Гледиште на Библијата
Дали демоните се реални суштества?
ВО ТЕКОТ на 17 и 18 век, низ поголемиот дел на Европа прелета една побеснета кампања на прогонство на вештерките. Многу наводни вештерки беа подложени на страшна тортура. Некои кои биле лажно обвинети признале дека се вештерки само за да му стават крај на мачењето. Неизмерен број биле погубени врз основа на гласини или сомневање.
Иако навидум засновани на Писмото, овие акции против вештерството, еден облик на демонизам, биле дефинитивно фанатични. Христијаните не биле под обврска да ги мачат ниту, пак, да ги погубуваат вештерките или кои и да се други практикувачи на спиритизам (Римјаните 12:19). Каков став преовладува денес?
Млитав став
Денес, повеќето луѓе во христијанскиот свет не ги сфаќаат сериозно таквите спиритистички практики. Од љубопитност, некои можеби површно се занимаваат со астрологија, магија, гатање и вештерство, но не сметаат дека овие окултни практики се демонизам. Понекогаш, некои личности од забавата и спортот, како и политичарите, отворено ја признаваат својата вклученост во окултизмот. Некои книги и филмови ги прикажуваат вештерите и волшебниците како „атрактивни, малку необични личности чии натприродни активности не му наштетуваат никому“, вели една енциклопедија. Материјалот кој е наменет да ги разоноди и воспита децата можеби унапредува окултни теми.
Таквиот млитав и ноншалантен став кон демонизмот може да води до неверување дека постојат демони. Дали Вие верувате дека демоните постојат и дека активно се обидуваат да ни наштетат? На крајот на краиштата, повеќето луѓе денес би рекле дека никогаш не доживеале некаков контакт со демоните ниту, пак, биле сведоци на нивната активност. Дали демоните се реални суштества?
Неверувањето создава дилема
Оние кои тврдат дека ја прифаќаат Библијата, но се сомневаат во реалноста на демоните, се соочуваат со една дилема. Ако не веруваат дека демоните се реални суштества, тие покажуваат извесна мерка на неверување во Библијата. Зошто? Затоа што концептот за злобни духовни суштества со натчовечки сили го научува Божјата Реч, Библијата.
Нејзината прва книга, 1. Мојсеева, раскажува како едно интелигентно суштество употребило змија за да ја заведе Ева и како ја навело на побуна против Бог (1. Мојсеева 3:1—5). Последната книга на Библијата, Откровение, го идентификува овој злобен измамник, „првобитната змија“, како „оној кој е наречен Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена Земја“ (Откровение 12:9, NW). Сатана успеал да намами на побуна и други ангели (Јуда 6). Во Библијата, овие паднати ангели се наречени демони. Тие дејствуваат во близината на Земјата и многу се лути на Бог и на оние кои му служат (Откровение 12:12).
Сатана и демоните имаат моќ да влијаат врз луѓето, да им наштетат и да комуницираат со нив (Лука 8:27—33). Тие ја проучувале човечката природа илјадници години. Знаат како да ги искористат човечките слабости. Библијата известува за случаи кога тие поседувале, односно преземале целосна контрола врз мажи, жени и деца (Матеј 15:22; Марко 5:2). Можат да предизвикаат болест или физички оштетувања како што е слепилото (Јов 2:6, 7; Матеј 9:32, 33; 12:22; 17:14—18). Тие можат да ги заслепат и умовите на луѓето (2. Коринтјаните 4:4). Демоните се постојано активни, како што е и нивниот водач, Сатана, кој е како „лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Библијата содржи многу извештаи за постоењето на демоните. Ако верувате во Библијата, тогаш Вие ја прифаќате реалноста на невидливите злобни суштества.
Злобни измамници
Но, како е можно денес да постојат моќни демони а да не предизвикаат постојана состојба на ужас во светот? Зошто нивното присуство и постапки не се поочигледни? Библијата одговара: „Самиот сатана се преобразува во ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11:14). Ѓаволот е измамник. Демонската активност честопати е маскирана во нешто безопасно, па дури и добро. Затоа е тешко да се препознае.
Сатана и неговите демони продолжуваат да ги измачуваат луѓето на различни начини, како што правеле и во библиските времиња. Некои кои сега се вистински христијани, некогаш биле вклучени во окултизмот; тие можат да посведочат за стравотиите на демонските напади. Денес можеби повеќе од кога и да е порано демоните ја користат својата натчовечка моќ за да ги наведат луѓето на отворени окултни постапки. Нивната моќ не е за потценување. Меѓутоа, тие постигнуваат повеќе со тоа што ги одвлекуваат луѓето од Бог отколку со тоа што ги тероризираат. Сатана и демоните ‚ја заведуваат целата населена Земја‘, вели Библијата (Откровение 12:9, NW). Тие се решени да ја поткопаат духовноста на подмолни, перфидни начини.
Демоните се реални суштества. Како инаку може да се објасни ненаситната жед за крв и уништување кои се толку очигледни меѓу луѓето денес? Луѓето природно сакаат да живеат во мир и среќа. Но, демоните унапредуваат злоба и имаат моќ да влијаат врз човечкиот ум и да го расипат.
Сепак, Јехова е семоќниот Бог — помоќен од демоните. Тој ни ја нуди својата сила и заштита од „ѓаволското лукавство“ (Ефесјаните 6:11—18). Не мора да имаме морбиден страв од демоните, бидејќи Бог ветува: „Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4:7).
[Извор на слика на страница 27]
Sipa Icono