Младите прашуваат . . .
Што ако тој не ми ја возвраќа љубовта?
„Загрижена сум и вознемирена. Се вљубив во него, но не знам што чувствува тој за мене. Што да правам? Да му кажам за моите чувства? Не, не можам! Што ќе речат другите за мене?“ (Худа)a.
ХУДА, млада Либанка, се вљубила во некого кој не ѝ ја возвраќал љубовта. Тоа не е невообичаен проблем. Една друга девојка, по име Зејна, имала слично искуство. Таа се сеќава: „Секој ден го гледав затоа што ни беше сосед. Беше многу привлечен и убав. Така, јас се вљубив во него“.
Се разбира, не е погрешно да имаш силни чувства кон некого — под претпоставка дека тоа е некој за кого една христијанка може прикладно да се венча (Изреки 5:15; 1. Коринтјаните 7:39). А не е погрешно и една млада девојка да сака да се омажи и да основа семејство. Но, што ако се вљубиш во некоја прикладна личност која не е свесна за — или не возвраќа на — твоите чувства?
Љубовната болка
Можеби и ти се чувствуваш како Худа, како да си среде некој емоционален метеж. После веселите емоционални максимуми брзо може да следат парализирачки минимуми. „Понекогаш се чувствував како да сум најсреќната девојка на светот, а понекогаш како да сум најтажната“, рекла Зејна. Невозвратената љубов може да биде извор на вознемиреност, бессони ноќи, па дури и на депресија.
Во Изреки 13:12 Библијата вели: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето“. А кога очекувањата воопшто не се исполнуваат, тогаш тоа може да биде поразително! Може да почнеш цело време да размислуваш за таа личност, желен да чуеш макар најмали вести за неа. Може да наоѓаш начини да го привлечеш нејзиното внимание или, пак, слаби изговори за да бидеш со неа. А кога си во нејзина близина, можеби ти е тешко да се однесуваш нормално.
Работите може да бидат особено збунувачки кога оној кој е предмет на твојата наклоност повремено те издвојува со посебно внимание, а во други прилики се однесува како воопшто да не е заинтересиран за тебе. А ако посматраш како великодушно ѝ посветува внимание на некоја друга личност или, пак, покажува искрена љубезност и учтивост кон другите, тоа може да предизвика чувства на љубомора кај тебе. Библијата вели: „Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта?“ (Изреки 27:4).
Худа признала: „Чувствував неописливо огорчена љубомора што, доколку не ги средев работите, ќе излудев“. Може да се појават и чувства на презир кон себеси. Худа рекла: „Се обвинував поради тоа што се вљубив во некого кој не ме сака и поради тоа што се измачував себеси“.
Во западните земји една девојка може да се чувствува слободна едноставно да му пристапи на некое момче и да ги изрази своите чувства, но таква слобода не чувствуваат сите млади девојки. Во некои култури би се сметало за непристојно, па дури и шокантно една девојка да преземе таква иницијатива. Затоа, што би можела да сториш ако си се вљубила во некој кој не ти ја возвраќа љубовта?
Преиспитај ги своите чувства
Прво, обиди се да ги преиспиташ своите чувства трезвено и објективно. Библијата опоменува: „Оној кој има доверба во своето срце, е глупав“ (Изреки 28:26, NW). Зошто? Затоа што премногу често судот на нашето срце е погрешно воден (Јеремија 17:9). Она што мислиме дека е љубов честопати испаѓа дека е нешто друго. „Ми требаше внимание и љубов“, признала Худа. „Ми требаше некој кој ќе ме сака и кој ќе се грижи за мене. Како дете никогаш не сум добила љубов. Тоа длабоко се одрази на мене.“ Ако доаѓаш од семејна средина во која немало љубов или, пак, била насилна, можеби и ти чувствуваш глад за љубов и признание. Но, дали неизбежно ќе те излечи еден романтичен однос?
За жал, луѓето кои чувствуваат празнина или осаменост честопати стануваат лоши брачни партнери. Тие влегуваат во брак очекувајќи да го добијат она што мислат дека толку очајнички им е потребно. Меѓутоа, вистинската среќа доаѓа од давањето, а не од земањето (Дела 20:35). А една жена е далеку поподготвена да стапи во брак ако има разумно позитивни чувства спрема себеси и ако ‚не се грижи само за себе, туку и за другите‘ (Филипјаните 2:4).
