ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/2 стр. 10-15
  • ,Живееме не веќе за себеси‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ,Живееме не веќе за себеси‘
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Пресудна одлука
  • Нашата служба во Африка
  • Национализмот станува спорно прашање
  • Животот ни беше во опасност
  • Затворени поради нивната вера
  • Почнуваме на новата доделба
  • Повторно дома!
  • Му дозволив на Јехова да ме води во животот
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
  • Јехова секогаш се грижи за нас
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Благословени „во поволно време и во тешко време“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
Разбудете се! 1999
g99 8/2 стр. 10-15

,Живееме не веќе за себеси‘

РАСКАЖАЛ ЏЕК ЈОХАНСОН

Африканецот, малависки војник, ми нареди да застанам на работ на реката под светлината од фаровите на Ленд роверот. Додека војникот ја подигаше пушката кон рамото, Лојд Ликвиде потрча кон речнот брег и застана пред мене. Молеше: „Стрелај во мене! Стрелај во мене наместо во него! Не го стрелај овој странец кој не направил ништо лошо!“ Зошто еден Африканец беше спремен да го жртвува својот живот за мене, Европеец? Да Ви објаснам како станав мисионер во Африка пред речиси 40 години.

ВО 1942, кога имав само девет години, мајка ми умре и татко ми остана со пет деца. Јас бев најмалиот. После четири месеци татко ми, кој беше еден од првите Јеховини сведоци во Финска, се удави. Мојата најстара сестра, Маја, се грижеше за нас останатите и успеавме да ја задржиме фармата. Маја предводеше и во духовните работи и, после една година од смртта на татко ми, таа и еден од моите браќа го симболизираа своето предание на Јехова Бог со крштавање во вода. Јас се крстив после една година, кога имав 11 години.

Пресудна одлука

Откако завршив со учењето во едно трговско училиште во 1951, почнав да работам за Фордовата моторна компанија во Финска. После шест месеци еден мудар патувачки министер на Јеховините сведоци ми приреди изненадување. Тој ме покани да одржам говор на еден собир во врска со благословите на пионерската, односно полновремената служба. Се чувствував непријатно, бидејќи имав световна работа со полно работно време и чувствував дека нема да можам да зборувам од срце. Му се молев на Јехова во врска со тоа. Сфатив дека христијаните треба „да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив“ и затоа одлучив да ги променам моите приоритети за да служам како пионер (2. Коринтјаните 5:15).

Мојот шеф ми вети дека двојно ќе ми ја зголеми платата ако останам во компанијата. Потоа, кога веќе виде дека цврсто сум одлучил, рече: „Си донел исправна одлука. Целиот свој живот го поминав во оваа канцеларија, а колку вистински сум им помогнал на луѓето?“ Така, во мај 1952 станав пионер. После неколку недели можев со целосна увереност да го изнесам мојот говор за пионерската служба.

Откако служев како пионер неколку месеци, бев осуден на шест месеци затвор поради мојата христијанска неутралност. После тоа следеа осум месеци притвор со други млади Сведоци на островот Хасто Бусе, во Финскиот Залив. Овој остров го нарековме Мал Гилеад поради интензивната програма на проучување на Библијата што ја организиравме меѓу нас. Меѓутоа, мојата цел беше да отидам во вистинскиот Гилеад, Школата Гилеад на Watchtower, која се наоѓаше во близината на Саут Лансинг (Њујорк).

Додека сѐ уште бев во затвор на островот, добив писмо од канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society, со кое бев повикан да служам како патувачки слуга на Јеховините сведоци. Кога ќе ме ослободеа, требаше да ги посетувам собранијата од шведското говорно подрачје во Финска. Тогаш имав само 20 години и се чувствував неквалификуван, но мојата доверба ја положив на Јехова (Филипјаните 4:13, NW). Сведоците од собранијата во кои служев беа прекрасни и никогаш не ме гледаа од високо заради тоа што бев толку „млад“ (Јеремија 1:7).

Следната година, додека посетував едно собрание се запознав со Линда, која од Соединетите Држави беше дојдена на годишен одмор во Финска. Откако се врати во Соединетите Држави, таа брзо напредуваше духовно. По кратко време се крсти. Нашата венчавка беше во јуни 1957. Потоа бевме повикани во 32-от клас на Школата Гилеад, во септември 1958. Откако дипломиравме следниот февруари, бевме доделени во Њасаленд, сега наречен Малави, во југоисточна Африка.

