„И Вие можете да прекинете — ние прекинавме!“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
Како што вели приказната, европските бродови кои пристигнале на брегот на Јапонија во втората половина на 1500-тите, донеле посетители кои пушеле тутун и изгледале како да „палат оган во нивните стомаци“. Зачуденоста прераснала во љубопитност, па така до 1880-тите навиката на пушење се одомаќинила и во Јапонија. Кој би помислил дека потомците на тие зачудени Јапонци денес ќе се вбројат меѓу најголемите корисници на тутун во светот?
„САКАВМЕ да се чувствуваме како возрасни, да знаеме како е да си возрасен“ (Акио, Осаму и Јоко).
„Сакав да ослабам“ (Тсуја).
„Тоа беше од љубопитност“ (Тошихиро).
„Не мислевме дека тутунот ќе влијае штетно врз нас!“ (Рјоха, Јуничи и Јасухико).
„Сакав да ја ублажам утринската мачнина за време на мојата втора бременост“ (Чиеко).
„Пушев за да ги исполнам непријатните моменти за време на деловните состаноци“ (Татсухико).
Овие причини ги наброја една група луѓе кога беа запрашани зошто почнале да пушат. Таквите објаснувања се сосема разбирливи, со оглед на фактот што некои ја нарекуваат Јапонија рај за пушачите. Но, вредно е да се забележи дека сите што беа наведени погоре прекинале со навиката на користење тутун. Тоа е вистински подвиг кога ќе ги земете предвид препреките што им ги поставила средината. Дали се прашувате како успеале во тоа? Најнапред да разгледаме колку е раширена употребата на тутун во Јапонија во денешно време.
Тутунската сцена
Околу 56 проценти од возрасните мажи во Јапонија пушат, во споредба со само 28 проценти од мажите во Америка кои се на возраст од 15 години или постари. Во 34.000.000-те пушачи во Јапонија спаѓаат околу 22 проценти жени, од кои многумина се млади. Примерот на возрасните и вештите реклами многу придонел за брзиот пораст на младите пушачи. Рекламирањето цигари на ТВ или на радио, кое пред повеќе од две децении беше забрането во Соединетите Држави, сега е забрането и во Јапонија.
Освен тоа, лесно може да се дојде до цигари преку автоматите кои ги има на секој ќош на улиците во Јапонија. Штом ќе им се најде кутијата в рака, малкумина обрнуваат внимание на прилично слабите и ноншалантни пораки отпечатени на неа. Етикетата може едноставно да гласи: „Да не пушиме премногу; тоа може да биде штетно“. Освен фактот што честопати преовладува неинформираноста за сериозните опасности од тутунот, сепак и лошиот пример на некои истакнати луѓе ги охрабрува Јапонците да пушат, успивајќи ги во лажно чувство на сигурност.
Не е ни чудо тоа што антипушачите го осудуваат пропустот на Јапонија што не поттикнува поголем број од своите жители да престанат со користењето тутун. Но, едукаторите почнуваат да увидуваат колку е важно да се предупредат луѓето дека пушењето го загрозува нивното здравје и живот. Да, Јапонците кои пушат ги доживуваат истите симптоми како и сите други пушачи — гадење, отежнато дишење, постојано кашлање, болки во стомакот, губење на апетитот, подложност на настинки и можеби, со текот на времето, предвремена смрт поради рак на белите дробови, заболување на срцето или други проблеми.
На 1 април 1985, тутунската индустрија во Јапонија беше приватизирана, со што се стави крај на децениите монопол на владата. Меѓутоа, таа сѐ уште има блиски врски со владата, со што е спречен секаков вистински напредок во одвратувањето од пушење. Ова објаснува зошто антипушачките групи сметаат дека Јапонија денес е рај за пушачите. И тоа објаснува зошто The Daily Yomiuri известил дека лекарите се жалат на фактот што Јапонија е „општество кое охрабрува на пушење“.
За да видите како некои успеале да прекинат, видете ја рамката „Како прекинавме“.
Како може да се прекине?
Советот на поранешните љубители на тутунот, како што се овие во рамката, се сведува на ова: Имајте јасен мотив за да прекинете. Љубовта кон Бог и желбата да му угодите е најдобар мотив. Љубовта кон ближниот е уште еден добар мотив. Поставете си цел и држете се за неа. Разгласете дека прекинувате — кажете им на Вашите пријатели и побарајте ја помошта од членовите на Вашето семејство. Ако е можно, прекинете наеднаш. И правете сѐ што можете за да избегнувате средина во која се пуши.
