Гледиште на Библијата
Што има лошо во флертувањето?
„Зошто мислиме дека флертувањето е манипулативно, измамничко или лошо? Воопшто не е! Тоа е една игра! И тоа е игра во која секој добива затоа што правиш другиот да се чувствува убаво“ (Сузан Рабин, директорка на школата за флертување, Њујорк Сити).
ЗА МНОГУ луѓе флертувањето е нормално, невино, па дури и неопходно во воспоставувањето и одржувањето меѓучовечки односи. Неодамна, во западните земји се зголеми бројот на книги, статии во списанија и специјални курсеви кои поучуваат за гестови, држење, посматрање и погледи кои се составен дел од „уметноста на флертување“.
Што е флертување? Постојат различни дефиниции и толкувања. Еден речник го дефинира како „лекомислено вљубено или сексуално заводливо“ однесување. Еден друг речник дефинира дека флертување е да се однесуваш „вљубено без сериозна намера“. Значи, по сѐ изгледа, општо е прифатено сфаќањето дека флертувач е оној кој дава знаци на романтична заинтересираност без намера за брак. Дали флертувањето треба да се смета за безопасно? Кое е гледиштето на Библијата за тоа?a
Иако флертувањето не е конкретно спомнато во Писмото, сепак можеме да одредиме кое е Божјето гледиште. Како? Со испитување на библиските начела кои се однесуваат на таа работа. Така ја развиваме нашата ‚моќ за согледување исправно од погрешно‘ (Евреите 5:14, NW). Прво, да разгледаме дали флертувањето е прикладно однесување за оние кои се во брак.
Ако некој е во брак
Сосема е нормално венчаните двојки да се однесуваат вљубено кога се сами. (Спореди 1. Мојсеева 26:8.) Но, да се насочува такво внимание кон лице со кое не сте во брак е спротивно на Божјите начела. Јехова имал намера брачните двојки да се радуваат на близок и доверлив однос (1. Мојсеева 2:24; Ефесјаните 5:21—33). За него бракот е една света, трајна заедница. Малахија 2:16 (NW) вели за Бог: „Тој мрази развод“.b
Дали флертувањето на едно венчано лице е во склад со Божјето гледиште за бракот? Па, во најмала рака, флертувачот кој е во брак покажува непочитување кон светоста на Божјата подготовка за брак. Потоа, во Ефесјаните 5:33 на христијанскиот сопруг му е заповедано „да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе“, а на сопругата „да има длабоко почитување спрема својот маж“ (NW). Дали со флертувањето, кое предизвикува љубомора, се покажува љубов или почитување кон брачниот партнер?
Уште поотрезнувачки е фактот што флертувањето може да води до прељуба, грев кој Јехова отворено го осудува и го опишува како предавнички (2. Мојсеева 20:14; 3. Мојсеева 20:10; Малахија 2:14, 15; Марко 10:17—19). Всушност, за Јехова прељубата е толку сериозна што тој допушта жртвите на брачната неверност да се разведат (Матеј 5:32). Тогаш, можеме ли да си претпоставиме дека Јехова би одобрил една толку опасна забава како што е флертувањето? Бог не би ја одобрил ништо повеќе отколку што еден родител кој е полн со љубов би одобрил неговото мало дете да си игра со остар кујнски нож.
Во поглед на прељубата Библијата предупредува: „Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова? Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои? Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жена на ближниот свој; кој и ќе се допре до неа, нема да остане без вина“ (Изреки 6:27—29). Меѓутоа, дури и ако никогаш не изврши прељуба, за флертувачот кој е во брак постои една друга опасност — да се впушти во она што е наречено „емоционална врска“.
Емоционални врски
Некои луѓе започнале врски надвор од бракот и развиле романтични чувства, иако немале никаков сексуален контакт. Меѓутоа, Исус предупредил: „Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5:28). Зошто Исус ја осудил страста која не оди подалеку од срцето?
Еден фактор е тоа што „од срцето излегуваат . . . прељубодејства“ (Матеј 15:19). Меѓутоа, таквиот однос е штетен дури и ако не стигнал до точката на прељуба. Како тоа? Една книга на оваа тема објаснува: „Секаква активност или врска која одзема премногу време и енергија од животот со Вашиот партнер е еден облик на неверство“. Да, емоционалната врска го лишува партнерот од време, внимание и наклоност. Имајќи ја предвид Исусовата заповед да се однесуваме кон другите онака како што би сакале тие да се однесуваат кон нас, би било добро флертувачот кој е во брак да се запраша: ‚Како би се чувствувал јас ако мојот партнер постапува вака со некој друг?‘ (Изреки 5:15—23; Матеј 7:12).
