Делфинот на нашиот праг
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
ГИ САКА топлите, плитки тропски води, сеедно дали се солени или слатки, матни или бистри. Неговиот простор опфаќа подрачје од Индискиот Бенгалски Залив преку Малајскиот архипелаг до северна Австралија.
Сепак, малкумина луѓе — особено Австралијанци, чие северно крајбрежје можеби содржи најголема концентрација на ова животно во светот — некогаш виделе или, пак, чуле за иравади делфинот. Изненадувачки? И да и не.
Во 19 век, зоологот Џон Андерсон видел јата од овој синкасто-сив делфин, со неговата тркалезна глава без клун, во реката Иравади во Мијанмар (тогашна Бурма). Му го дал името иравади делфин.
Зошто може ретко да се види
Иравадите виреат во жешките и влажни крајбрежни, естуарни и речни предели. Нивниот дом честопати е порабен со кал, мангрови дрвја, џунгла, облаци од комарци, а на некои места дури и крокодили — што не е околина која привлекува луѓе.
Водата во овие подрачја, исто така, главно е матна, така што единствено време кога можете да видите делфин е тогаш кога тој кратко ќе се појави на површината за да земе воздух. Дури и тогаш, тој не привлекува внимание. Се појавува еден мал дел од неговиот грб, додека грбната перка му е мала во споредба со онаа на другите делфини.
Но, на некои места иравади делфините не се толку ретка глетка. Рибарите и управувачите со речни кајчиња кои работат на реката Иравади во Мијанмар, како и на други реки во делфинското подрачје на Азија, честопати ги гледаат овие животни како ловат и си играат наспроти течението на реката, па дури и исфрлаат млазеви вода од устата како фонтани или фигури во водна градина.
Во австралијанските води, иравадите ги има покрај западниот брег, околу врвот на континентот и низ источниот брег. Обично можат да се видат во групи кои бројат помалку од 6, но повремено дури и до 15. За разлика од нивниот азиски роднина, австралијанскиот род никогаш не бил познат по исфрлање вода во вид на фонтана.
Дали тоа е делфин?
Иравадите живеат во близина на копното и тие се бавни пливачи во споредба со нивните поенергични роднини од сините води. Сепак, научниците наидоа на тешкотии кога ги проучуваа. Клучен фактор беше непривлечното подрачје во кое живеат. Меѓутоа, беа проучувани живи иравади во океанскиот аквариум Јаја Анкол, во Џакарта (Индонезија).
Бидејќи за иравадите се знае малку, сѐ до неодамна биолозите не беа сигурни каде се вклопуваат во семејното стебло на китовите-делфини. Очигледно, тие имаат многу заеднички работи со делфините. Сепак, по обликот а не по бојата (тие варираат од бледи до темно синкасто-сиви) речиси би можеле да поминат како една помала верзија на арктичкиот белуга кит, односно белиот кит. Дури и нивниот необично флексибилен врат е многу сличен на вратот на белугата. Според тоа, што се тие — екваторијален еквивалент на белугата или, пак, вистински делфини?
Еден начин да се открие тоа е да се стави широкиот опсег на нивните анатомски и генетски карактеристики на вага, така да се рече, и да се види на која страна натежнува вагата. Испаѓа дека доказот претежнува на делфинската страна на вагата.
Она малку што го знаеме
При раѓањето, младенчињата на иравадите се долги нешто помалку од еден метар и тежат околу 12 килограми. Мажјаците растат до околу 2,75 метри, а женките нешто помалку. Можат да живеат и до 28 години.
Примероците земени од стомакот на мртвите иравади откриваат исхрана со сипи, шкампи, ракчиња и риби — особено риби кои живеат на дното. Некои научници претпоставуваат дека необичната практика на азиските делфини да исфрлаат вода од устата можеби им помага да ловат риба во мрачните води.
Како и другите делфини, иравадите испуштаат карактеристични сигнали. Д-р Петер Арнолд од Музејот на тропскиот Квинсленд, рекол за Разбудете се! дека „според истражувањето извршено во океанскиот аквариум Јаја Анкол, иравади делфинот веројатно ги користи своите сигнали за да го лоцира пленот со ехо звук, како што прават и другите делфини“.
Дали имаат некаква иднина?
Научниците немаат претстава за тоа колку иравади има во светот. Но, сѐ поголема е загриженоста дека се загрозени. Во некои делови на југоисточна Азија, нивниот број е во опаѓање, а во други делови воопшто не може да се најдат.
Честопати ова се должи на сечењето на дрвјата и придружното загадување и создавање тиња од реките. Во Австралија, голем дел од територијата на иравадите останува релативно ненаселена со луѓе. Но, во поубавите предели на источниот брег, урбанизацијата и туризмот го земаат својот данок. Некои иравади се задавуваат со рибарските мрежи, а некои со мрежите за ајкулите поставени во близината на плажите за да се заштитат пливачите. Преголемото рибарење на залихите храна на иравадите исто така влијае врз нивниот број.
Но, најголемата потенцијална закана може да биде зголемениот прилив на загадувачи кои се испуштаат во реките и речните приливи. Меѓу најопасните се синтетичките органски соединенија, како што се полихлорните бифенили (ПХБ), кои можат да опстојат во природната средина. ПХБ се користат во електронските компоненти, боите, средствата за подмачкување, лаковите за дрво и метал и во други производи.
Позитивно е тоа што австралијанската Агенција за зачувување на природата, во својот документ The Action Plan for Australian Cetaceans наведува: „Голем дел од просторот [на иравади делфините] во Квинсленд е опфатен во Големиот преграден гребен на поморскиот парк; според тоа, можностите за регулирање на водите на Квинсленд се добри“.
Како уште еден чекор кон подобро регулирање, агенцијата препорачува заедно со грбавиот кит, јужниот вистински кит и клунестиот делфин, иравадите да се стават на прво место во јавните програми за подигање на свеста. Тоа ќе биде добро за иравади делфинот — и за нас.
[Извор на слики на страница 19]
Фотографии: Со љубезна дозвола на д-р Тони Прин