Јехова го израмни нашиот пат
РОДЕН сум во 1924 година, во близината на Кам, гратче во швајцарскиот кантон Цуг. Моите родители имаа 13 деца — 10 момчиња и 3 девојчиња. Јас бев првородениот, машко. Две момчиња умреа кога беа мали. Ние останатите добивме строго католичко воспитување на една фарма во текот на Големата Депресија.
Татко ми беше чесен човек со добра нарав, но беше подложен на напади на бес. Понекогаш, тој дури и ја тепаше мајка ми кога таа неправедно го прекоруваше поради нејзината љубомора. Таа не можеше да поднесува тој да разговара со жените од нашето соседство, иако немаше причина за да се сомнева во неговата верност. Ова многу ме вознемируваше.
Мајка ми беше многу суеверна. Дури и малите настани таа ги толкуваше како знак од „кутрите души во чистилиштето“. Јас ја мразев таквата лековерност. Но, свештениците ги потхрануваа нејзините суеверни верувања со материјал за читање кој го поддржуваше нејзиното погрешно религиозно размислување.
Имав прашања
Уште како момче, мојот ум го окупираа прашања во врска со Бог и човековата судбина. Се обидував да дојдам до логични заклучоци, но имаше толку многу противречности! Читав католички публикации за светците, чудата итн. Меѓутоа, тие не го задоволија моето чувство за разумност. Се чувствував како да тапкам во темнина.
Локалниот свештеник ме опомена да не се задлабочувам во прашањата што ги имав. Тој рече дека желбата да разберам сѐ е знак на гордост и дека Бог им се спротивставува на горделивите. Учењето кое ми беше особено одбивно беше дека Бог вечно ќе ги мачи во огнен пекол сите оние кои умреле без да ги исповедаат своите гревови. Бидејќи тоа значеше дека повеќето луѓе на Земјата ќе бидат мачени засекогаш, јас честопати се прашував: ‚Како може ова да се усогласи со Божјата љубов?‘
Се прашував и за католичкиот обичај на исповедање. Бев уплашен кога во католичкото училиште ни кажаа дека нечистите мисли се тежок грев за кој е потребно исповедање кај свештеник. Се прашував: ‚Дали се сетив на сѐ при исповедањето? Или, пак, сум заборавил нешто, предизвикувајќи мојата исповед да биде неважечка и моите гревови непростени?‘ Така, во моето срце беа посеани сомневања во врска со Божјата милост и неговата спремност да простува.
Во текот на околу три или четири години, се борев со депресивни мисли кои ме истоштуваа. Размислував да ја напуштам целата вера во Бог. Но, тогаш ќе помислев: ‚Ако истраам, несомнено ќе го најдам правиот пат‘. Со текот на времето, стекнав доверба во постоењето на Бог, но бев измачуван од несигурноста во врска со моите религиозни верувања.
Како резултат на мојата рана индоктринација, верував дека Исус Христос мислел на Римокатоличката црква кога му рекол на апостол Петар: „На тој камен ќе ја изградам црквата Своја“ (Матеј 16:18). Почнав да верувам дека на крајот добрите елементи во црквата ќе триумфираат, па со таа цел во мислите, јас сакав да соработувам со црквата.
Брак и семејство
Како најстар син во семејството, работев со татко ми на фармата сѐ додека мојот следен помлад брат не беше во положба да ме замени. Потоа отидов во Католичката земјоделска школа, каде што добив магистерска титула. Тогаш, почнав да барам брачен другар.
Преку една од моите сестри, се запознав со Марија. Дознав дека таа се молела за сопруг со кој ќе може да се стреми кон вечен живот. На нашата брачна објава напишавме: „Обединети во љубов бараме среќа, нашите очи ги сосредоточуваме кон Бог. Нашиот пат е животот, а нашата цел е вечно блаженство“. Се венчавме на 26 јуни 1958 година, во женскиот манастир Фар, во близината на Цирих.
Марија и јас имавме слично потекло. Таа беше од длабоко религиозно семејство и беше најстарата од седум деца. Сите тие биле зафатени со задачи на фармата, училишни задачи и присуство во црквата, така што имале малку време за игра. Првите години од нашиот брак не беа лесни. Поради многуте мои прашања на религиозни теми, Марија почна да се сомнева дали се омажила за вистинскиот човек. Таа одби да ги доведува во прашање учењата на црквата или нејзината практика да ги поддржува војните, крстоносните војни и инквизицијата. Меѓутоа, обајцата ја ставивме нашата доверба во Бог и бевме убедени дека, сѐ додека настојуваме да ја извршуваме неговата волја најдобро што можеме, тој никогаш нема да нѐ напушти.
