Рај без проблеми — само сон?
„ТОЛКУ е мирно!“ Видикот од боровата шума над Езерото Редфиш во државата Ајдахо (САД) навистина беше спокоен. „Тоа е токму онака како што си го замислувам рајот“, рекол патникот.
Сонцето брилијантно светеше на јужниот брег на медитеранскиот остров Кипар. Брановите нежно удираа по плажата. Седнат во еден ресторан на врвот од една карпа која има поглед на таа далечна глетка, посетителот извика: „Ова е рај!“
Многумина од нас високо ги ценат спомените на ваквите пејзажи. Но жителите сфаќаат дека рајската околина честопати лажно ги прикажува грубите реалности на секојдневниот живот: шумски пожари на пошумените ридја на Карпестите планини, загадување на морето кое влијае врз рибите, а на крајот и врз луѓето — а да не зборуваме за меѓународните конфликти и конфликтите во рамките на заедницата кои го загрозуваат животот.
Рај — Што е тоа?
Како Вие си го замислувате рајот? The New Shorter Oxford English Dictionary како своја прва дефиниција ја дава „градината Едем опишана во 1. Мој[сеева] 2, 3“. Тоа се однесува на описот во првата книга од Библијата за регионот каде што Бог го сместил првиот човек, Адам. Во тој првобитен Рај во изобилство растеле дрвја „убави за гледање и добри за јадење“ (1. Мојсеева 2:9).
Втората дефиниција на тој заглавен збор во речникот го поврзува „рајот“ со „небесата во христијанската и муслиманската теологија“, но потоа додава: „Сега пред сѐ поет[ски]“. Меѓутоа, за нашиот патник и посетител, рајот бил „регион со ненадминлива убавина или задоволство“ — третата од дефинициите во речникот.
Британскиот државник од 16 век, сер Томас Мур, напишал една книга со наслов Utopia во која опишал една замислена земја каде што законите, владата и општествените услови се совршени. Тоа изгледало толку нереално што денес Webster’s New Collegiate Dictionary дава една дефиниција за „Утопија“ како „непрактичен план за општествено подобрување“.
За следбениците на секташкиот водач на Храмот на луѓето, Џим Џонс, утопијата претставувала една чистинка во џунглата на Гвајана. За жал, во 1978 тој рај по кој се надевале станал сцена за смртта на преку 900 од нив — навистина кошмар! Како резултат на тоа, луѓето понекогаш ја поврзуваат идејата за рајот со чудни секти чии практики шокираат и вознемируваат.
Во еден свет каде што криминалот и насилството се закануваат, каде што демнее болеста како за возрасните така и за децата и каде што омразата и религиозните разлики ги делат заедниците, убавата околина честопати не е ништо друго освен едноставна фасада. Не е чудо што луѓето мислат дека рајот не е ништо друго освен сон! Но, тоа не спречило некои луѓе да се обидуваат да најдат или дури и да си направат рај за себеси. Колку биле успешни во тоа?