Претстојната клима
ЗАГАДУВАЊЕТО на атмосферата е само еден од проблемите на природната средина што ги создале луѓето. Во другите проблеми спаѓаат масовни ископачувања на шумите, уништување на животинските видови и загадување на реките, езерата и океаните. Секој од овие проблеми е внимателно анализиран и дадени се предлози за негово решавање. Бидејќи проблемите се глобални, потребни се и глобални решенија. Општа е согласноста за постоењето на проблемите и за нивните можни решенија. Од година на година слушаме повици за акција. Од година на година се презема малку. Пречесто оние кои ја кројат политиката се жалат на проблемите и се согласуваат дека некој мора да преземе нешто, но едноставно додаваат: „Не ние, не сега“.
Во 1970, на првиот Ден на Земјата, демонстрантите во Њујорк Сити носеле еден голем натпис. Натписот ја прикажувал планетата Земја како вика „Помош!!!“ Ќе одговори ли некој на таа молба? Божјата Реч го дава одговорот: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:3, 4). Потоа псалмистот укажува на Творецот, бидејќи само Тој има моќ, мудрост и волја да ги реши сите сложени проблеми со кои се соочува човештвото. Читаме: „Блажен е оној . . . чија надеж е во Господа, неговиот Бог, Кој го создаде небото и земјата и сѐ што е во нив“ (Псалм 145:5, 6).
Ветувањето на Творецот полно со љубов
Земјата е подарок од Бог. Тој ја дизајнирал и ја создал, заедно со сите сложени и зачудувачки механизми кои придонесуваат климата на Земјата да биде пријатна (Псалм 113:23, 24). Библијата наведува: „[Бог] ја создаде земјата со силата Своја, ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата. Од гласот Негов шумат водите небески, и Он ги крева облаците од краиштата земни, создава молскавици среде дожд и изведува ветар од живеалиштето Свое“ (Јеремија 10:12, 13).
Љубовта на Творецот кон човештвото им ја опишал апостол Павле на луѓето од древна Листра. Тој рекол: „[Бог] не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост“ (Дела 14:17).
Иднината на оваа планета не зависи од напорите и договорите на луѓето. Во врска со климата, Оној кој има моќ да ја контролира му ветил на својот древен народ: „Ќе ви дадам дожд во свое време, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод“ (3. Мојсеева 26:4). Наскоро луѓето ќе се радуваат на такви услови низ целата земја. Никогаш повторно послушните луѓе нема да се плашат од разорни бури, огромни бранови, поплави, суши или некоја друга природна катастрофа.
Брановите, ветрот и времето ќе причинуваат задоволство. Луѓето можеби сѐ уште ќе зборуваат за времето, но нема да преземаат ништо во врска со него. Во иднина, според она што ќе го направи Бог, животот ќе биде толку величествен што нема да има потреба од тоа.