Сингапур — замаглениот бесценет камен на Азија
ТРАС! Тешките железни врати на сингапурскиот женски затвор Чанги злокобно се затворија со тресок зад една кревка 71-годишна вдовица, христијанка. Како една од Јеховините сведоци, таа се обидела да му го објасни својот став на претседавачкиот судија: „Јас не сум никаква закана за оваа влада“.
Трас! После неа следела една 72-годишна баба, уште една христијанка. Нејзиниот прекршок? Поседување четири библиски публикации на Watch Tower Society, вклучувајќи го и нејзиниот личен примерок на самото Свето писмо.
Сѐ на сѐ, 64 граѓани на Сингапур, на возраст од 16 до 72 години биле уапсени и осудени. Четириесет и седуммина од принцип одбиле да платат парична казна и биле затворени на разни временски периоди варирајќи од една до четири седмици. Како можело тоа да се случи во еден град-држава опишан како едно од најдобрите места за живеење во целиот свет? Како можело тоа да се случи во еден град-држава прочуен во целиот свет по својата економска стабилност, извонреден развој и модерни градби, како и по својата наводна религиозна толеранција?
Модерен град-држава
Прво, кратка историја. Современата приказна за Сингапур почнала во 1819 година со пристигнувањето на сер Томас Стамфорд Рафлс од Британија. Рафлс, претставник на Источноиндиската компанија, барал база за операции во Источниот свет. Одлучил да го земе предвид Сингапур. Така започнала една трговска база која сѐ до денешен ден имала силно влијание врз развојот на Источна Азија.
Пред независноста, Сингапур е опишан како запуштен град. Денес, никој не би го опишал Сингапур како запуштен. Точно е спротивното. Низ изминатите 30 години, скоро целиот град е повторно изграден, задржувајќи го притоа, таму каде што е можно, карактерот на старото преку зачувување на фасадата на постарите згради или преку вклопување на цели историски градби во модерни згради. Сингапур станал раскрсница на поморскиот сообраќај на Исток, често пати броејќи и до 800 бродови во пристаништето во исто време. Модерната високотехнолошка опрема овозможува еден огромен контејнерски брод да се растовари и повторно натовари за само неколку часови. Финансиското јадро на градот бара и добива цена за недвижен имот во опсег од 60.000 американски долари или повеќе за квадратен метар.
Населението од приближно 3.400.000 жители се состои од широка мешавина на Кинези, Малајци, Индијци, Европејци и други. Меѓу јазиците кои се говорат се мандарински, малајски, тамилски и англиски.
Брзиот превоз, кој е осумдесет и три километри над и под земјата, го обезбедува Сингапур со еден од најмодерните ефикасни транспортни системи во светот. Зелените паркови обилно се раштркани низ градот, прошарувајќи ги пејсажите на модерните конструкции кои високо се издигнуваат. Нешто што еден турист кој првпат доаѓа „мора“ да види е комплетно обновениот хотел Рафлс, сега назначен за национален споменик поради своето потекло од 1889. На второ место е ботаничкиот и хортикултурниот центар од 52 хектари, од кои 4 хектари е зачувана џунгла во која некогаш талкале тигри.
Гарантирана религиозната слобода
Како дополнение на неговиот неспоредлив економски прогрес, Сингапур ветува религиозна слобода за сите жители. За жал, Сингапур не го исполнува своето ветување. Особено луѓето кои се дружат со собранието на Јеховините сведоци откриле дека тоа е вистинито.
Уставот на Република Сингапур, Член 15(1), ја дава основната гаранција за слобода на обожавање: „Секое лице има право да ја искажува и практикува својата религија и да ја пропагира“.
Член 15(3) од Уставот гарантира: „Секоја религиозна група го има правото —
а) да управува со своите религиозни работи;
б) да воспоставува и одржува институции за религиозни или добротворни цели; и
в) да се здобие и да поседува имот, да го чува и да се грижи за него согласно со законот“.
Веќе во 1936, Јеховините сведоци биле дел од општеството во Сингапур. Многу години одржувале редовни собраниски состаноци во својата Сала на Царството лоцирана на Ексетер Роуд 8, веднаш спроти еден прометен пазар. Собранието цветало, истовремено придонесувајќи на свој единствен начин кон стабилноста на општествениот живот.
Јеховините сведоци забранети
На 12 јануари 1972, сето тоа се променило. Бил издаден налог за истерување со владината одредба за протерување, поглавје 109, наредувајќи му на христијанскиот мисионер Норман Дејвид Белоти и неговата сопруга Гледис, 23-годишни жители на Сингапур, да ја напуштат земјата. Тоа набргу било проследено со еден налог за укинување на регистрирањето на собранието на Јеховините сведоци во Сингапур. За неколку часа, Салата на Царството била запленета од полицијата која се пробила низ предната врата. Кратко после тоа следела една официјална забрана на сета литература на Watch Tower Society. Така започнал еден период на задушување на Јеховините сведоци.