Кога се чувствуваш под притисок да стапиш во брак, лесно можеш претерано да реагираш на секакво внимание од спротивниот пол. Понекогаш, пријателите и семејството ја потхрануваат желбата за романса на една млада девојка. Во некои општества се става голем нагласок врз тоа девојката да се омажи веднаш штом дојде на возраст за мажење. Книгата Women in the Middle East вели: „Ако една жена се ближи кон триесеттата и сѐ уште е немажена, таа станува предмет на голема загриженост на семејството“. Бидејќи е вклучена честа на семејството, таткото може да се обиде да ги омажи своите ќерки додека се колку што е можно помлади.
Сепак, библиските начела имаат предност пред културата. Писмото ги поттикнува младите луѓе да почекаат со стапување во брак сѐ додека не ‚го поминат цутот на младоста‘ (1. Коринтјаните 7:36, NW). Тогаш, што ако чувствуваш дека твоите пријатели или родители ти вршат преголем притисок да се омажиш? Библијата ни кажува дека побожната Суламка свечено ги заколнала своите придружнички ‚да не ја разбудуваат и да не ја вознемируваат љубовта во неа додека сама не посака‘ (Песна над песните 2:7). Можеби ако и ти се искажеш на сличен одлучен начин, ќе има добри резултати, особено ако твоите родители се богобојазливи.
Соочи се со вистината
Сепак, на крајот мораш да се соочиш со вистината за личноста во која си вљубен. Тоа можеби нема да биде лесно и може да си има своја емоционална цена. Но, Писмото опоменува: „Купувај вистина и не продавај“ (Изреки 23:23). Запрашај се: ‚Имам ли некаква разумна основа да бидам вљубена? Колку всушност ја познавам оваа личност? Што знам за нејзините размислувања, чувства, мислења, навики, вредности, способности, таленти и начин на живот?‘
Уште нешто што треба да се разгледа е дали таа личност покажала некаков вистински интерес за тебе или не. Честопати, чистата љубезност или пријателство погрешно се сфаќаат. „Тој се обидуваше да биде љубезен“, рекла Худа, „но неговите зборови и постапки ги сфатив како да е заинтересиран за мене затоа што јас сакав да биде така. Откако сфатив дека не е заинтересиран за мене, се чувствував понижена. Имав чувство дека не го заслужувам неговиот интерес и дека нешто не е во ред со мене“.
Можеби и ти се чувствуваш така поради некое слично искуство. Но, сфати дека, поради тоа што не си била вистинската во очите на таа личност, не значи дека нема да бидеш вистинската во очите на некој друг. На крајот на краиштата, тој не е единствениот младич на светот!
Преболување
Сепак, можеби ќе треба време за да ги преболиш своите повредени чувства. Што може да ти помогне? Еден начин е да бидеш отворена и да се повериш на некој ‚вистински другар‘ — зрел христијанин кој ќе те сослуша (Изреки 17:17, NW). Можеби во собранието има некоја повозрасна жена со која би можела да разговараш. И христијанските родители можат да играат голема улога во давањето помош и поддршка. Зејна се сеќава: „Една христијанка во нашето собрание ја забележа мојата вознемиреност и беше доволно зрела за да ми помогне. Се чувствував слободна пред неа и ѝ кажав сѐ. Ме охрабри да разговарам со моите родители. Затоа разговарав со нив, а тие ме сфатија и ми помогнаа“.
Сети се и на моќта на молитвата (Псалм 54:22). Худа вели: „Моите молитви до Јехова ми помогнаа да се ослободам од болката. Исто така, читав и корисни статии во списанијата Стражарска кула и Разбудете се!“ Освен тоа, важно е да не се изолираш (Изреки 18:1, NW). Мешај се со други луѓе. „Уште нешто што ми помогна“, се сеќава Зејна, „е тоа што бев зафатена и станав пионер [полновремен евангелизатор]. Исто така, повеќе се дружев со другите жени во собранието. Тоа ми помогна духовно да напредувам.“
Библијата зборува за „време кога се сака“, па така можеби со текот на времето ќе сретнеш некого кој ќе возврати на твоите симпатии (Проповедник 3:8). Јехова Бог ги создал луѓето со желба да уживаат во задоволствата на брачната љубов, а со текот на времето можеби и ти ќе уживаш во оваа подготовка на нашиот Голем Творец. Во меѓувреме, зошто не ги искористиш максимално твоите години на самештво, кои се „без грижи“, како што вели апостол Павле? (1. Коринтјаните 7:32—34). Во секој случај, можеш да бидеш уверен во исполнувањето на библиското ветување: „Ти [Јехова] ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби“ (Псалм 144:16).
[Фуснота]
a Имињата се променети за да се заштити приватноста на оние што се спомнати.
[Слика на страница 21]
Понекогаш љубезноста се сфаќа погрешно