Нашата служба во Африка

Многу сакавме да одиме во јавната служба со нашите африкански браќа, кои тогаш ги имаше преку 14.000 во Њасаленд. Понекогаш патувавме со Ланд ровер, носејќи со нас сѐ што ни беше неопходно. Одевме во села каде што никогаш порано не стапнал некој белец и секогаш нѐ примаа убаво. Кога ќе пристигневме, сите од селото ќе излезеа за да нѐ видат. После љубезниот поздрав, тие тивко ќе седнеа на земја, одмерувајќи нѐ.

Честопати селаните љубезно ќе направеа колиба посебно за нас, која понекогаш беше од кал а понекогаш од сено и беше голема само колку да се стави еден кревет. Хиените претрчуваа покрај колибата во текот на ноќта, испуштајќи грозоморни извици веднаш до нашите глави. Но, на Сведоците во Њасаленд им претстоеше соочување со уште поголема опасност од дивите животни.

Национализмот станува спорно прашање

Низ цела Африка се покренуваа движења за независност. Во Њасаленд од секого се очекуваше да се приклучи кон единствената политичка партија што постоеше таму. Одеднаш, нашата неутралност стана жестоко национално спорно прашање. Во тоа време јас се грижев за работата во канцеларијата додека беше отсутен надгледникот на нашата подружница, Малком Виго. Закажав состанок со д-р Хастингз Камузу Банда, премиер на Њасаленд. Заедно со уште двајца христијански старешини му го објаснивме нашиот став за неутралноста и состанокот заврши во пријателска атмосфера. И покрај тоа, после отприлика еден месец, во февруари 1964, Елатон Муачанде стана првата жртва на прогонството — умре прободен од копје од разлутената толпа. Другите Сведоци од неговото село беа принудени да бегаат.

Му испративме телеграма на д-р Банда, молејќи го да го употреби својот авторитет за да го запре таквото насилство. Кратко после тоа ми се јавија од канцеларијата на премиерот и бев повикан да појдам таму. Во придружба на уште еден мисионер, Харолд Гај, и еден локален Сведок, Александар Мафамбана, отидов кај д-р Банда. Таму беа присутни уште двајца министри од владата.

Штом седнавме, д-р Банда, без да рече ниту збор, почна да мавта со телеграмата над својата глава. Конечно ја прекина тишината велејќи: „Г-н Јохансон, што мислите со тоа што испраќате ваква телеграма?“ Повторно му го објаснивме нашиот став на неутралност во политиката и јас додадов: „Сега, по убиството на Елатон Муачанде, Вие сте единствениот кој може да ни помогне“. Изгледа дека тоа му се допадна на д-р Банда и тој малку се опушти.

Меѓутоа, еден од владините министри кои беа присутни тврдеше дека Сведоците во некое далечно село не сакале да соработуваат со локалните власти. Тогаш вториот министер спомна уште едно далечно село, обвинувајќи дека Сведоците таму зборувале со непочитување за д-р Банда. Сепак, не можеа да ни кажат име на некој што постапил така. Објаснивме дека Јеховините сведоци се поучени секогаш да ги почитуваат властите. За жал, нашите напори да го поправиме лошиот впечаток на д-р Банда и неговите министри беа безуспешни.

Животот ни беше во опасност

Во 1964, Њасаленд стекна независност и потоа стана Република Малави. Нашето проповедничко дело продолжи донекаде нормално, но под сѐ поголем притисок. За тоа време телефонираа Сведоците од јужниот регион на земјата, велејќи дека таму избувнал политички бунт. Увидовме дека е потребно некој веднаш да отиде и да ја одмери ситуацијата на Сведоците и да им даде морална поддршка. Во неколку претходни прилики и самиот патував по честаците и Линда храбро го прифаќаше тоа. Меѓутоа, овој пат таа многу ме молеше, барајќи со мене да дојде уште еден млад локален Сведок, Лојд Ликвиде. На крајот се согласив, мислејќи си во себе: ‚Ако таа сака така, тогаш добро‘.

