Гледиште на Библијата
Користа од осаменоста
ВО ЕДНА прилика, Исус ‚се искачил на планината, за да се помоли насамо. И таа вечер останал таму Сам‘ (Матеј 14:23). Во една друга прилика, ‚кога се разденило, Он излегол и отишол на осамено место‘ (Лука 4:42). Овие стихови сведочат дека Исус Христос ги барал и ги ценел повремените мигови на осаменост.
Библијата дава и други примери на мажи кои, како Исус, ја ценеле осаменоста. Токму во текот на самотијата на ноќните стражи, псалмистот медитирал за величественоста на неговиот Голем Творец. А во случајот на Исус Христос, веднаш откако ја чул веста за смртта на Јован Крстител, тој отишол „во пусто место, Сам“ (Матеј 14:13; Псалм 62:6).
Денес, поради трката и темпото на современиот живот, осаменоста, сеедно дали поради околностите или по избор, не е алтернатива која е многу омилена. Се сеќавате ли кога последен пат сте биле сами? Една млада мажена жена рекла: „Никогаш во животот не сум била сама“.
Но, дали осаменоста навистина е потребна? Ако да, како можат тивките моменти да се поминат корисно и наградувачки? И каква улога игра урамнотеженоста во барањето осаменост?
Осаменоста — зошто е корисна?
Библијата ни кажува дека еден Божји човек од дамнината, Исак, сакал да биде сам „приквечер . . . во полето“. Зошто? „За да медитира“ (NW), вели таа (1. Мојсеева 24:63). Според еден речник, да се медитира значи „да се размислува задлабочено или полека“. Тоа „вклучува сериозен и подолг период на концентрација“. На Исак, кој се подготвувал да преземе тешки одговорности, таквата непречена медитација би му овозможила да си го избистри умот, да си ги среди мислите и да ги процени приоритетите.
Еден експерт за ментално здравје наведува дека сѐ додека ‚осаменоста се задржува во граници, отсутноста на другите овозможува да си ги средиме мислите и подобро да се сконцентрираме‘. Многумина би потврдиле дека тоа може да биде закрепнувачки, зајакнувачки и здраво.
Меѓу пожелните плодови на медитацијата се длабочината и смирената воздржливост, особини кои водат до промислен говор и постапки кои, од своја страна, придонесуваат за хармонични човечки односи. На пример, лицето кое ќе научи да медитира може да научи и кога да молчи. Наместо да зборува избрзано, тоа однапред размислува за потенцијалниот резултат од неговите зборови. „Ако си видел човек брз и недомислен во зборовите свои“, вели инспирираниот библиски писател, „повеќе надевај се на безумен, отколку на него“ (Изреки 29:20). Кој е лекот за таквата непромислена употреба на јазикот? Библијата вели: „Срцето на праведниот медитира како да одговори“ (Изреки 15:28, NW; спореди Псалм 48:3).
За христијанинот, смирената медитација заедно со осаменоста е витален фактор за раст кон духовна зрелост. Соодветни се зборовите на апостол Павле: „Размислувај за овие работи, задлабочи се во нив, за твојот напредок да се покаже пред сите луѓе“ (1. Тимотеј 4:15, NW).
Искористи ја осаменоста за да бидеш поблизок со Бог
Еден англиски автор рекол: „Осаменоста е приемна соба кај Бог“. Понекогаш Исус чувствувал потреба да се повлече од другите луѓе и да влезе во Божјата присутност додека бил сам. Во Библијата е опишан еден пример за тоа: „А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше“ (Марко 1:35).
Во Псалмите постојано се спомнува медитација насочена кон Бог. Обраќајќи му се на Јехова, цар Давид рекол: „За тебе размислувам“. Во таа смисла се и зборовите на Асаф: „А јас сигурно ќе медитирам за сета твоја активност, и ќе се бавам со твоите постапки“ (Псалм 62:6; 77:12, NW). Значи, размислувањето за божествените особини и постапки донесува богати награди. Тоа го зголемува ценењето за Бог, овозможувајќи човек повеќе да му се приближи (Јаков 4:8).
Потребна е умереност
Се разбира, осаменоста треба да се бара во умерена мерка. Осаменоста би можела да се опише како место кое вреди да се посети, но во кое е опасно да се остане. Преголемото изолирање е спротивно на основните потреби на човекот да се дружи, да комуницира и да изразува љубов. Понатаму, изолираноста може да биде плодно тло на кое расте коровот на глупавоста и себичноста. Библиската изрека предупредува: „Оној кој се изолира себеси, ќе ги бара своите сопствени себични копнежи; ќе букне против секаква практична мудрост“ (Изреки 18:1, NW). За да бидеме урамнотежени во барањето осаменост, мораме да ги увидиме опасностите од изолираноста.
Исто како Исус и другите духовни мажи од библиските времиња, за христијаните денес се многу скапоцени моментите кога се сами. Точно е тоа дека покрај толку многу одговорности и грижи, да се пронајде време и прилика за да се медитира во осаменост може да биде предизвик. Сепак, како што е случај со сите работи кои се од вистинска вредност, мораме да си откупуваме „поволно време“ (Ефесјаните 5:15, 16, NW). Тогаш, како псалмистот, можеме да речеме: „Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи“ (Псалм 18:14).