Преоптовареност од информации
ОВОЈ 20 век беше сведок на преоптовареност од информации без преседан. Сеедно дали преку печатен материјал, радио или телевизиски извештаи, Интернет или некои други средства, светот е заситен со информации. Во својата книга Data Smog—Surviving the Information Glut, Дејвид Шенк пишува: „Преоптовареноста од информации исплива како една вистинска закана . . . Сега се соочуваме со изгледот на згоеност од информации“.
Разгледајте еден добро познат весник само како еден пример. Се вели дека едно вообичаено седмично издание на The New York Times содржи повеќе информации отколку што едно просечно лице од Англија од 17 век би сретнало во текот на целиот свој живот. Но, покрај дневниот весник, исто така и списанијата и книгите од секаков вид на различни теми додаваат кон лавината информации што се произведуваат. Секоја година се издаваат десетици илјади книги. А бидејќи научните информации се удвојуваат секои шест години, не изненадува тоа што ширум светот само стручните списанија бројат преку 100.000. А на компјутерските корисници, Интернет им става на располагање пространи библиотеки од информации.
Што е со списанијата? Деловни журнали, женски списанија, тинејџерски списанија, списанија за спорт и забава — навистина, списанија на речиси секоја тема и човечки интерес — го преплавиле светот, од кои сите го изискуваат нашето внимание. А што е со улогата на човекот кој огласува — „трубаџијата на празни работи“, како што бил добро опишан? Во својата книга Information Anxiety, авторот Ричард С. Вурман забележува: „Рекламните агенции им објавиле војна на нашите сетила со порој огласи кои бараат да бидат погледнати, слушнати, душнати и допрени“. Тие инсистираат дека Ви е потребен најновиот производ, најновото подобрување за да „бидете во чекор со комшиите“.
Австралијанскиот психолог и социјален истражувач д-р Хју Мек-Кеи рекол дека ‚светот е преплавуван од информации и дека луѓето се повикани да влезат во брзата трка на информацискиот автопат‘. Како што смета д-р Мек-Кеи, проблемот е во тоа што експлозијата од емитување вести и актуелни настани на радио и на телевизија, заедно со актуелната драматична експлозија на информациски мрежи кои се засноваат на компјутер, има за резултат еден свет каде што многумина одговараат на информациите од медиумите кои честопати, всушност, се само делумно претставување на фактите и настаните, а не целосната приказна.
Што е информација?
Латинскиот корен информаре ја пренесува мислата на формирање материја, нешто како кога еден грнчар ја обликува глината. Затоа, некои дефиниции на „информира“ го даваат значењето „да се моделира умот“ или „да се обликува или поучува умот“. Повеќето читатели јасно ќе се сетат на времето, не толку одамна, кога информациите беа само еден список факти или податоци кои ни кажуваа детали како што се кој, каде, што, кога или како. Немаше некој посебен јазик или вокабулар за информации. Сѐ што требаше да направиме беше да прашаме за нив или да ги побараме самите.
Но, дојдоа 1990-тите и на светот му беа дадени толку многу нови зборови поврзани со информациите што самите тие можат да предизвикаат конфузија. Додека некои од овие зборови или изрази се релативно едноставни и разбирливи, како што се „инфоманија“, „технофилија“ и „ера на информации“, други можат да предизвикаат вистински проблеми. Денес светот го понесува инфоманијата — верувањето дека оној што поседува најмногу информации има предност над другите кои имаат помала можност да дојдат до нив и дека информациите не се повеќе средство за некоја цел, туку цел сами за себе.
Оваа манија ја потхранува порој од телекомуникациски системи, како што е телефаксот, мобилниот телефон и персоналниот компјутер, кои некои ги сметаат за симбол и маскота на ерата на информации. Вистина е дека погодноста, брзината и моќта на компјутерите го отвориле пристапот до информациите како никогаш порано — и тоа толку многу што Николас Негропонте, од Технолошкиот институт Масачусетс, вели: „Компјутеризирањето повеќе не е само во врска со компјутерите. Тоа е во врска со животот“. Како резултат на тоа, информациите и технологиите кои ги пренесуваат станале превисоко ценети, во некои случаи почитувани, со едно големо следење на култ во сите делови на Земјата. На телевизиските вести и програмите за актуелните настани им се дава речиси евангелски статус, додека океани од тривијалности се излеваат на ТВ-шоуата и нив ги голта честопати некритичната и лековерна публика.
Поради тоа што ерата на информации го променила начинот на кој живееме и работиме, многу луѓе денес страдаат од „вознемиреност од информации“ во еден или во друг облик. Што точно е вознемиреноста од информации? Како може да знаете дали влијае врз Вас? Можете ли да сторите нешто во врска со тоа?
[Извор на слика на страница 3]
Земјината топка на страници 3, 5 и 10: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.