Пронајдов утеха во „долината на смртна сенка“
Раскажала Барбара Швајцер
Понекогаш, кога работите одеа добро, мојот живот беше како пријатни „плодни пасишта“. Но, научив како е да се минува и низ ‚долина на смртна сенка‘. Сепак, уверена сум дека, поради тоа што Јехова е нашиот Пастир, можеме да се справиме со секакви околности кои можеби ќе се појават (Псалм 22:1—4).
ВО 1993, кога мојот сопруг и јас имавме приближно 70 години, одлучивме да се впуштиме во една нова авантура — да служиме во Еквадор, каде што беше поголема потребата за библиски учители. Иако бевме родени Американци, ние зборувавме шпански и немавме финансиски обврски. Бидејќи знаевме дека во Еквадор ‚рибарењето на луѓе‘ беше добро, планиравме да ги фрлиме нашите мрежи во тие плодни води (Матеј 4:19, NW).
После неколку возбудливи денови во канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Еквадор, отидовме на автобуската станица во Гвајакил, нестрпливи да отпатуваме во Махала — еден од градовите во кои имаше особена потреба. Меѓутоа, додека го чекавме автобусот, на мојот сопруг, Фред, одеднаш му се слоши и затоа одлучивме да го одложиме патувањето. Отидов до една телефонска говорница за да се договорам да се вратиме во подружницата, а Фред остана со нашиот багаж. Кога се вратив, после неколку минути, мојот сопруг го немаше!
Никогаш повеќе не го видов Фред жив. Токму на автобуската станица, за време на моето кратко отсуство, доживеал тежок срцев удар. Додека избезумено го барав, дојде еден службеник од автобуската станица и ми рече дека Фред го однеле в болница. Кога отидов во болницата, дознав дека веќе умрел.
Одеднаш, се најдов сама во непозната земја, без дом и без сопруг на кој ќе се ослонам. Велам „да се ослонам“ затоа што Фред отсекогаш го преземаше водството и ги организираше работите за обајцата. Јас не сум некоја јака личност и бев среќна што тој го правеше тоа. Но сега морав да донесувам одлуки, да го организирам мојот живот и, во исто време, да ја совладам мојата жалост. Тоа беше едно поразително чувство — како да бев турната во некоја ‚долина на смртна сенка‘. Дали некогаш ќе научам самата да излезам на крај?
Ја дознаваме вистината и го поедноставуваме нашиот живот
И Фред и јас имавме по еден брак зад нас и бевме разведени кога се сретнавме првиот пат. Доброто пријателство процвета во близок однос, па затоа одлучивме да се венчаме. Бевме номинални посетители на црквата во Сиетл (Вашингтон, САД). Но, религијата не беше многу важна во нашиот живот сѐ додека Џеми, една прекрасна млада пионерка (полновремен евангелизатор), не дојде на нашата врата. Таа беше толку пријатна што јас ја прифатив нејзината понуда да ја проучува Библијата со мене.
Бидејќи и Фред се заинтересира, родителите на Џеми ја презедоа студијата и после една година, во 1968, двајцата се крстивме. Уште од почетокот бевме желни интересите на Божјето Царство да ги ставиме на прво место во нашиот живот (Матеј 6:33). Секако дека брачната двојка што проучуваше со нас, Лорн и Руди Нуст, ни оставија пример во овој поглед. Недолго после нашето крштавање, тие се преселија во еден град на источниот брег од Соединетите Држави за да служат онаму каде што потребата беше поголема. Ова го посеа семето во нашите срца.
Имавме уште една причина да размислуваме за преселба. Фред беше директор на една голема стоковна куќа. Неговата работа многу го окупираше и тој сфати дека преселбата на друго место ќе му овозможи да го поедностави својот живот и да ѝ посвети поголемо внимание на вистината и на нашите две деца. Јас имав ќерка од мојот прв брак, која веќе беше мажена, па и таа и нејзиниот сопруг ја прифатија вистината, така што нашата одлука да заминеме од Сиетл беше тешка. Сепак, тие ги сфатија нашите мотиви и нѐ поддржаа во одлуката.
Така, во 1973 се преселивме во Шпанија, земја која во тоа време имаше огромна потреба од проповедници на добрата вест и од браќа кои ќе предводат. Фред пресмета дека, ако живееме штедливо, нашата заштеда ќе биде доволна за да ги покриеме трошоците во Шпанија и дека ќе можеме да посветиме поголем дел од нашето време во службата. Тоа и го сторивме. Не помина долго време, Фред служеше како старешина, а до 1983 обајцата бевме пионери.
