Јеховините сведоци храбри наспроти опасноста од нацистите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГЕРМАНИЈА
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ се добро познати по тоа што цврсто се придржуваат за Божјата Реч, Библијата. За ова честопати е потребна храброст и тоа сигурно влијае врз нивните животи и нивните односи со другите.
На пример, Сведоците длабоко ги почитуваат луѓето од сите етнички и културни позадини. Тие го љубат Бог и својот ближен (Матеј 22:35—40). Всушност, потполно се сложуваат со апостол Петар, кој изјавил: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35).
Јеховините сведоци се познати низ целиот свет и по тоа што ги почитуваат законот, редот и владиниот авторитет. Тие никогаш не биле легло на бунтови ниту, пак, некогаш ќе бидат. Тоа е случај дури и тогаш кога се прогонувани во некои земји поради тоа што заземаат став како апостолите: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5:29; Матеј 24:9). Во исто време, Сведоците го признаваат правото на другите да обожаваат во склад со она што им го налага совеста.
Храбриот христијански став на Јеховините сведоци во Германија и во другите земји со кои владеел Адолф Хитлер е добро документиран. Еден значаен настан во Берлин (Германија) во 1933 ја илустрира нивната храброст, нивната љубов кон Бог и кон ближниот, како и нивното почитување на законот, редот и религиозната слобода.
Без компромиси со Хитлер
Пред повеќе од 50 години му дојде крајот на Хитлеровото монструозно 12-годишно расистичко и убиствено владеење. Сепак, тој нацистички режим нанесе рани кои му задаваат болка на човештвото сѐ до денес.
Историјата признава дека само неколку групи храбро зазеле став и отворено истапиле против нацистичкиот терор. Меѓу нив биле Јеховините сведоци, кои се опишани како „еден малечок остров на неуморен [морален] отпор кој лежи во пазувите на една тероризирана нација“. Нивниот храбар став е добро документиран од почитувани историчари.
Меѓутоа, неколкумина критичари, во кои спаѓаат и некои кои порано биле поврзани со Јеховините сведоци, изнесуваат обвиненија дека Сведоците се обиделе да се компромитираат со Хитлеровиот режим во неговите рани денови. Тие тврдат дека претставниците на Watch Tower Society безуспешно се обиделе да ѝ се умилкуваат на новата влада и дека, барем некое време, ја застапувале расистичката идеологија на нацистите, што на крајот довело до убиството на шест милиони Евреи.
Овие сериозни тврдења се апсолутно неточни. Следи едно искрено преиспитување на настаните кои се доведени во прашање, темелено на документацијата што стои на располагање и на историските околности.
Поглед наназад
Јеховините сведоци се активни во Германија повеќе од 100 години. До 1933 имаше околу 25.000 Сведоци кои го обожаваа Јехова Бог и дистрибуираа библиска литература низ Германија.
И покрај слободата што им беше дадена со германскиот устав од тоа време, Јеховините сведоци често беа мета на клеветнички кампањи кои првенствено беа подбуцнати од религиозните противници. Уште во 1921 Сведоците, кои тогаш беа наречени Ernste Bibelforscher (Ревносни библиски студенти), беа обвинети дека се поврзани со Евреите во превратнички политички движења. Библиските студенти беа жигосани како опасен болшевички „еврејски црв“, иако никогаш немаше доказ за таквите обвиненија. Швајцарскиот теолог Карл Барт подоцна напишал: „Обвинението дека Јеховините сведоци се поврзани со комунистите може да се должи само на несвесно, па дури и намерно недоразбирање“.
Едно црковно списание во Германија обвинувало дека Сведоците и Евреите биле сојузнички заговорници во револуционерните движења. Како одговор на ова, германското издание на Златен Век (претходник на Разбудете се!) од 15 април 1930 навело: „Немаме причина да го сметаме ова лажно обвинение како навреда — бидејќи сме уверени дека Евреинот во најмала рака е личност која вреди исто толку колку и еден номинален христијанин; но ја отфрламе горната невистина од црковниот таблоид затоа што има за цел да го потцени нашето дело како тоа да не се извршува заради Евангелието туку за Евреите“.