Во 1959 година, најмивме една фарма во близината на Хомбург, во источна Швајцарија. Таа беше наш дом 31 година. На 6 март 1960 година се роди нашиот прв син, Јозеф. После него следеа шест браќа и една сестра, Раел. Марија се покажа како праведна и непристрасна мајка, верна на длабоковкоренетите начела. Таа е вистински благослов за семејството.
Барање на библиската вистина
Постепено, нашето религиозно незнаење стануваше сѐ понеподносливо. Во доцните 1960-ти почнавме да посетуваме предавања во католичката народна средна школа, но се враќавме дома позбунети од кога и да е. Говорниците ги образложуваа своите сопствени гледишта, лишени од библиски доказ. Во текот на раниот дел од 1970 година, јас размислував за Исусовите зборови: „Што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде . . . барајте и ќе добиете“ (Јован 16:23, 24).
Горното уверување од Божјата Реч ме наведе секогаш одново да се молам: „Оче, ако Католичката црква е вистинската религија, те молам непогрешливо покажи ми го тоа. Но ако е лажна, покажи ми го тоа исто така јасно и јас ќе му го објавам тоа секому“. Постојано се молев во склад со Исусовата поука од Проповедта на гората — да ‚бараме непрекинато‘ (Матеј 7:7, 8, NW).
Моите разговори со Марија — особено за промените во католичките учења во 1960-тите во врска со обожавањето „светци“, јадењето месо во петоците итн. — конечно ја наведоа да се сомнева. Еднаш, кога присуствуваше на Миса во пролетта 1970 година, таа се молеше: „О Боже, покажи ни го патот кон вечен живот. Повеќе не знаеме кој е правиот пат. Ќе се подложам на сѐ, но покажи го правиот пат за целото наше семејство“. Јас не знаев за нејзината молитва ниту, пак, таа знаеше за мојата, сѐ додека не сфативме дека нашите молитви се услишени.
Пронаоѓање на библиската вистина
На почетокот на 1970 година, кога едно неделно утро се вративме од црква, некој затропа на вратата. Еден човек придружен од неговиот десетгодишен син се претстави како Јеховин сведок. Јас се согласив на библиска дискусија. Мислев дека лесно ќе докажам дека не е во право бидејќи, според она што ми беше кажано за Јеховините сведоци, не верував дека тие се многу добро информирани.
Нашата дискусија траеше два часа без позитивни резултати, а истото се случи и следната недела. Со радост очекував и трета дискусија, но Сведокот не се појави. Марија рече дека сигурно сфатил дека тоа не вреди. Бев среќен кога тој наврати после две седмици. Веднаш реков: „Цели 35 години се прашувам за пеколот. Едноставно не можам да прифатам дека Бог, кој е љубов, би ги измачувал созданијата на еден таков суров начин“.
„Во право сте“, одговори Сведокот. „Библијата не учи дека пеколот е место на маки.“ Тој ми покажа дека хебрејскиот и грчкиот збор за шеол и хадес, честопати преведени со „пекол“ во католичката Библија, едноставно се однесуваат на општиот гроб (1. Мојсеева 37:35, NW; Јов 14:13; Дела 2:31). Исто така, тој прочита стихови кои докажуваа дека човечката душа е смртна и дека казната за гревот е смрт, а не мачење (Језекиил 18:4; Римјаните 6:23). При тоа, почнав јасно да увидувам дека сум бил заслепен од религиозните лаги целиот мој живот. Сега почнав да се прашувам дали и другите црковни догми се погрешни.
Повеќе не сакав да бидам измамуван, па затоа купив католички библиски речник и петтомна историја на папите. Овие публикации имаа имприматур, то ест епископалниот авторитет на Римокатоличката црква ги одобрил да се печатат. Читањето на историјата на папите ме направи свесен дека некои од нив биле меѓу најлошите криминалци во светот! А со проверување на библискиот речник, дознав дека тројството, пеколниот оган, чистилиштето и толку многу други црковни науки не се засновани на Библијата.
Сега бев зрел за библиска студија со Сведоците. На почетокот, Марија присуствуваше само од учтивост, но наскоро го прифати она што го учеше. После четири месеци ја напуштив Католичката црква и го известив свештеникот дека нашите деца повеќе нема да присуствуваат на религиозните часови. Следната недела свештеникот ги предупреди своите епархјани на Јеховините сведоци. Јас понудив да ги одбранам моите верувања употребувајќи ја Библијата, но свештеникот не се согласи на таква дискусија.
