговите „соработници“ (1. Коринтјаните 3:9). Тоа вклучува да имаш удел да им помагаш на другите да учат за Бог (Матеј 28:19, 20). Кога се чувствуваш измачен или обесхрабрен, идејата да се вклучиш во некаков вид работа може и да не изгледа привлечна. Меѓутоа, да се биде ‚изобилно вработен во делото Господово‘ може навистина да ти помогне (1. Коринтјаните 15:58, НС). Во најмала рака, ќе го одвратиш вниманието од сопствените проблеми. (Спореди Изреки 18:1, НС.) Робин, наведена претходно, за своите тешки времиња вели: „Она што ме одржуваше беше мојата работа за Јехова!“
Работењето со Бог може да ти помогне да совладаш и некое долготрајно чувство дека Бог те напуштил. Кога двајца работат заедно на една заедничка цел како тим, зарем честопати не се зближуваат како пријатели? Додека си ангажиран во проповедничкото дело, постојано се соочуваш со предизвици. Увидуваш дека му се обраќаш на Бог за помош. И додека Бог го благословува твојот труд, неговото пријателство станува повистинско. Почнуваш да ја увидуваш довербата која Бог ја ставил во тебе како соработник. Тоа може да биде вистински потстрек за твојата самодоверба.
Керол, на пример, била многу несигурна. Мајка ѝ извршила самоубиство и нејзиниот навредувачки татко постојано ја понижувал. Но, на 17 годишна возраст, таа станала Јеховин сведок и почнала со делото на проповедање. Сега, после десет години како полновремен евангелизатор, таа вели: „Оваа работа многу ми помогна бидејќи го видов Јеховиниот благослов врз себе. Си велам: ‚Ако Бог ме сака, тогаш не сум безвредна‘. Тоа што Јехова ме користи да го објавувам неговото име ме направи да сум посигурна“.
„Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ“
„Од сите мои стравови [Бог] ме избави“, напишал цар Давид откако за влакно побегнал од една неволја опасна по живот (Псалм 34:4, 6, натписот, НС; 1. Царства 21:10—12). Затоа, Давид од искуство можел да каже: „Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева!“ (Псалм 33:8).
Иако твојот живот можеби никогаш нема да биде во опасност како што бил Давидовиот, сигурно понекогаш ќе доживуваш некои стресови и напнатости. Кога ‚скрбите на срцето твое ќе се умножат‘, преколнувај го Бог (Псалм 24:17). Немој да се плашиш дека Бог ќе го повлече своето пријателство. Додека стрпливо истрајуваш и од прва рака ги доживуваш Јеховината поддршка и грижа, ‚ќе вкусиш и ќе видиш‘ самиот ‚колку Господ е благ‘. И тој засекогаш ќе остане твој Пријател (Јаков 4:8).
[Фусноти]
a Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Можам ли вистински да бидам Божји пријател?“ во нашето издание од 22 јули 1995 (хрв.).
b Некои имиња се изменети.
c Види ги поглавјата 25 и 26 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 16]
Дали Бог ги напушта своите пријатели за време на неволја?