Затоа, професорот по историја Џон Вајс напишал: „Сведоците беа слободни од германскиот расен национализам и со векови не размислуваа за пропустот на Евреите да се преобратат. Сведоците сѐ уште се држеа за оригиналното, ако не и покровителско, христијанско верување дека е потребно да се приклонат сите потенцијални преобратеници кон Христос“.
Што се случило кога Хитлер дошол на власт?
На 30 јануари 1933, Адолф Хитлер бил назначен за нов канцелар на Германија. Во почетокот, Хитлеровата влада работела на тоа да ја сокрие својата насилна и екстремистичка природа. Затоа, Сведоците заедно со уште милиони други Германци во раната 1933, ја сметаа Националсоцијалистичката партија како законски владејачки авторитет во тоа време. Сведоците се надеваа дека владата на националсоцијалистите (нацистите) ќе сфати дека оваа мирољубива христијанска група која се придржува за законот не претставува превратничка закана за државата. Ова не било понуда за компромис на библиските начела. Како што беше случај и во други земји, Сведоците сакаа да ја информираат владата за вистинската аполитична природа на нивната религија.
Брзо станало очигледно дека Јеховините сведоци ќе бидат меѓу првите мети на бруталната нацистичка забрана. Сведоците повторно беа жигосани како соучесници во некој наводен болшевичко-еврејски заговор. Започна кампања на прогонство.
Зошто една таква мала религиозна заедница би го привлекла бесот на новиот режим? Историчарот Брајан Дан идентификува три основни причини: 1) меѓународниот обем на Сведоците, 2) нивното противење на расизмот и 3) нивниот неутрален став кон државата. Поради нивните библиски гледишта, германските Сведоци одбија да го отпоздрават Хитлер, да ја поддржат националсоцијалистичката партија или понатаму да учествуваат во воени активности (2. Мојсеева 20:4, 5; Исаија 2:4; Јован 17:16).
Како резултат на тоа, Сведоците претрпеа закани, сослушувања, претреси во домовите и други малтретирања од страна на полицијата и СА (Хитлеровите Sturmabteilung, јуришници или кафеави кошули). На 24 април 1933, службениците ја запленија и ја затворија канцеларијата на Watch Tower во Магдебург (Германија). Откако еден темелен претрес не донесе компромитирачки докази, како и под притисок на Министерството за надворешни работи на САД, полицијата ги врати поседите. Но, во мај 1933, Сведоците беа забранети во неколку германски покраини.
Сведоците преземаат храбра акција
Во текот на овој ран период, Хитлер внимателно го градеше својот имиџ пред јавноста како поборник на христијанството. Ја објави својата посветеност на религиозната слобода, ветувајќи дека со христијанските деноминации ќе постапува „со објективна правда“. За да го издигне својот имиџ, новиот канцелар се појавуваше во црквите. Тоа беше време кога многу луѓе во земјите кои подоцна војуваа со Германија изразија воодушевување за Хитлеровите достигнувања.
Загрижен поради сѐ поголемите тензии во Германија, Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Society, заедно со раководителот на канцеларијата на подружницата во Германија, Паул Балцерајт, одлучи да покренат кампања за да ги информираат канцеларот Хитлер, владините службеници и јавноста дека Јеховините сведоци не претставуваат закана за германскиот народ и за државата. Ратерфорд очигледно сметал дека Хитлер не бил свесен за нападите против Јеховините сведоци или дека религиозните елементи му дале погрешни информации за Сведоците.
Затоа, канцеларијата во Магдебург направи подготовки за еден конгрес со цел да го искористат правото на германските граѓани да поднесат петиција. За кратко време откако беа известени, Јеховините сведоци од цела Германија беа повикани во Вилмерсдорфер Тенисхален во Берлин на 25 јуни 1933. Се очекуваа околу 5.000 делегати. И покрај непријателската атмосфера, храбро присуствуваа повеќе од 7.000 лица. Делегатите усвоија резолуција со наслов „Декларација на фактите“. Со овој документ се протестираше поради ограничувањата кои беа ставени врз делото на Сведоците. Таа јасно ја изрази нивната положба и ги демантираше обвиненијата за бунтовнички врски со политички каузи од секаков вид. Во неа беше наведено:
„Неправедно сме обвинети пред владејачките сили на оваа влада . . . Со почит бараме од владетелите на нацијата и од народот чесно и непристрасно да ја разгледаат изјавата за фактите, што е дадена овде“.