После тоа брзо напредувавме. Конечно, мојата сопруга и јас го симболизиравме нашето предание на Јехова со крштавање во вода на 13 декември 1970. После една година, јас морав да поминам два месеца в затвор поради спорното прашање за христијанската неутралност (Исаија 2:4). Не ми беше лесно да ја напуштам сопругата со осумте деца, дури ни за тој краток временски период. Децата беа на возраст од само 4 месеци до 12 години. Освен тоа, имавме фарма и домашни животни за кои требаше да се грижиме. Но, со Јеховина помош, тие беа во можност да излезат на крај и без мене.
Интересите на Царството ги задржуваме на прво место
Никогаш никој во нашето семејство не ќе пропуштеше собраниски состанок освен ако беше болен. А ние ја организиравме нашата работа на еден таков начин што никогаш не пропуштавме ниеден од големите конгреси. Наскоро детските игри на нашиот таван се сосредоточија на одглумување на она што го гледале на нашите христијански состаноци. На пример, тие си доделуваа ученички говори и вежбаа презентации. За среќа, сите се оѕваа на нашата духовна поука. Со ценење го чувам споменот кога јас и мојата сопруга бевме интервјуирани на еден покраински собир, со нашите осум деца кои седеа во еден ред — од најстарото до најмладото — слушајќи внимателно.
Подигањето на нашите деца „во стега и Јеховино мисловно насочување“ ни стана главна грижа (Ефесјаните 6:4, NW). Одлучивме да се ослободиме од нашиот телевизор и честопати повикувавме ревносни сохристијани во нашиот дом за да можат нашите деца да имаат полза од нивните искуства и воодушевеност. Бевме внимателни да избегнуваме непромислен говор и да бидеме критички настроени кон другите. Ако некој згрешеше, разговаравме за тоа и баравме олеснителни околности. Се трудевме да им помогнеме на нашите деца да ја одмеруваат ситуацијата разумно и праведно. Внимателно избегнувавме споредби со другите млади. Исто така, увидовме колку е важно родителите да не ги размазуваат или да ги штитат децата од последиците на нивните постапки (Изреки 29:21).
Сепак, подигањето на нашите деца не беше без проблеми. На пример, еднаш школските другари ги навеле да земат бонбони од една продавница без да платат. Кога дознавме што се случило, ги натеравме децата да се вратат во продавницата за да платат и за да побараат простување. Им беше непријатно, но научија лекција за чесноста.
Наместо само да ги тераме нашите деца да нѐ придружуваат во проповедничката активност, ние им поставивме пример давајќи ѝ приоритет на таквата активност. Децата видоа дека состаноците и службата на теренот ги ставаме пред работата што требаше да се направи на фармата. Нашите напори да ги подигнеме нашите осум деца на Јеховиниот пат, сигурно беа благословени.
Нашиот најстар син, Јозеф, е христијански старешина и заедно со својата сопруга неколку години служеше во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Швајцарија. Томас е старешина, и тој и неговата сопруга се пионери, како што се наречени полновремените министри. Даниел, кој се откажа од својата кариера на велосипедски шампион, е старешина, и тој и неговата сопруга се пионери во едно друго собрание. Бено и неговата сопруга се активни министри во централна Швајцарија. Нашиот петти син, Кристијан, служи како старешина во собранието што го посетуваме. Тој е оженет и има две деца. Франц е пионер и старешина во едно собрание во Берн, а Урс, кој едно време служеше во швајцарската канцеларија на подружницата, е оженет и служи како пионер. Нашата единствена ќерка, Раел, и нејзиниот сопруг исто така беа пионери неколку години.
Следејќи го примерот на моите деца, и јас станав пионер откако се пензионирав од световната работа во јуни 1990 година. Кога ќе погледнам на мојот живот и животот на моето семејство, со сигурност можам да речам дека Јехова го израмни нашиот пат и ни даде благослови „на претек“ (Малахија 3:10).
Најомилениот библиски стих на мојата драга сопруга е: „Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи. Не дозволувај праведниот човек да пострада“ (Псалм 54:22). А мојот е: „Утешувај се [Радувај се, NW] со Господа, и Он ќе ти даде срцето твое што ќе посака“ (Псалм 36:4). Обајцата ја искусивме вистинитоста на овие прекрасни изјави. Наша цел е вечно да го фалиме нашиот Бог, Јехова, заедно со нашите деца и нивните семејства (раскажал Јозеф Хегли).