После тоа, владата ја продала Салата на Царството како дел од нивната произволна постапка, сето тоа без известување — никакво сослушување, никакво судење, никаква прилика да се реагира.
Владата на Сингапур секогаш одново го наведувала неучествувањето на Јеховините сведоци во воената служба како оправдување за тоталната забрана. Неодамна, на 29 декември 1995, г-н К. Кесавапани, постојаниот претставник на Сингапур за Обединетите нации во Женева, во едно писмо адресирано до Х. Е. Ибрахим Фол, помошен генерален секретар за човекови права на Обединетите нации во Женева, го навел следново:
„Забраната на мојата влада на движењето на Јеховините сведоци произлегува од размислувањата за националната сигурност. Натамошното постоење на движењето би било штетно за доброто на јавноста и за добриот ред во Сингапур. Една неопходна попратна појава од укинувањето на регистрирањето на Јеховините сведоци беше сите нивни публикации да бидат забранети за да се зајакне забраната на движењето и за да се заузда ширењето и пропагирањето на нивните верувања“.
Со оглед на протестот поради ризикот на националната безбедност на Сингапур, треба да се забележи дека бројот на млади мажи кои одбиваат воена служба е приближно пет лица секоја година. Сингапур држи воена сила од околу 300.000. Владата на Сингапур одбила дури и да дискутира за цивилна национална служба за малиот грст луѓе кои се вклучени.
Неприкриено задушување
После неколку години несигурна толеранција, во 1992 почнало да се отвора ново поглавје на неприкриено задушување на човековите права кога неколкумина луѓе биле уапсени — оптужени поради поседување литература забранета со Одредбата за непожелни публикации. Во 1994, Watch Tower Society го испратила во Сингапур 75-годишниот В. Глен Хау, Советник на кралицата, адвокат и Јеховин сведок целиот свој живот. Неговиот статус како Советник на кралицата му дал признание што му овозможило да се појави пред судовите на Сингапур. Со оглед на религиозната гаранција на Уставот, била поднесена жалба до Првостепениот суд на Сингапур, вклучувајќи и оспорување на полноважноста на апсењата и забраната во 1972. На 8 август 1994, жалбата била одбиена од страна на Главниот судија Јонг Пенг Хау, од Првостепениот суд на Сингапур. Неуспешни биле и додатните напори да се поднесе жалба на одлуката.
До почетокот на 1995 изгледало дека легалното оспорување кое се темелело на Уставот на Сингапур предизвикало уште позадушувачки мерки. Со еден план во воен стил наречен Операција надеж, тајни полицајци од Отсекот за тајни друштва на Одделот за криминално истражување се нафрлиле врз неколку мали групи христијани кои се состанале во приватни домови. Приближно 70 полицајци и персонал за појачување ги воделе нападите од видот командо што довело до апсење на 69 лица. Сите биле транспортирани во центри за испитување, некои биле испрашувани во текот на целата ноќ и сите биле оптужени дека присуствувале на состаноците на Јеховините сведоци и дека поседувале библиски публикации. Некои биле држани во изолација и до 18 часа, не можејќи да им се јават ниту на своите семејства.
Оптужбите против странците биле отфрлени. Но кон крајот на 1995 и почетокот на 1996, 64 граѓани на Сингапур биле изведени пред суд. Сите 64 биле најдени виновни. Четириесет и седуммина, на возраст помеѓу 16 и 72 години, не ги платиле казните од илјадници долари и затоа биле испратени в затвор од една до четири седмици.
Пред да бидат испратени во нивните ќелии, мажите и жените биле голи соблечени и претресувани пред неколку луѓе. На некои жени им било кажано да си ги испружат рацете, да чучнат пет пати, да ја отворат устата и да го подигнат јазикот. Најмалку на една жена ѝ било кажано да ги користи прстите за да го отвори анусот. Во затворот, некои од мажите морале да пијат вода од клозетските шолји. Некои млади жени биле третирани како опасни криминалци, биле држани во самици за време на целата нивна казна и им биле давани половина оброци. Некои затворски чувари одбиле на Сведоците да им ги дадат дури и нивните Библии.
Но ајде да погледнеме неколку коментари на некои од затворените жени. Она што нивните извештаи го откриле од прва рака било во остра спротивност со чистата фасада на овој модерен град.
