Инструменти на незамислива тортура
ДАЛИ Ве стресуваат зборовите „окови“, „тортура“ и „погубување“? За многуте илјадници жртви на Инквизицијата и на судењата на вештерките во Европа (помеѓу 13 и 19 век), тие биле една болна реалност. Инструментите што се прикажани овде, а припаѓаат на еден музеј во Ридесхајм на Рајна, во Германија, се од тоа време. Тие ни даваат една мала претстава за страдањето на жртвите.
Кутрата жртва минувала низ неопислива агонија кога ќе седнела гола за да ја испрашуваат на инквизиторската столица, која била покриена со остро трње. Рацете, нозете или зглобовите на жртвата биле раздвојувани или уништувани со шрафови за коленици. Мачкината шепа се користела за да се раскине на парчиња нејзиното месо; не бил поштеден ниту еден дел од телото. Трнливата јака предизвикувала гангрена на вратот, рамениците и вилицата на жртвата, што брзо водело до труење на крвта и до смрт.
Инквизиторите ополномоштени од Римокатоличката црква ги користеле овие, како и слични инструменти, за да се справат со отпадниците — најчесто обични луѓе кои биле поткажани и од кои било изнудено „признание“ преку тортура. Всушност, за време на папската инквизиција која била насочена против валдензите, инструментите на тортура биле дури и попрскувани со света вода.
Христијанскиот свет носи тежок товар на вина поради инквизицијата. Историчарот Волтер Ниг објаснува: „Христијанството нема да доживее понатамошни благослови сѐ додека конечно не ги признае — отворено и со длабока увереност — гревовите извршени во времето на инквизицијата, искрено и безусловно одрекувајќи се од секаков облик на насилство во врска со религијата“.
[Слики на страница 29]
Инквизиторска столица
Шраф за коленици
Трнлива јака
Мачкина шепа
[Извор на слика]
Сите фотографии: Mittelalterliches Foltermuseum Rüdesheim/Rhein