Во Шпанија служевме 20 години, учејќи да го зборуваме јазикот и уживајќи во многу прекрасни искуства. Честопати Фред и јас проповедавме заедно и проучувавме со брачни двојки, од кои неколку сега се крстени Сведоци. После неколку години во Шпанија, со пионерска служба почнаа и нашите две помлади деца, Хајди и Мајк. Иако имавме малку во материјален поглед, тоа беше најсреќниот период од мојот живот. Нашиот живот беше едноставен. Можевме да минуваме многу време заедно како семејство, и како маслото на вдовицата во библискиот извештај, нашата внимателно управувана заштеда не се истроши (3. Царства 17:14—16).
Уште една промена на земјата
Во 1992 повторно почнавме да размислуваме за преселба. Нашите деца пораснаа, а потребата во Шпанија не беше толку голема како претходно. Познававме еден мисионер кој служеше во Еквадор и тој ни кажа за итната потреба од пионери и старешини во таа земја. Дали бевме премногу стари за да размислуваме за уште еден почеток во една нова земја? Не мислевме така, бидејќи обајцата бевме со добро здравје и го сакавме делото на проповедање. Затоа стапивме во контакт со подружницата во Еквадор и почнавме да правиме планови. Всушност, ќерка ми Хајди и нејзиниот сопруг, Хуан Мануел, кои служеа во северна Шпанија, исто така беа желни да ни се придружат.
Конечно, во февруари 1993, ги средивме сите наши работи и пристигнавме во нашата нова земја. Обајцата бевме воодушевени од можноста да пионериме во Еквадор, каде што толку многу луѓе беа желни да ја проучуваат Библијата. После едно срдечно добредојде во подружницата, планиравме да посетиме неколку градови кои ни беа препорачани како места во кои постои посебна потреба. Но, тогаш мојот сопруг умре.
Во „долината на смртна сенка“
Отпрвин бев шокирана, а потоа почувствував крајно неверување. Порано Фред ретко беше болен. Што да сторам? Каде да одам? Едноставно, не можев да размислувам.
Во текот на тие најтешки моменти од мојот живот, бев благословена со поддршката на сочувствителните духовни браќа и сестри, од кои повеќето едвај ме познаваа. Браќата во подружницата беа многу љубезни и се погрижија за сѐ, вклучувајќи ги и подготовките за погребот. Особено се сеќавам на љубовта што ми ја покажаа брат и сестра Боно. Тие се погрижија никогаш да не останам сама, а Едит Боно дури и спиеше крај мојата постела неколку вечери за да не се чувствувам осамена. Всушност, целата бетелска фамилија покажа таква љубов и обѕирност што тоа беше како да завиткале околу мене едно топло, заштитничко ќебе на љубов.
За неколку дена, со мене беа и моите три деца. Нивната поддршка беше непроценлива. Сепак, иако во текот на денот ме опкружуваа толку многу луѓе полни со љубов, потешко беше да ги поминам долгите ноќи. Тогаш Јехова ме поддржуваше. Секогаш кога ќе ме обземеше страшната осаменост, му се обраќав во молитва и тој ме утешуваше.
После погребот се појави прашањето: Што да правам со мојот живот? Сакав да останам во Еквадор затоа што тоа беше наша заедничка одлука, но мислев дека не можам да го сторам тоа сама. Затоа Хајди и Хуан Мануел, кои планираа да се преселат во Еквадор во блиска иднина, ги променија своите планови за да можат да дојдат веднаш и за да можеме сите да служиме заедно.
После еден месец, најдовме една куќа во Лоха, еден од градовите што ни ги препорача подружницата. Наскоро бев зафатена во организирањето на работите, преселувањето во нов дом и започнувањето со проповедање во нова земја. Целата таа активност донекаде ја олесни мојата жалост. Освен тоа, можев да плачам со ќерка ми, која беше многу блиска со Фред, што ми помогна да им дадам оддишка на моите чувства.
Меѓутоа, после неколку месеци, кога веќе се вклопив во новата рутина, помислата на мојата страшна загуба стана уште потешка. Сфатив дека не можам да размислувам за среќните времиња што ги поминавме со Фред а притоа да не се вознемирам. Го ставив настрана минатото и живеев од денешниот до утрешниот ден, неспособна многу да размислувам за иднината. Но, сепак се обидував да го исполнам секој ден со нешто смисловно, особено со мојата проповедничка активност. Тоа ме одржуваше.
Отсекогаш го сакав проповедањето и поучувањето за Библијата. Во Еквадор, пак, луѓето беа толку приемливи што ова дело беше уживање. Еднаш, кога на почетокот одев во делото од куќа до куќа, сретнав една млада омажена жена која рече: „Да, би сакала да учам за Библијата!“ Тоа беше првата библиска студија што ја започнав во Еквадор. Таквите искуства го обземаа моето внимание и ме спречуваа премногу да размислувам за својата болка. Јехова богато ја благослови мојата служба на теренот. Изгледаше дека речиси секој пат кога ќе отидев да ја проповедам добрата вест, имав некое убаво искуство.