Ни рекоа дека треба да преминеме една река со ферибот пред полицискиот час во 18.00. Дадовме сѐ од себе за да стигнеме до тоа време, но се забавивме поради лошите патишта. Дури подоцна дознавме дека била дадена наредба да се стрела во секого кој после шест часот ќе се најдел од нашата страна на реката. Додека возевме накај реката, видовме дека фериботот веќе преминал на другата страна. Брат Ликвиде го повика да дојде и да нѐ земе. Тој дојде, но еден војник на фериботот извика: „Морам да го стрелам белецот!“

На почетокот мислев дека тоа е празна закана, но додека фериботот се приближуваше, војникот ми нареди да застанам пред фаровите на возилото. Во таа прилика мојот африкански пријател застана пред мене, молејќи го војникот да го стрела него наместо мене. Изгледа дека војникот беше трогнат од ваквата спремност друг да умре наместо мене и затоа го спушти оружјето. Тогаш помислив на Исусовите зборови: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јован 15:13). Колку само бев радосен што го послушав советот на Линда да дојде и тој драг брат со мене!

Следниот ден патот за враќање во Блантир беше блокиран од млади мажи кои бараа да ја видат картичката на брат Ликвиде за членство во партијата. Преостануваше само едно нешто — да се пробиеме низ мноштвото, и тоа брзо! Го ставив автомобилот во брзина и јурнавме напред, изненадувајќи ги доволно за да можеме да избегаме. Ако толпата го фатеше брат Ликвиде, тоа веројатно ќе значеше крај за него. Кога се вративме во канцеларијата на подружницата, обајцата бевме многу потресени но му бевме благодарни на Јехова за Неговата заштита.

Затворени поради нивната вера

Нашето дело беше официјално забрането во Малави во октомври 1967. Тогаш во земјата имаше околу 18.000 Сведоци. После две седмици дознавме дека во главниот град, Лилонгве, беа затворени 3.000 Сведоци. Одлучивме таа ноќ да отидеме таму, на оддалеченост од 300 километри, да им дадеме барем морална поддршка. Го натоваривме Ланд роверот со публикации на Watchtower и, благодарение на Јехова, поминавме низ многуте блокади без да нѐ претресат. По патот, од едно до друго собрание истоварувавме картонски кутии со навремена духовна храна.

Утрото се упативме накај затворот. Каква глетка! Цела ноќ врнело, а нашите христијански браќа и сестри биле задржани под отворено небо на едно оградено земјиште. Тие беа мокри до кожа, и некои се обидуваа да ги исушат своите ќебиња на оградата. Успеавме да зборуваме со неколкумина од нив преку оградата.

Нивниот судски случај се одржа напладне. На говорницата за сведочење се појавија неколкумина кои изјавија дека се Јеховини сведоци. Се обидовме да оствариме визуелен контакт со нив, но нивните лица останаа безизразни. На наше вчудовидување, сите оние кои беа на говорницата за сведочење се откажаа од својата вера! Меѓутоа, дознав дека локалните Сведоци не познаваат никого од оние кои се одрекоа да бидат Јеховини сведоци. Очигледно тоа беше обид да се обесхрабрат вистинските Сведоци.

Во меѓувреме, дојде наредба да бидеме протерани. Ја конфискуваа нашата канцеларија на подружницата во Блантир, а нам мисионерите ни дадоа 24 часа за да ја напуштиме земјата. Колку беше чудно тоа што еден полицаец ни ја отвори вратата кога се вративме дома! Следното попладне дојде друг полицаец и со жалење нѐ уапси и нѐ одведе на аеродромот.

Заминавме од Малави на 8 ноември 1967, знаејќи дека нашите христијански браќа таму се наоѓаат пред огнен испит. Срцата нѐ болеа за нив. Десетици го изгубија животот; стотици претрпеа сурови тортури и илјадници ја изгубија работата, домот и поседите. Сепак, речиси сите го задржаа својот интегритет.

Почнуваме на новата доделба

И покрај тешкотиите, никогаш не ни помисливме да престанеме со мисионерското дело. Наместо тоа, прифативме една нова доделба — Кенија, земја на спротивности во пејзажите и во луѓето. Линда беше фасцинирана од Масаите. Тогаш немаше ниеден Масаи кој беше Јеховин сведок. Но Линда се запозна со Дорка, една Масајка, и со неа почна да ја проучува Библијата.

