Еден робот го истражува Марс
ЗАЕДНО со моето семејство возбудено посматравме додека ракетата што го носеше вселенското летало „Марс Петфајндер“ се лансираше од лансирната платформа во Кејп Канаверал (Флорида). Се прашувавме: ‚Дали успешно ќе слета на Марс? Какви нови откритија претстојат?‘
Загриженоста за успехот на „Петфајндер“ делумно се темелеше на претходните две мисии на Марс, на „Марс Обсервер“ и „Марс 96“, кои беа неуспешни. Освен тоа, „Петфајндер“ требаше да направи обид за едно невидено тешко слетување.
Вселенското летало навлезе во атмосферата на Марс со речиси 27.000 километри на час. Откако беше употребен падобран за да забави и потоа да се спушти на височина од околу 98 метри, истрела ракети за да забави уште повеќе. Во меѓувреме, за вселенското летало беше обезбедена една заштитна перница од големи воздушни вреќи исполнети со гас. На 4 јули 1997, со брзина од 65 километри на час, „Марс Петфајндер“ удри на површината на Марс.
Првиот скок го подигна вселенското летало за 15-тина метри. Откако уште 15-тина пати удираше како некоја голема лесна топка, тоа застана. Тогаш воздушните перничиња се издишаа и се повлекоа. Иако беше конструиран да може самиот да се исправи ако е потребно, „Петфајндер“ слета со исправната страна нагоре. Најпосле ги рашири своите листови како од цвет, откривајќи научни инструменти, радио-антени, соларни плочи и едно теренско возило „Сопатник“.
Истражување на Марс
Наскоро камерата на „Петфајндер“ го истражи околниот предел. Вгнезден во една широка рамнина наречена Крисе Планитиа, што значи „Златни планини“, во близината на едно подрачје наречено Арес Валис, односно „Марсовата долина“, „Петфајндер“ откри една карпеста, брановидна површина и оддалечени ридови — идеални за истражување со „Сопатник“. Ова вешто мало теренско возило, долго 65 сантиметри, требаше да изврши визуелни истражувања со својата камера и со спектрометар да ја измери количината на хемиски елементи во карпите и почвата.
Научниците и инженерите од мисијата го започнаа истражувањето со „Сопатник“. Бидејќи за радио-сигналите се потребни многу минути за да патуваат помеѓу Земјата и Марс, оние кои управуваа со мисијата не можеа директно да го возат „Сопатник“. Затоа „Сопатник“ многу се ослони на сопствената способност да ги избегнува опасностите на теренот на Марс. Тоа го направи со употреба на ласерски зраци за да ја одреди големината и локацијата на карпите на неговата патека. Потоа неговиот компјутер го насочуваше или да вози преку карпите доколку се доволно мали или да ги заобиколи доколку се преголеми.
Авантура и откритие
Извештаите во весниците и списанијата почестија многумина со слики од површината на Марс што ги направи „Петфајндер“. Како што пристигнуваа нови сцени од Марс, луѓето на Земјата се забавуваа со чудните работи од теренското возило што талкаше, заинтригирани од шарените панорами на карпестиот и ридест предел и воодушевени од глетките на облаци и залези на небото на Марс. Во текот на првиот месец од мисијата, web site на „Петфајндер“ на Интернет забележа повеќе од 500 милиони „повици“ од луѓе кои биле заинтересирани за активностите на вселенското летало.
„Петфајндер“ даде прилив од податоци кои дури и ги надминаа очекувањата на научниците од мисијата. Ова беше случај и покрај работењето на температури кои се движеа од околу точката на замрзнување, 0 Целзиусови степени, до смрзнувачки —80 Целзиусови степени. Што откри оваа мисија?
Камерите и инструментите открија карпи, почва и воздушен прав со различен хемиски состав, боја и структура, што покажува дека на Марс дејствувале сложени геолошки процеси. Ниските дини во околниот предел посведочија за натрупувањето развеан песок кој го наталожиле североисточните ветрови. Небото покажа облаци на муграта составени од честички на замрзната вода. Додека облаците се растураа а зората се наѕираше, небото добиваше црвеникава нијанса поради ситниот прав во атмосферата. Повремено, луњи од прав, вртлози ветар и прав минуваа над вселенското летало.
„Марс Петфајндер“ нѐ почести со едно искуство кое дословно е вон овој свет. Соединетите Држави и Јапонија планираат повеќе мисии на Марс во текот на следната деценија. Еден орбитер, „Марс глобал сервејор“ оттогаш пристигнал на Марс за да спроведе други научни истражувања. Всушност, Марс ќе станува сѐ повообичаена глетка додека ја разгледуваме црвената планета низ очите на роботското вселенско летало (приложено).
[Слики на страница 18]
Полетување
Слетување
На Марс
[Извор на слики]
Сите фотографии: NASA/JPL