„Ќелијата беше валкана. Лавабото и клозетот беа во бедна состојба. Беа лигави и валкани. Под клупата на која седев имаше пајажина и кал.“
„Ми беше речено да се соблечам гола и ми беше дадена комплет затворска облека, кутија за сапун (без сапун) и четка за заби. Од другите затвореници во мојата ќелија дознав дека затворениците со краток рок не добиваат паста за заби ниту тоалетна хартија.“
„Во една ќелија бевме 20-мина. Клозетот е од типот со чучнување чиј ѕид е до мојот струк. Купатилото имаше само еден туш и едно лавабо со славина. Моравме да се капеме во групи од по шест — сите ние во ќелијата моравме да се тушираме во рок од половина час на сабајле.“
И покрај траумата од затворањето, сите сметале дека е предност да му се служи на Бог — кога и да било, каде и да било и под какви и да било околности. Забележете ги следните коментари од една тинејџерка:
„Од моментот кога стапнав во затворот, секогаш се потсетував на целта за која бев таму. Секој ден му се молев на Јехова да ја чуе мојата молитва и да не ме напушти. Чувствував дека одговори на мојата молитва бидејќи неговиот свет дух беше тој кој ми помагаше да издржам. Дури тогаш ја сфатив блискоста која ја имав со него и тоа многу ме зајакна, знаејќи дека тој нѐ набљудува. Се чувствувам привилегирана што можам да поминам низ овој испит заради неговото име“.
Весниците по светот бргу ја дознаа приказната. Печатот во Австралија, Европа, Канада, Малезија, Соединетите Држави, Хонгконг и на други места сѐ одново и одново ги одекнуваа настаните. The Toronto Star од Канада го резимираше скандалот на настанот со својот наслов „Бабичка осудена поради поседување Библија“. Како што е познато, светот има многу сериозни проблеми во кои се вклучени далеку поголем број луѓе, но во овој случај прашањето кое вчудовидените луѓе насекаде си го поставуваа е исто. „Во Сингапур?!“
Тешко е да се сфати зошто една религија која функционира отворено со потполна заштита на законот во повеќе од 200 земји по Земјината топка треба да се направи мета на прогонство во Сингапур. Станува уште потешко да се сфати кога ќе земеме предвид дека со ниедна друга религија во Сингапур не се постапува толку неразумно и своеволно.
Навистина, еден помошен началник на полиција кој предводел една група за напад на Јеховините сведоци му признал на судот дека тоа било единствениот пат што им било наредено на него и на неговите полицајци да растурат религиозен состанок. Следните цитати се од преписот на доказите:
П: (До сведокот) Колку што знаете Вие, дали Отсекот за тајни друштва некогаш иследувал и гонел некои религиозни групи кои не биле регистрирани, освен Јеховините сведоци?
О: Колку што јас знам, не.
Испрашувањето потоа продолжило.
П: (До сведокот) Дали Вие лично некогаш сте извршиле сличен напад врз мала религиозна група која се состанувала во дом и која не била регистрирана со Одредбата за друштва?
О: Не.
Повик за акција
Амнести Интернешенел и Здружението за интернационална адвокатура испратиле свој специјален набљудувач за да го надгледува интегритетот на судењата. Непристрасниот набљудувач на Амнести Интернешенел, Ендрју Рафел, самиот адвокат од Хонгконг, го рекол следново: „Во мојот извештај ставив дека тоа изгледаше како привидно судење“. Тој понатаму објаснил дека владини службеници кои биле повикани како сведоци не биле во можност да му објаснат на судот зошто литературата на Јеховините сведоци се смета за непожелна. Рафел навел некои од забранетите библиски публикации, вклучувајќи ги и Пут ка правој срећи и Учини своју младост успешном. Тој додал дека тие всушност не би можеле да се сметаат за непожелни во никој поглед.
Набљудувачот од Здружението за меѓународна адвокатура, Сесил Раџендра, го навел следново:
„Уште од почетокот, на овој набљудувач му беше очигледно дека целото судење не беше ништо друго освен една . . . фарса — привидно приредена за да му покаже на светот дека демократијата сѐ уште се практикува во Сингапур.
Исходот беше еден однапред создаден заклучок и воопшто немаше сенка на сомневање во кое било време пред, во текот на судењето или на неговиот завршеток дека сите обвинети ќе се најдат виновни за оптужбите.
Иако судењето се одржа во еден подреден суд и оптужбите всушност беа ситни прекршоци од Одредбата за друштва, атмосферата околу судот беше исполнета со страв и застрашување.
Тоа во голема мера се должеше на фактот што најмалку 10 униформирани полицајци беа стационирани таму (6 внатре во судската сала и 4 надвор) со неколку мажи од Специјалниот отсек облечени во цивилна облека кои седеа во галеријата“.