Дорка знаеше дека, за да му угоди на Бог, ќе мора да го озакони својот брак. Таткото на нејзините две деца одби да го стори тоа, па затоа Дорка се трудеше сама да ги издржува децата. Мажот беше бесен на Сведоците, но не беше среќен што беше одвоен од семејството. Конечно, на наговарање на Дорка, и тој почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Го среди својот живот, стана Сведок и се ожени со Дорка. Таа стана пионер, а нејзинот сопруг и најстариот син сега се собраниски старешини.

Неочекувано, во 1973 делото на Јеховините сведоци беше забрането во Кенија и ние моравме да си заминеме. После само неколку месеци забраната беше повлечена. Но, тогаш веќе ја имавме добиено нашата трета доделба — Конго (Бразавил). Таму пристигнавме во април 1974. После околу три години, ние мисионерите бевме лажно обвинети дека сме шпиони и нашето дело беше забрането. Згора на тоа, во Бразавил започнаа борби откако беше извршен атентат врз претседателот на државата. Сите други мисионери беа доделени во различни земји, но ние бевме замолени да останеме колку што е можно подолго. Со недели си легнувавме навечер без да знаеме дали ќе го дочекаме утрото. Но, спиевме добро, имајќи доверба во Јеховината грижа. Тие неколку месеци, сами во канцеларијата на подружницата, веројатно беа време на најголем испит и зајакнување на верата што некогаш сме го доживеале во нашата мисионерска служба.

Во април 1977 моравме да си заминеме од Бразавил. Тогаш нѐ чекаше едно вистинско изненадување — бевме доделени во Иран за да основаме нова канцеларија на подружницата. Нашиот прв предизвик беше да научиме да зборуваме фарси, персискиот јазик. Учењето нов јазик нѐ ограничи во коментирањето на собраниските состаноци и дававме само наједноставни коментари исто како што даваа малите деца! Во 1978 во Иран започна револуција. Останавме таму додека траеја најголемите борби, но во јули 1980 сите мисионери беа протерани.

Нашата петта доделба нѐ врати во средна Африка, во Заир, сега Демократска Република Конго. Во Заир служевме 15 години, извесен период и под забрана. Кога пристигнавме, во таа земја беа активни околу 22.000 Сведоци — сега таму има преку 100.000!

Повторно дома!

На 12 август 1993 беше повлечена забраната на Јеховините сведоци во Малави. После две години, Линда и јас бевме повторно доделени онаму каде што започнавме — во Малави, прекрасната, пријателска земја позната како Топлото срце на Африка. Од јануари 1996 се радуваме што можеме да работиме меѓу малависките среќни и мирољубиви луѓе. Цениме што повторно служиме со нашите верни малависки браќа, од кои многумина истрајаа во текот на три децении прогонство. Нашите африкански браќа ни беа извор на инспирација и ние ги сакаме. Тие сигурно живееја според Павловите зборови: „Во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14:22). Речиси 41.000 Сведоци во Малави сега имаат слобода отворено да проповедаат и да одржуваат големи конгреси.

Многу уживавме на сите наши доделби. Линда и јас научивме дека секое искуство, сеедно колку е тешко, може да нѐ обликува во подобри личности, под услов да се држиме за „радоста Јеховина“ (Неемија 8:10, NW). Малку ми беше тешко да се прилагодам кога моравме да ги напуштиме доделбите. Но прилагодливоста на Линда, а особено нејзината цврста вера во Јехова, ми помогна, наведувајќи ме да го ценам благословот што имам „добра жена“ (Изреки 18:23).

Колку само ни беше среќен и возбудлив животот! Секогаш одново му се заблагодарувавме на Јехова за неговата заштитничка рака (Римјаните 8:31). Поминаа повеќе од четири децении откако го изнесов она предавање за благословите на полновремената служба. Радосни сме што ‚го испитавме Јехова и ја испитавме неговата добрина‘ (Псалм 33:8; Малахија 3:10). Уверени сме дека ‚да не живееме веќе за себеси‘ е најдобриот начин на живот што постои.

[Карта/слика на страница 14]

(Види во публикацијата)

Земјите во кои служевме

Иран

Република Конго

Демократска Република Конго

Кенија

Малави

[Слика на страница 11]

На нашиот пат за Малави, преку Кејптаун (Јужна Африка)

[Слика на страница 13]

Кога бевме уапсени и протерани од Малави

[Слика на страница 15]

Дорка, Масајка, со својот сопруг

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели