Бес на патот — како можете да излезете накрај?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ГУБЕЊЕТО на присебноста и насилството што произлегува од тоа, сѐ повеќе се појавуваат во светските новински извештаи. Меѓу осврнувањата на бесот крај количките (во кои муштериите кои користат колички за купување храна ја излеваат својата лутина еден врз друг во супермаркетот) и бесот крај телефонот (предизвикан од технологијата која допушта лицето што го повикувате да Ве прекине за да преземе друг повик), бесот на патот е она што го пленило вниманието на луѓето во Британија.
Бесот на патот е толку распространет што еден извештај од 1996 година за навиките на возење тврдел дека во Британија „достигнал епидемиски размери, со речиси половина од сите возачи кои доживеале некој облик на напад или злоупотреба во текот на минатата година!“ Анкетата на едно автомобилско здружение отишла уште подалеку и известила дека „девет од секои десет возачи тврдат дека биле жртви на бес на патот“. Интересно е што истата анкета забележала дека „само шест од десет [возачи] признаваат дека изгубиле присебност зад воланот“.
Што го предизвикува бесот на патот? Ако сте жртва, што можете да сторите за да се заштитите? Ако Ве разлутува нечие возење, што треба да сторите? Всушност, додека бесот на патот се шири, како можете да излезете накрај?
Причина и последица
Разлутените возачи не се ништо ново. Еден поранешен престапник бил англискиот поет Лорд Бајрон. Во 1817 година тој напишал едно писмо во кое раскажал една расправија што ја имал на патот. Се вели дека некој друг корисник на патот бил „дрзок“ кон коњот на Бајрон. Како резултат на тоа, поетот го плеснал човекот по ушите.
Во повеќето земји, како што расте обемот на сообраќајот, се зголемува и фрустрацијата на возачите. Во 1980-тите, весниците на САД го опишале предизвикувачот на инциденти од насилничко возење како „бес на патот“. Иако не претставува легален концепт, бесот на патот пригодно ги опишува емоциите кои се во коренот на многу насилнички дела што ги извршуваат возачи кои се испровоцирани од начинот на возење на другиот шофер.
Ставот „прво јас“ денес ги преплавува нашите патишта. Истражувачите на возачките навики заклучуваат дека „извршителите на насилство или агресија речиси секогаш веруваат дека тие самите се праведните жртви на асоцијалното однесување на некој друг“, забележува The Times од Лондон. Без оглед на тоа колку диво некој возач манипулира со своето возило, тој се чувствува дека е во право. Но, кога некој друг возач ќе направи некој ситен прекршок на учтивост на патот, бесот на патот се разгорува.
Сѐ поголемата култура на дрога, толку раширена меѓу младите луѓе, исто така придонесува за бес на патот. Според еден болнички стручен советник, злоупотребата на кокаинот „може да се спореди со пиењето и возењето“. Возачите кои земаат дрога, честопати имаат превисоко гледиште за нивните лични способности. Како резултат на тоа, некои ги возат своите возила со опасна брзина. Други возат нестабилно, со нарушено просудување.
Исто така, размисли за ефектот што го има стресот врз возачот. Професорот Кари Купер, од универзитетот Манчестер, ги обвинува стресовите и несигурностите на секојдневниот живот во 1990-тите за голем дел од бесот на патот. „Возачите доживуваат сѐ поголем стрес и бројот на насилнички напади се зголемува“, вели еден претставник на Кралскиот автомобилски клуб. Една зафатена функционерка за јавни односи, која сега минува долги часови возејќи до и од работа, признава дека не е толку толерантна како што била некогаш. „Сега брзо избувнувам и се раздразнувам за мали работи кои порано не би ми сметале“, вели таа како што известува The Sunday Times. Можеби и Вие го мислите истото. Ако е така, што можете да сторите?
Избегнувајте да предизвикувате бес на патот
Сфати дека другите возачи не се совршени. Повремено тие ќе ги прекршат правилата. Земете го ова предвид кога ќе возите. Размислувајте однапред. На пример, Вие можеби возите на десната страна, односно на бавната лента од еден автопат со повеќе ленти. Но, тогаш се приближувате кон раскрсница каде што еден влез, односно кос приод, го филтрира сообраќајот за да се спои со автопатот. Кога ќе погледнете напред, гледате како од влезот се приближува еден автомобил. Дали расудувате дека Вие сте биле таму прв, дека имате право да возите по Вашата лента? Зошто Вие да попуштите пред спојувањето на сообраќајот? Зошто да се упатите на друга лента, доколку имате чист простор, за да му допуштите на другиот возач да се вклучи на автопатот? Но размислете, што ќе се случи ако инсистирате да се држите за својата лента и ја задржувате брзината? Можеби и возачот кој се приклучува на автопатот ќе размислува слично. Неизбежно е дека некој мора да попушти; инаку ќе настане катастрофа.