Ако некој создал ваква неприкладна емоционална врска, што треба да направи? Венчаното лице кое има непристојна емоционална врска е исто како некој возач кој заспал на воланот. Треба да се разбуди во поглед на својата ситуација и да преземе непосредна, одлучна акција пред да пропадне неговиот брак и неговиот однос со Бог. Исус ја илустрирал потребата од драстична акција кога рекол дека дури и нешто што е толку скапоцено како што е окото треба да се извади или раката да се исече доколку уништува нечија добра положба пред Бог (Матеј 5:29, 30).
Затоа би било мудро да ограничите каде и колку често ќе се гледате со другата личност. Се разбира, избегнувајте да бидете насамо со неа, а ако е тоа на работното место, ограничете го карактерот на разговорот. Можеби ќе биде неопходно дури и да ги прекинете сите контакти со тоа лице. Потоа, мора да се примени строго самосовладување во поглед на очите, мислите, чувствата и однесувањето (1. Мојсеева 39:7—12; Псалм 18:14; Изреки 4:23; 1. Солунјаните 4:4—6). Еден оженет човек, Јов, дал извонреден пример кога рекол: „Завет направив со очите свои, за да не погледнам на девица“ (Јов 31:1).
Јасно е дека е опасно и небиблиски некој што е во брак да се впушти во флертување. Меѓутоа, кое е гледиштето на Библијата за флертувањето помеѓу оние кои се самци? Дали треба да се смета за нормално, невино или неопходно за да се воспостават односи со спротивниот пол? Може ли од тоа да произлезе некаква вистинска штета?
Што е со оние кои не се во брак?
Нема ништо лошо во тоа две лица кои се самци да покажат романтичен интерес еден за друг, под услов да размислуваат за брак и да избегнуваат нечисто однесување (Галатјаните 5:19—21). Таквиот интерес може да се покажува во текот на раните фази на додворувањето кога бракот сѐ уште е само далечна можност. Не мора да значи дека ова не е прикладно доколку намерите се добри. Таквото однесување во суштина не претставува флертување.
Но, што ако некои самци си испраќаат романтични сигнали само заради забава? Тоа може да изгледа безопасно затоа што не се венчани. Меѓутоа, размисли за потенцијалната емоционална повреда. Ако однесувањето на флертувачот се сфати посериозно отколку што имал намера, тоа може да доведе до тешка болка и длабоки рани. Колку само се вистинити зборовите од Изреки 13:12: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето, а исполнета желба е како дрво на животот“! Дури и ако обајцата тврдат дека имаат меѓусебно разбирање дека ниту едниот од нив не е сериозно заинтересиран за другиот, сепак може ли секој од нив да биде сигурен што навистина мисли или чувствува другиот? Библијата одговара: „Лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано; кој ќе го разбере?“ (Јеремија 17:9; спореди Филипјаните 2:4).
Размислете и за опасноста од блуд, со можните последици во облик на болест или вонбрачна бременост. Блудот е забранет во Писмото, а оние кои намерно го вршат ја губат Божјата наклоност. Апостол Павле мудро ги предупредил христијаните дека за да му одолеат на искушението, треба да ги ‚умртват‘ своите „телесни органи . . . во врска со блуд“ и да избегнуваат „похотна страст“ која води до прељуба (Колосјаните 3:5, NW; 1. Солунјаните 4:3—5). Во Ефесјаните 5:3 ни се советува ‚дури и да не се спомнува‘ блуд, односно да не се спомнува на начин кој побудува неисправна желба. Флертувањето не е во склад со овој совет. Бог забранува дури и нездрав разговор за сексот.
Библиските начела откриваат дека флертувањето може да биде сурово за другите луѓе и без почит кон Јехова, Основачот на бракот. Библиското гледиште за неприкладно флертување сигурно е полно со љубов и е разумно, бидејќи ги штити луѓето од повредени чувства. Затоа, оние кои го љубат Бог ќе се воздржуваат од неприкладно флертување и ќе се однесуваат кон спротивниот пол со чистота и со почит (1. Тимотеј 2:9, 10; 5:1, 2).
[Фусноти]
a Флертувањето не треба да се помеша со пријателството или дружељубивоста, кои се без никакви мотиви на вљубеност.
b Видете ја статијата „Каков вид развод мрази Бог?“ во изданието на Разбудете се! од 8 мај 1994 (срп.).
[Извор на слика на страница 28]
© The Curtis Publishing Company