Ако ја проучувате Библијата, дружете се повеќе со Јеховините сведоци. Ако бидете меѓу нив, наскоро ќе ја изгубите желбата да пушите. Од друга страна, пак, ако си Јеховин сведок кој ја проучува Библијата со некој пушач, не се откажувај од него. Помогни му да го љуби Јехова повеќе од својата лоша навика.
[Рамка/слики на страници 18 и 19]
„Како прекинавме“
Миеко: „Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, бев сигурна дека не можам да прекинам со пушењето. Мојот мотив за да проучувам беше барем моите деца да го дознаат патот на животот. Но, наскоро сфатив дека родителот мора да даде пример, па затоа почнав горливо да го молам Јехова Бог за помош. Ми беше потребен напор за да работам на она за што се молев, и така некое време се чувствував бедно. Но, никогаш нема да го заборавам она убаво чувство на чиста совест кое ме обзеде кога конечно се ослободив од тој валкан порок“.
Масајуки: „Откако бев пушач кој пушеше по три кутии цигари на ден и после многу обиди и неуспеси, конечно ја изгасив и последната цигара и му реков на тутунот збогум. Моето семејство, другите Сведоци и Јехова Бог ми помогнаа да прекинам. Во банката каде што работев никој не веруваше дека прекинав. Дадов предлог во знак на љубезност кон нашите муштерии, службениците во јавните простории на банката да не пушат во работното време. Мојот предлог беше прифатен, иако 80 проценти од вработените се пушачи. Оваа практика сега се рашири во 260 филијали на нашата банка“.
Осаму: „Кога ја дознав вистината од Божјата Реч, Библијата, знаев дека мора да прекинам со пушењето. Ми требаше речиси една година. Дури и откако прекинав, уште шест месеци морав да се борам со желбата да пушам. Длабоко во себе знаев дека требаше јас самата да сакам да прекинам“.
Тошихиро: „Исусовата откупна жртва толку длабоко влијаеше врз мене што сметав дека можам како жртва барем да престанам со пушењето“.
Јасухико: „Мојата одлука да му бидам послушен на Јехова Бог и да прекинам со пушењето ми го спаси животот. Еден ден, просторијата во која работев се исполни со гасот пропан кој навлезе низ една пукнатина. Вообичаено, јас ќе запалев цигара и така ќе се предизвикаше експлозија. Но бидејќи неколку дена претходно престанав да пушам, денес сум овде за да зборувам за тоа“.
Акио: „Кога одвреме навреме почнав да чувствувам мачнина, се сомневав дека пушењето ми штети. Но, не прекинав. Првата информација заснована на факти што ја добив за опасностите од пушењето дојде од жена ми, која стана Јеховин сведок. Наскоро почнав да ја проучувам Библијата и од публикациите на Watch Tower дознав дека пушачот не си наштетува само себеси туку и на членовите на своето семејство. Веднаш прекинав!“
Рјохеи: „Жена ми ми купуваше цигари — 20 кутии одеднаш. Но, откако почна да ја проучува Библијата со Сведоците, таа одби да купува нешто што знаеше дека ќе ми наштети. Затоа отворив сопствена продавница за тутун. Пушев по три и пол кутии на ден. Потоа почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците. Наскоро сакав да станам делотворен говорник на библиски теми. Затоа прекинав со пушењето за да се квалификувам за ова обучување во Теократската школа за служба“.
Јуничи: „Мојата мала ќерка, која е Сведок, беше загрижена за мојот живот. Ме натера да ѝ ветам дека ќе прекинам со пушењето, и јас прекинав“.
Тсуја: „Кога првпат посетив една Сала на Царството, штом влегов побарав пепелник и кибрит. На мое изненадување, ми рекоа дека таму никој не пуши. Знаев дека треба да прекинам со пушењето. Осумте мизерни денови што ги поминав во болница ме уверија дека никогаш повторно не сакам да поминам низ агонијата на одвикнување“.
Јоко: „За таа тема проучував во списанијата и во другите публикации на Јеховините сведоци, разгледувајќи како Исус го одбил опојното средство што му го понудиле пред да го приковаат на маченичкиот столб. Му се молев на Јехова Бог и му кажував дека сакам да бидам чиста фалителка на неговото име. После тоа не пропушив никогаш повторно. Кога пушеа луѓето околу мене, речиси сакав да го вдишувам нивниот дим, но брзо се оддалечував бидејќи не сакав повторно да излезе на површина мојот порив за пушење“.
Сите овие поранешни пушачи се одлучни никогаш повторно да не пропушат. Дали и Вие сте пушач кој сака да се ослободи од оваа навика?
Миеко
Осаму
Јасухико
Акио со сопругата, Сачико
Јуничи и неговата ќерка Мери
Јоко