Мудро е тоа што возачот кој сака да избегне да испровоцира бес на патот гледа напред и вози внимателно. Тој попушта кога може и не се разлутува кога другиот возач пропушта да ја признае учтивоста што му била покажана. Еден претставник од британскиот институт за напредни возачи проценува дека секој трет шофер има проблем со опасен став. Иако овие возачи можат вешто да управуваат со своите возила, ним им недостига учтивост. Тој ги нарекува „добри шофери, но лоши возачи“.
Повеќето возачи повремено ги игнорираат другите корисници на патот. Но, тоа не оправдува ако и Вие постапувате така. Размислете за можните последици. Сигурно не сакате никаква тврдоглавост од Ваша страна да предизвика застој. Не допуштајте да Ве совладаат емоциите. Еден стручњак за возење советува: „Никогаш не смеете да реагирате или да одговарате на агресијата на патот“. Одбијте да се придружите во клубот на бес на патот!
Дали Вие сте жртва?
Речиси секој шофер некогаш бил жртва на бес на патот. Подигнатата тупаница, извиканата навреда, агресивните маневри можат да заплашат, и заплашуваат. Сигурно дека најдобрата заштита е да се избегне конфликт. Една жртва се чувствувала заплашена кога некој друг возач сакал да ја претекне. Конечно, разлутениот возач ја престигнал, ѝ го пресекол патот и толку забавил што жртвата стравувала дека нивните автомобили ќе се судрат. Ова потрајало некое растојание и завршило дури кога жртвата свртела по друг пат.
Ако увидите дека другите возачи сакаат да Ве претекнат, дајте сѐ од себе за да ги пуштите. Избегнувајте да инсистирате на Вашето право да бидете таму каде што сте на патот. Ако свесно сте ги раздразниле другите, извинете се. Со гест покажете дека Ви е жал дури и за тоа што ненамерно сте нанеле навреда. Запомнете дека благиот збор може да го смири бесот.
Но, ако од некоја причина Вие сте жртвата на напад на бес на патот, не се одмаздувајте. „Не враќајте со иста мерка“, советува списанието Focus. „Во својот автомобил не носете работи кои би можеле да се употребат како опасно оружје“. Други совети: Вратите на Вашиот автомобил држете ги заклучени, а прозорите затворени. Избегнувајте визуелен контакт со агресорот.
Горните предлози за тоа како да се излезе на крај со бес на патот не се нови. Тие се слични на советот што многу одамна го дал израелскиот цар Давид: „Не жести се поради злобниците“, советувал тој. „Не завидувај им на оние што вршат беззаконие. Престани да се гневиш и остави ја јароста“ (Псалм 36:1, 8).
Иако бесот на патот расте, не допуштајте да порасне и во Вас!
[Рамка/слика на страница 31]
Контролирање на бесот на патот
Автомобилското здружение забележува дека, кога станува збор за отстранување на бесот на патот, „менувањето на ставовите е исто толку важно колку и смислувањето противмерки“. Стекнувањето реално гледиште и за Вашите возачки вештини и за вештините на другите корисници на патот, битно е за да се излезе на крај со бесот на патот. Иако грешките на другите Ви ги бодат очите, не ги превидувајте и Вашите сопствени возачки маани. Прифатете го фактот дека има возачи кои се подбиваат на правилата на патот. Кога возите, погрижете се да бидете потполно будни. Заморот придонесува за стресот. Еден моментален недостиг на концентрација може да има фатални последици.
Разгледајте ги и следниве совети и забележете како тие се однесуваат на изреките на мудриот цар Соломон.
• Дали Вашите патници ја гледаат Вашата лутина? Можеби Ви предлагаат да се смирите. Немојте едноставно да го отфрлите нивниот совет и остро да одвратите дека тие се возачи отстрана. Запомнете, смирениот став е поздрав и можеби дословно ќе Ви помогне да живеете подолго! „Кроткото срце е живот за телото“ (Изреки 14:30).
• Мислете и на другиот возач и избегнувајте проблеми. „Мудриот бега од злото, а неразумниот се надева во себе и со беззаконици се дружи“ (Изреки 14:16).
• Смирете ја лутината со извинувачки гест или збор. „Кроткиот одговор гневот го ублажува“ (Изреки 15:1).
• Другите можеби се склони кон бес на патот, но Вие не морате да ги имитирате. „Не дружи со гневлив“ (Изреки 22:24).
• Избегнувајте да се вмешувате во туѓи расправии. „Отстапи од караницата пред да се разгори“ (Изреки 17:14).