Дали децата се безбедни со вашето куче?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА
ДВЕГОДИШНИОТ Сидни залутал преблизу до еден агресивен ротвајлер кој бил врзан. Кучето нападнало, го повредило темето на Сидни и речиси го откинало неговото лево уво. Ќе му бидат потребни низа пресадувања на кожата.
Бидејќи повеќе луѓе користат кучиња заради заштита, постојат сѐ повеќе извештаи за напади на кучиња врз деца. Некои кучиња за кои е познато дека касаат деца се: ротвајлери, добермани, булмастифи, волчјаци (германски овчари) и бултериери. Една анкета спроведена во Јужна Африка открила дека од испитаните случаи, мнозинството каснати деца биле нападнати од кучиња кои тие ги знаеле. Скоро половина од нив биле жртви на кучињата од соседите, а една четвртина биле каснати од сопствените кучиња. Заскитани кучиња биле одговорни само за 10 проценти од нападите. Честопати жртвата, можеби без да сфати, на некој начин го испровоцирала кучето. Очигледно, многу напади од кучиња можат да бидат избегнати доколку сопствениците на кучиња и родителите преземат некои основни мерки на претпазливост.
Обучувајте го детето
Многу дресери на кучиња нагласуваат дека малите деца и кучињата не треба да бидат оставени сами без надгледување од возрасните. Малите деца не знаат како да постапуваат со животните. Мора да бидат научени. Според тоа, многу луѓе го применуваат правилото дека доколку некој одговорен возрасен не може да биде присутен, кучињата и малите деца се чуваат на одвоени места. Дресерот Брајан Килкомонс во книгата Childproofing Your Dog забележува: „Од приказните кои ги слушаме, мнозинството од проблемите се случуваат кога очите на возрасните се на друго место“.
Честопати, на животните им е потребна заштита од децата! Килкомонс бил повикан да помогне кога кучето на едно семејство зграпчило едно дете. Избезумениот татко објаснил дека неговиот двеиполгодишен син се стрчал кон кучето кое спиело и силно го клоцнало. Кучето, очигледно во болка, реагирало така што го зграпчило детето. Во оваа ситуација кучето покажало пофално воздржување со тоа што не го укасало детето. Овој дресер ги советува родителите: „Не му дозволувајте на Вашето дете да му направи на кучето, нешто што не би дозволиле да му биде направено на друго дете“.
Поучувајте го своето дете како љубезно да постапува со животните. Поучете го никогаш да не задева куче. Родителите треба да бидат будни за да ги уочат сите можни опасности кога децата и кучињата се заедно. Доколку забележите дека кучето се обидува да се извлече или да се скрие од детето, запрете го детето да не оди по него. Ако детето го следи кучето и го доведува во ќош, негова единствена одбрана е да лае, да завива или дури и да каса. Родителите треба постојано да дисциплинираат, така што и кучето и детето ќе знаат дека родителот го мисли она што го вели.
Не постапувајте со кучето како со изгнаник. Кога една брачна двојка со куче го добие своето прво бебе, може да постои склоност да го игнорира кучето и да го протера во дворот зад куќата. Иако е разумно да се преземат мерки на претпазливост, дресерот Ричард Стабс советува: „Со кучето не треба да се постапува како со изгнаник. Наместо тоа, колку што е можно задржете ја рутината на кучето и посветете му внимание во разумна мера“.
Земете предвид како ќе реагира Вашето дете на непознати кучиња. Доколку види како некој непознат шета куче на улица, што ќе стори? Ќе се стрча присилно да го гали кучето? Поучете го да не го прави тоа. Тоа првин мора да го праша сопственикот за дозвола. Потоа, ако сопственикот се сложи, тоа може бавно да се движи кон кучето за да не го уплаши. Треба да се запознае со него така што ќе стои на мало растојание и мирно ќе му зборува на кучето. Пријателски настроеното куче ќе му пристапи на Вашето дете. Кучињата кои без надзор шетаат по улиците најдобро е да се остават намира. (Види ја рамката „Кучешки говор на телото“, страница 26).
Дресирајте го кучето
Секогаш пофалете го своето куче и бидете позитивни. Казната или грубите зборови не го забрзуваат учењето, туку имаат спротивен ефект. Добро е кучето да научи да дојде кога е повикано и да ги слуша и основните заповеди како „Седи!“ Кучето учи подложност на својот господар и тоа му дава на сопственикот подобра контрола во замрсени ситуации. Најдобро функционираат едноставни зборови и фрази. Не отстапувајте од истите. Кога Вашето куче ќе ја изврши саканата постапка, веднаш дајте му награда во облик на пофалба, милување или колаче. За да се има саканиот зајакнувачки ефект, наградата мора да се даде веднаш после постапката. Следниот важен елемент е повторување сѐ додека однесувањето стане цврсто утврдено.
Ако набавите куче — или мало кученце или некое постаро — можеби ќе му треба помош за да се навикне на децата. Децата реагираат поинаку од возрасните. Тие се побучни и поимпулсивни и веројатно ќе истрчаат кон кучето, што може да го заплаши. Добро е да го навикнете своето милениче на такво променливо однесување. Кога децата не се околу, навикнете го кучето на ненадејна бучава. Дресирањето претворете го во игра. Гласно заповедајте му на кучето и истрчајте кон него. Потоа, веднаш наградете го Вашето куче. Постепено Вашите извици правете ги погласни. Обрнете му поголемо внимание на Вашето милениче. Наскоро ќе ужива во таа игра.
Малите деца сакаат да прегрнуваат кучиња, но треба да бидат научени да не го прават тоа бидејќи некои кучиња се чувствуваат загрозени од таков близок контакт. Во случај децата да го прегрнат Вашето куче, можете да го дресирате да го прифати тоа. Прегрнувајте го Вашето куче краток период, а потоа — колаче и пофалба. Постепено, прегрнувајте го подолго. Доколку Вашето куче завива или ’рже, побарајте помош од квалификуван дресер.
Агресивно куче
Изгледа дека некои кучиња по природа се агресивни и можат да бидат опасност за членовите на семејството. Постои поголема веројатност машките кучиња да ги манифестираат овие агресивни карактеристики.
Доминантното куче не сака да биде задевано, особено околу некои осетливи места како што се лицето и вратот. Но, во други прилики кучето може да Ви пристапи, да Ве поттурне или дури и да ги стави своите шепи на Вашиот скут „молејќи“ за внимание. Тоа може да чува стратешки места од домот, не дозволувајќи им ниту на членовите од семејството да припарат. Честопати, тоа е посесивно за предмети како што се играчки и може да завива или да престане да ги џвака, кога му се пристапува додека е зафатено со нив.
За да го зајакнат своето водство, таквите кучиња намерно ќе ги игнорираат познатите заповеди. Тие може да се удираат во децата или да очекуваат први да поминат низ влезот. Тие можат да бидат и склони да се качуваат на луѓето. Тоа, наведува Брајан Килкомонс, е „постапка на доминација“ а „не за секс“. Тој предупредува — тоа „секогаш е знак дека кучето мисли оти тоа е газда. Многу е јасно дека треба да се очекува неволја“. Кучето може исто така да развие навика да ја зема раката на својот сопственик во својата уста за да бара внимание.
Овие знаци на агресија не треба да се игнорираат. Агресијата нема едноставно да исчезне; поверојатно ќе се зголеми, а децата во домот можат да бидат во опасност. Многу дресери препорачуваат таквото куче да се кастрира, независно од неговиот пол, зашто тоа обично помага да се намали агресијата.
Не е препорачливо да се предизвикува едно агресивно куче за да му се покаже кој е газда. Агресивната конфронтација и грубата дисциплина би можеле, всушност, да бидат опасни. На попрефинети начини, на кучето може да му биде покажано кој е газда.
Секојпат кога некое агресивно куче ти пристапува за внимание и ти му го даваш, ти го тераш кучето уште повеќе да верува дека тоа е газда. Затоа, кога едно такво куче бара внимание, игнорирај го. Целото семејство мора да соработува во таа постапка. Кучето на почетокот ќе биде збунето и можеби дури и ќе лае и ќе те гледа со умилкување, но спротивстави му се на искушението да попуштиш. Кога тоа ќе се повлече и можеби ќе оди да си легне во својот агол, тогаш е време да му посветиш малку внимание. На тој начин твоето куче учи дека ти си водач и дека ти одлучуваш кога да се посвети внимание.