Коментирајќи за начинот како самото судење било водено, Раџендра продолжил:
„Однесувањето на споменатиот Судија во текот на периодот на набљудувањето (како и за време на целиот тек на судењето, како што е докажано со преписите) воопшто не задоволува . . . Спротивно на сите норми на праведно судење, Судијата сѐ одново интервенираше на страната на тужителите и ја осуети одбраната накрсно да ги испрашува сведоците од страна на тужителите за доказниот материјал, на пр. верзијата на Библијата King James, понудена од тужителите за да се покаже дека обвинетите поседувале забранети публикации!“
Толку голема е меѓународната загриженост поради задушувањето на човековите права од страна на Сингапур што едно списание основано во Белгија под наслов Human Rights Without Frontiers издало еден извештај од 18 страници кој во потполност зборува за нападот на сингапурската влада врз Јеховините сведоци. Пишувајќи на уреднички начин, Вили Фотра, главен уредник на тој журнал, многу јасно ја одреди вистинската мера на човекова слобода во која и да било политичка држава:
„Иако религиозната слобода е еден од најдобрите показатели за општата состојба на човековата слобода во кое и да било дадено општество, многу малку световни организации за човекови права биле вклучени или во процесот на елиминирање на тие облици на дискриминација и нетолеранција темелени на религија или верување, или во развојот на политика која би ја штитела и унапредувала религиозната слобода“.
Human Rights Without Frontiers издало свој список на препораки напишани со масни букви на задната корица од нивниот извештај.
Јеховините сведоци се од корист за Сингапур. Тие ги почитуваат правата на своите ближни и нема да извршат никакво злодело против нив. Ниеден граѓанин на Сингапур не мора да се грижи за тоа дека неговиот дом ќе биде провален, дека ќе биде ограбен, претепан или силуван од некој Јеховин сведок.
Нивната доброволна јавна служба го зајакнува и подобрува фамилијарниот живот и унапредува добро граѓанство. Тие водат бесплатни библиски студии со секој кој сака да ги учи изградувачките начела од Библијата и како да ги применува во неговиот или нејзиниот живот. Нивните состаноци за проучување на Библијата и за молитва се дел од нивното христијанско образование. Тоа довело до тоа да бидат добри граѓани.
Граѓаните на Сингапур кои ја почитуваат својата република и ѝ го посакуваат најдоброто на нејзината иднина треба да ја поттикнат владата уште еднаш да го погледне законското место на Јеховините сведоци во општеството на Сингапур. Време е да се отстранат санкциите против нив и да им се врати она на кое има право секој граѓанин — слобода на обожавање.
[Рамка на страница 25]
Светот гледа
1. „Кога една вечер, минатиот февруари, сингапурската полиција се нафрлила врз пет домови во стилот на воен блиц, 69 мажи, жени и тинејџери беа уапсени и одвлечкани во главниот полициски штаб. Така не требало да завршат состаноците за библиско проучување“ (The Ottawa Citizen, Канада, 28 декември 1995, страница А10).
2. „Би бил извор на вистинско задоволство за сите оние кои се заинтересирани за религиозната слобода и за правата на совеста кога владата на Сингапур би го поправила својот став во врска со членовите на тој невин и безопасен народ и би им дозволила да ја практикуваат и пропагираат својата вера без страв или пречки“ (Професор Брајан Р. Вилсон, Универзитет Оксфорд, Англија).
3. „Во серија судења кои предизвикаа протести од меѓународни групи за граѓанска слобода, судовите на Сингапур осудија 63 Јеховини сведоци од минатиот ноември наваму“ (Asahi Evening News, Јапонија, 19 јануари 1996, страница 3).
4. „На Јеховините сведоци треба да им се дозволи да се состануваат и мирно да ја практикуваат својата религија без закана од апсење или затворање. Слободата на религија е фундаментално право кое е гарантирано со Уставот на Сингапур“ (Амнести Интернешенел, 22 ноември 1995).
5. Чан Сиу Чинг, претседавач на Комисијата за правда и мир на Католичката епархија на Хонгконг, во едно писмо до Ли Куан Јиу, Виш министер, Канцеларија на премиерот, датирано 1 јуни 1995, навел: „Главното прашање е тоа дека владата на Сингапур дури и да мисли дека оние кои одбиваат воена служба го прекршуваат законот и дека треба да бидат оптужени, другите членови кои само учествуваат во религиозни собири со цел да обожаваат не треба да бидат погодени . . .
Според тоа, ние пишуваме за да побараме од Вашата Влада:
1. Да не ги забранува Јеховините сведоци за да можат да уживаат слобода на обожавање и на совест.
2. Да престанат да ги оптужуваат членовите на Јеховините сведоци кои само присуствуваат на собирите со религиозна цел.
3. Да ги ослободат оние членови на Јеховини[те] сведоци кои биле уапсени неодамна само затоа што присуствувале на религиозни активности“.
[Слика на страница 22]
Јеховините сведоци во судот откако биле донесени оптужбите
[Слика на страница 22]
Оваа 71-годишна жена Сведок му рекла на судијата: „Јас не сум никаква закана за оваа влада“. Сепак, била затворена