Виа Игнација — друм кој ја потпомогнал експанзијата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГРЦИЈА
ВО 50 н. е. една група христијански мисионери првпат стапнале на европска почва. Тие дошле како одговор на една покана која ја добил апостол Павле во визија: „Премини во Македонија и помогни ни!“ (Дела 16:9). Пораката за Исус Христос која ја донеле Павле и неговите придружници имала драматично влијание врз Европа.
Важна помош во ширењето на христијанството во Македонија бил Виа Игнација, поплочен римски друм. Откако стигнале на морското пристаниште Неапол (сега Кавала, Грција), на северниот дел од Егејското Море, мисионерите очигледно патувале по тој друм до Филипи, главниот град на областа Македонија. Патот понатаму водел до Амфипол, Аполонија и Солун, следните станици на Павле и неговите придружници (Дела 16:11—17:1).
Делови од овој древен друм се останати до денешен ден и сѐ уште секојдневно се користат. Сега постојат планови да се изгради современ автопат кој ќе ја следи маршрутата на древниот друм и ќе го носи истото име.
Кој го изградил првобитниот друм? Кога бил изграден и со каква намера?
Зошто бил потребен
Додека Рим продолжил со своето освојување спрема исток, Македонија станала римска провинција во 146 пр. н. е. Меѓутоа, таквата добивка создала нова потреба за империјата — способноста воените сили брзо да се распоредат до новите територии. Виа Апија, или Апискиот пат, на Италијанскиот Полуостров веќе го поврзувал Рим со југоисточното јадранско крајбрежје. Но, сега, на империјата ѝ бил потребен еден сличен друм на Балканскиот Полуостров, и така бил смислен Виа Игнација. Бил наречен по главниот инженер на проектот, римскиот проконзул Гнај Игнациј.
Почнувајќи од пристанишниот град Дирахиј во провинцијата Илирик (Драч, Албанија), Виа Игнација се протегал сѐ до древниот град Византија (Истанбул, Турција), зафаќајќи преку 800 километри. Градбата започнала во 145 пр. н. е. и биле потребни околу 44 години за да се доврши. Како што била намерата, Виа Игнација наскоро станал многу корисен инструмент на римската политика за експанзија кон Исток.
Тежок терен за еден пат
Меѓутоа, теренот ја направил градбата на друмот да биде предизвик. Во неговата почетна етапа, на пример, патот се среќава со Охридското Езеро и го заобиколува северно. Потоа, откако кривулесто се движи низ планински превои и се пробива спрема исток преку негостољубив терен со длапки во вид на чинии, соголени планини и долински базени делумно исполнети со езера, патот конечно стигнува до централно-македонската низина.
Како што друмот се приближува кон градот Солун, следи рамномерен и отворен предел. Но теренот на источната страна од градот е ридест. Извивајќи се низ тие брда, Виа Игнација се спушта во една долина исполнета со езера со слабо означени и мочурливи граници. Продолжувајќи понатаму, кривулесто се движи низ долини и мочуришта сѐ додека не стигне до древниот град Неапол.
Оттаму, маршрутата го следи егејскиот морски брег спрема исток и преминува во регионот Тракија. Во неговиот конечен дел, друмот зазема прилично прав и рамен правец до неговата дестинација, Византија.
Служејќи на неговата намера
Виа Игнација станала најдиректна и најпогодна маршрута помеѓу Рим и римските освоени земји источно од Јадранското Море. Тој го олеснил формирањето на римските колонии во македонските градови и извршил силно влијание врз економскиот, демографскиот и културниот развој во областа. Друмот го овозможил лесниот транспорт на бакар, битумен, сребро, риба, масло, вино, сирење и други предмети.
Благосостојбата која резултирала од таквата трговија претворила некои одредени градови долж патот, како што се Солун и Амфипол, во едни од најголемите градски центри на Балканот. Особено Солун се развил во важен комерцијален центар, богат со уметнички и културни активности. Вистина, цената за одржување на тој пат делумно паѓала врз заедниците низ кој поминувал. Но, за возврат, тие заедници ги уживале богатите благодети од меѓународната трговија.
Улога во ширењето на христијанството
Меѓутоа, на луѓето кои живееле во таа област, Виа Игнација им донел благодат далеку посупериорен од материјалната благосостојба. Земете ја, на пример, успешната деловна жена Лидија. Таа живеела во Филипи — првиот град во Европа кој ја слушнал добрата вест што ја проповедал Павле. Откако во 50 н. е. пристигнале во Неапол, апостол Павле и неговите придружници патувале 16 километри северозападно долж Виа Игнација до Филипи.
„Во саботата“, напишал Лука, „излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.“ Меѓу жените кои го слушале Павле била Лидија. Истиот тој ден, таа и нејзиното домаќинство станале верници (Дела 16:13, 14).
Од Филипи, Павле и неговите придружници продолжиле по Виа Игнација преку Амфипол и Аполонија до Солун, вкупно околу 120 километри (Дела 17:1). За да ја проповеда добрата вест во Солун, Павле ги користел собирите на Евреите на сабатниот ден во локалната синагога. На тој начин, некои Евреи и мноштво Грци станале верници (Дела 17:2—4).
Денес, на ист начин, Јеховините сведоци во Албанија, Грција и Македонија користат делови од истиот тој друм за да ги достигнат луѓето кои живеат на тие територии. Нивната цел е да ја шират добрата вест за Божјето Царство, токму како што тоа го правеле апостол Павле и неговите мисионерски придружници (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Навистина, Виа Игнација е римски друм кој ја потпомогнал духовната експанзија, како во 1 век така и наваму во овој 20-ти век!
[Карта на страници 22 и 23]
БРИТАНИЈА
ЕВРОПА
АФРИКА
БАЛКАНСКИ ПОЛУОСТРОВ
МАКЕДОНИЈА
ГРЦИЈА
Дирахиј, Илирик (драч, Албанија)
Солун
Аполонија
Амфипол
Филипи
Неапол (Кавала)
Византија (Истанбул)
ЦРНО МОРЕ
МРАМОРНО МОРЕ
ТРАКИЈА
ЕГЕЈСКО МОРЕ
Троја
ТУРЦИЈА
[Извор на слика на страница 22]
Mountain High Maps® Copyright © 1995 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 22]
На пат кон Неапол
[Слика на страница 23]
На пат кон Филипи