„Немаме никакви несогласувања со лица или религиозни учители, но мораме да обрнеме внимание на фактот дека обично оние кои тврдат дека ги претставуваат Бог и Христос Исус, всушност, се наши прогонители и погрешно нѐ претставуваат пред власта“.
Конгрес на храброст или на компромис?
Сега некои тврдат дека берлинскиот конгрес од 1933 и „Декларацијата за фактите“ биле обиди од страна на истакнати Сведоци да покажат дека ја поддржуваат нацистичката влада и нејзината омраза кон Евреите. Но, нивните тврдења не се точни. Тие се засноваат на дезинформации и на погрешно толкување на фактите.
На пример, критичарите тврдат дека Сведоците ја украсиле Вилмерсдорфер Тенисхален со знамиња со кукасти крстови. Фотографиите од конгресот од 1933 јасно покажуваат дека во салата не биле изложени кукасти крстови. Очевидците потврдуваат дека внатре немало знамиња.
Меѓутоа, можно е да имало знамиња на надворешноста од зградата. Една нацистичка борбена трупа ја користела салата на 21 јуни, средата пред конгресот. Освен тоа, само еден ден пред конгресот, мноштва млади луѓе заедно со единиците на СС (Schutzstaffel, во почетокот телохранители на Хитлер од црните кошули), СА и други ја прославиле летната рамноденица која наближувала. Затоа Сведоците кои пристигнувале на конгресот во недела можеби биле пречекани со глетка на една зграда украсена со знамиња со кукасти крстови.
Доколку имаше знамиња со кукасти крстови кои ја красеа надворешноста на салата, ходниците, па дури и нејзината внатрешност, Сведоците ќе ги оставеа. Дури и денес, кога Јеховините сведоци најмуваат јавни објекти за состанување или за конгреси, тие не ги отстрануваат националните симболи. Но, не постои доказ дека Сведоците лично ставиле знамиња или дека ги поздравувале.
Понатаму, критичарите изјавуваат дека Сведоците го отвориле конгресот со германската национална химна. Всушност, конгресот започна со „Сионската славна надеж“, песна 64 во религиозната песнарка на Сведоците. Зборовите на оваа песна беа составени според музиката што ја компонирал Јозеф Хајдн во 1797. Песната 64 се наоѓаше во песнарката на Библиските студенти барем од 1905. Во 1922 германската влада ја усвои мелодијата на Хајдн со зборовите на Хофман фон Фалерслебен како своја национална химна. Меѓутоа, Библиските студенти во Германија сѐ уште повремено ја пееја својата песна 64, како што правеа и Библиските студенти во другите земји.
Пеењето песна за Сион никако не би можело да се протолкува како обид да се смират нацистите. Под притисок на антисемитските нацисти, другите цркви ги отстраниле хебрејските термини како што се „Јуда“, „Јехова“ и “Сион“ од нивните воспеви и литургии. Јеховините сведоци не го сториле тоа. Значи, организаторите на конгресот сигурно не очекувале да стекнат наклоност кај владата пеејќи песна која го воздигнува Сион. Можно е некои делегати да се колебале да ја пеат „Сионската славна надеж“, бидејќи мелодијата на оваа композиција од Хајдн била иста како мелодијата на националната химна.
Изјава за намерата
Со владата во транзиција и земјата во метеж, Сведоците сакаа да дадат јасна изјава за нивната положба. Преку „Декларацијата“, Сведоците цврсто ги демантираа обвиненијата за финансиска вмешаност или за политички врски со Евреите. Затоа, документот наведе:
„Лажно е обвинението од нашите непријатели дека за нашето дело добиваме финансиска поддршка од Евреите. Ништо друго не е подалеку од вистината. Сѐ досега, Евреите не приложиле ниту една пара за нашето дело“.