Агресивните игри како што се влечење јаже и борење можат да ги потхранат доминирачките склоности кај кучето и треба да се избегнуваат. Наместо тоа, замени ги со неагресивни игри.
Подобро е кучето да не спие в спална. Спалната е привилегирано место и спиењето таму може да го подигне замислениот статус на кучето над децата во куќата. Наместо тоа, креветот на кучето стави го во кујната или во некој надворешен кучкарник. Честопати, од агресивно куче први се укасани сопствениците и тоа во своите спални.
Доколку твоето куче не реагира на твоите напори или доколку се чувствуваш загрозен додека го дресираш или во кое и да било друго време, побарај помош од компетентен дресер за кучиња. Можеби твојот ветеринар ќе може да ти препорача некого. Првин зборувај со него за неговите дресерски методи и увери се дека си среќен поради неговите способности пред да го изнајмиш. Дресерот Ричард Стабс предупредува: „Иако агресивното куче можеби ќе реагира кај професионален дресер, тоа не е гаранција дека тоа ќе биде истото и кај својот сопственик“. Сопственикот на кучето мора да биде сигурен дека може да задржи контрола над своето куче во критични ситуации.
Мал број кучиња ќе останат агресивни дури и после најдоброто дресирање, а нивното чување го изложува семејството на ризик. Откако сте се обиделе со најдоброто, можеби мислите дека е подобро да се ослободите од кучето наместо да ризикувате повреда. Добро е да се консултирате со некој ветеринар или дресер за совет. Можеби ќе можете да најдете друг дом за Вашето куче, но се разбира дека сте обврзани да му кажете на новиот сопственик за проблемите кои сте ги имале со кучето.
Дресерот Петар Невил советува: „Со доминантните кучиња мора да се постапува само под многу внимателни упатства и со внимателно одмерување за тоа кој и колку понатаму ќе биде изложен на ризик. Доколку не може да се гарантира сигурност за лицето кое е изложено на најголем ризик во семејството, тогаш подобро е кучето да се смести кај внимателно избран нов сопственик или да се усмрти“.
Децата можат да научат и во емоционален поглед да извлечат корист од имањето кучиња како миленици. Со тоа што обезбедуваат одговорно надгледување, родителите помагаат да се уверат дека сите сеќавања на нивните деца за миленичињата се пријатни.
[Рамка на страница 26]
Кучешки говор на телото
Карактеристичното однесување на агресивното куче открива непријателски намери. Поучувајќи го своето дете да го препознае говорот на телото на ова куче, можете да му помогнете да избегне опасни ситуации.
● Агресивното куче ќе се обиде да изгледа поголемо. Косата на задниот дел од неговиот врат може да се накостреши. Кучето може да завива или да лае, со опашката исправена. Доколку опашката ја мавта со круто, брзо мавтање од возбудување, тоа не означува пријателство. Тоа куче треба да биде оставено само.
● Страшливото куче може да се наведне, главата и ушите да му бидат надолу, а опашката — долу или помеѓу нозете. Доколку му се пристапи на тоа куче, може да стане агресивно од страв. Оставете го само.
● Опуштеното куче стои, држејќи ја главата не превисоко или прениско, устата му е отворена а опашката малку под линијата на грбот, но не ја обесува. Опашка која се мафта е пријателски знак. Обично, во ред е да се спријателуваме со тоа куче.
(Приспособено од книгата Childproofing Your Dog од Брајан Килкомонс и Сара Вилсон.)
[Рамка/слики на страница 27]
Безбедност со куче
1. Надгледувајте ги малите деца и кучињата.
2. Поучувајте го своето дете никогаш да не задева куче.
3. Прашајте го сопственикот за дозвола пред да галите непознато куче.
4. Дресирајте го Вашето куче да ги слуша основните заповеди.
5. Навикнете го Вашето куче на прегрнување.
6. Избегнувајте агресивни игри.