Без сомнение, беше благослов тоа што продолжив да служам како пионер. Тоа ми даде обврска за која ќе живеам и нешто позитивно што би можела да правам секој ден. За кратко време водев шест библиски студии.
За да го илустрирам задоволството што го добивам од мојата служба, допуштете ми да спомнам една средовечна жена која неодамна покажа вистинско ценење за библиските поуки. Кога ќе ѝ покажам некој стих, таа прво сака потполно да го разбере а потоа е спремна да го примени советот од него. Иако во минатото живеела неморално, кога неодамна некој човек ѝ предложил да живее невенчано со него, таа цврсто ја одбила неговата понуда. Ми кажа колку била среќна што цврсто застанала на страната на библиските мерила, бидејќи сега се радува на душевен мир што никогаш порано не го искусила. Таквите студии ми го греат срцето и прават да се чувствувам корисна.
Да се задржи радост
Иако делото на правење ученици ми донесува голема радост, мојата жалост не исчезна брзо. Во мојот случај, тагата е нешто што се појавува и исчезнува. Ќерката и зетот ми пружија прекрасна поддршка, но понекогаш кога ќе ги видам заедно во некои посебни моменти, длабоко ја чувствувам својата загуба. Многу ми недостига сопругот, не само затоа што бевме многу блиски туку и затоа што зависев од него за толку многу работи. Понекогаш, самото тоа што не можам да зборувам со него, да го прашам за совет или да му пренесам некое искуство од службата на теренот ми создава толкава тага и празнина со кои воопшто не ми е лесно да се справам.
Што ми помага во таквите прилики? Горливо му упатувам молитви на Јехова и го молам да ми помогне да размислувам за нешто друго, нешто позитивно (Филипјаните 4:6—8). И тој навистина ми помага. После неколку изминати години, можам да зборувам за некои добри моменти што сме ги поминале заедно со Фред. Значи, очигледно процесот на лекување полека дејствува. Исто како и псалмистот Давид, чувствувам како да сум поминала низ „долината на смртна сенка“. Но, тука беше Јехова да ме утеши, додека верните браќа љубезно ме водеа во исправниот правец.
Лекциите што ги научив
Со Фред кој секогаш предводеше, никогаш не помислував дека некогаш ќе можам сама да продолжам и да ги извршувам работите. Но со помошта од Јехова, од моето семејство и од браќата, јас успеав. Во некои аспекти сега сум посилна од порано. Му се обраќам на Јехова почесто отколку порано и учам самата да донесувам одлуки.
Многу сум среќна што Фред и јас ги минавме оние 20 години во Шпанија, служејќи заедно онаму каде што имаше поголема потреба. Во овој систем на ствари, никогаш не се знае што ќе се случи од денес до утре, па затоа мислам дека е многу важно да го правиме најдоброто што го можеме за Јехова и за нашето семејство додека имаме можност. Тие години многу го збогатија нашиот живот и нашиот брак, и јас сум уверена дека ме подготвија да се справам со загубата. Бидејќи пионерењето веќе ми стана начин на живот уште пред смртта на Фред, тоа ми даде чувство на смисла кога се борев да се помирам со новата реалност.
Кога умре Фред, отпрвин изгледаше како да завршил и мојот живот. Но, се разбира, тоа не беше случај. Имав работа во Јеховината служба, како и луѓе на кои требаше да им помагам. Со оглед на фактот дека на толку многу околу мене сѐ уште им беше потребна вистината, како можев да престанам? За мене беше добро да им помагам на другите, како што рекол Исус (Дела 20:35). Моите искуства во службата на теренот ми открија работи по кои ќе тежнеам, работи за кои ќе планирам.
Пред неколку дена, познатото чувство на осаменост повторно ме обзеде. Но, кога излегов од дома за да одам на библиска студија, веднаш почувствував како ми се подига духот. После два часа се вратив дома задоволна и изградена. Како што рекол псалмистот, понекогаш можеби ‚сееме со солзи‘, но потоа Јехова ги благословува нашите напори и ние ‚ќе жнееме со голема радост‘ (Псалм 125:5, 6).
Неодамна, поради високиот крвен притисок, морав малку да го преиначам мојот распоред и сега редовно сум помошен пионер. Живеам еден задоволувачки живот, иако мислам дека никогаш во овој систем на ствари нема потполно да ја совладам мојата загуба. Радост ми е кога ги гледам моите три деца во полновремена служба. Над сѐ, со радост очекувам повторно да го видам Фред во новиот свет. Сигурна сум дека ќе биде восхитен кога ќе дознае за делото што можев да го извршам во Еквадор — дека нашите планови донесоа плод.
Се молам зборовите на псалмистот и понатаму да се исполнуваат во мојот случај. „Милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни“ (Псалм 22:6).
[Слика на страница 25]
Во служба во Сан Лукас, Лоха (Еквадор)