Кога спомнува пари, „Декларацијата“ понатаму ги разобличи нечесните практики на големиот бизнис. Таа наведе: „Токму Евреите, трговци на Англо-американската Империја, беа тие кои го изградија и го водеа големиот бизнис како средство за експлоатација и угнетување на луѓето од многу нации“.
Оваа изјава сигурно не се однесуваше на еврејскиот народ во целина и жално е ако била погрешно разбрана и ако дала причина за некаква навреда. Некои тврделе дека и Јеховините сведоци имале непријателски став кон Евреите, за кој обично се поучувало во германските цркви во тоа време. Тоа апсолутно не е точно. Преку нивната литература и однесувањето за време на нацистичката ера, Сведоците ги отфрлија антисемитските гледишта и го осудија малтретирањето на Евреите од страна на нацистите. Сигурно дека нивната љубезност кон Евреите кои имале слична судба во концентрационите логори дава едно гласно побивање на ова лажно обвинение.
„Декларацијата“ го дефинираше делото на Сведоците како дело со религиозен карактер, наведувајќи: „Нашата организација во никој поглед не е политичка. Ние само инсистираме да ги поучиме луѓето за Речта на Јехова Бог упатена до луѓето.“
„Декларацијата“ ја потсети владата и на нејзините ветувања. Христијаните се придржувале на извесни високи идеали, кои беа јавно прифатени и од германската влада. Во нив спаѓаат семејните вредности и религиозната слобода.
Во врска со ова, „Декларацијата“ додаде: „Едно внимателно испитување на нашите книги и литература ќе го изнесе на видело фактот дека токму високите идеали што ги застапува и донесува сегашната национална влада се изложени и потврдени и силно истакнати во нашите публикации и тие покажуваат дека Јехова Бог ќе се погрижи овие високи идеали во свое време да ги достигнат сите лица кои ја сакаат праведноста“.
Значи, Сведоците никогаш не ѝ дадоа поддршка на нацистичката партија. Освен тоа, во изразувањето на религиозната слобода, немаа намера да го прекинат своето јавно проповедање (Матеј 24:14; 28:19, 20).
Според извештајот во 1974 Yearbook of Jehovah’s Witnesses, некои германски Сведоци беа разочарани поради тоа што изразите во „Декларацијата“ не биле со покатегоричен тон. Дали управителот на канцеларијата на подружницата, Пол Балцерајт, го разводнил текстот на документот? Не, бидејќи споредбата на германскиот со англискиот текст покажува дека тоа не е случај. Очигледно, впечатокот за спротивното се засновал на субјективните забележувања на некои кои не беа директно вклучени во изготвувањето на „Декларацијата“. Врз нивните заклучоци можеби влијаел и фактот што Балцерајт ја напуштил верата после само две години.
Сега е познато дека забраната врз Јеховините сведоци во Германија е издадена в сабота, 24 јуни 1933, токму на денот пред берлинскиот конгрес. Организаторите на конгресот и полицијата дознаа за оваа забрана после неколку дена. Со оглед на напнатата клима и очигледното непријателство на нацистичките службеници, извонредно е тоа што конгресот воопшто беше одржан. Не е претерување да се рече дека 7.000 Сведоци храбро ја ризикуваа својата слобода со тоа што присуствуваа на собирот.
После конгресот, Сведоците дистрибуираа 2,1 милион примероци од „Декларацијата“. Некои Сведоци веднаш беа уапсени и испратени во работни логори. Значи, нацистичката влада потполно ја открила својата угнетувачка, насилна природа и наскоро го почнала нападот со сета сила врз оваа мала група христијани.
Професорката Кристин Кинг напишала: „Нацистите научија дека суровата сила не може да ги задуши Сведоците“. Како што изјави „Декларацијата“, „силата на Јехова Бог е врховна и не постои сила која може успешно да му одолее“.a
[Фуснота]
a Просторот не ни допушта да ја изнесеме комплетната документација за овој историски извештај. Меѓутоа, на располагање е список на комплетните референци на барање на издавачите. Исто така, ќе откриете дека е многу поучна документарната видеокасета Jehovah’s Witnesses Stand Firm Against Nazi Assault.
[Слики на страница 15]
Вистински фотографии од конгресот што го одржаа Јеховините сведоци во 1933 во Тенисхален