Гледиште на Библијата
Дали светот ќе биде уништен во космичка катастрофа?
НА 12 март 1998, насловите во весниците, ТВ екраните и интернет сајтовите низ целата Земјина топка ја раширија злокобната вест: „Астероид од една милја на пат едвај да ја промаши Земјата“. Научниците и лаиците се растрчаа да ја проценат вистинската опасност. Наскоро астрономите заклучија дека шансите за судир се нула.
Меѓутоа, среде тој метеж, се појави едно ново сознание. „Најзначајно во врска со лажната тревога можеби е тоа што, колку и да беше застрашувачка, многу луѓе не ја сметаа за некое големо изненадување“, рекол U.S.News & World Report. „Идејата дека ние што сме на Земјата треба да набљудуваме повеќе такви објекти — и да планираме да преземеме нешто против нив — ќе беше многу чудна пред една или повеќе децении, но сега научниците, па дури и некои политичари, мислат дека заканата, иако мала, е реална.“
Некои астрономи сметаат дека околу 2.000 небесни тела кои се доволно големи за да предизвикаат глобална катастрофа се движат со огромна брзина на патеки кои ја сечат Земјината орбита или, пак, ѝ се приближуваат. Дури и ако некое релативно мало тело би удрило во Земјата, велат истражувачите, експлозијата би била еднаква на силата на многу нуклеарни бомби кои експлодираат во ист момент. Последиците од таквиот судар би биле катастрофални за нашата планета и за нејзините жители, како за луѓето така и за животните.
Единственото мислење што е изоставено од таквите мрачни предвидувања и пресметки е мислењето на Творецот на универзумот, Јехова Бог (Псалм 8:3; Изреки 8:27). Во Библијата тој јасно ја изнел својата волја и намера со Земјата и со човечкиот род. Дали тој ќе дозволи една космичка катастрофа да го уништи нашиот свет?
Универзум под божествена контрола
Бидејќи Јехова е семоќниот Творец на универзумот, разумно е да се заклучи дека тој има способност да спроведе целосна контрола врз силите кои управуваат со небесните тела. Мудриот цар Соломон рекол дека Јехова „со разум ги утврди небесата“ (Изреки 3:19). Пророкот Јеремија изјавил дека Бог „со разумот Свој ги распростре небесата“ (Јеремија 51:15).
Јехова ги ставил во погон законите и силите кои стојат зад движењето на небесните тела, вклучувајќи ги и ѕвездите, планетите, кометите и астероидите (Исаија 40:26). Сепак, изгледа дека тој допушта ѕвездите и планетите да поминат низ нивните природни циклуси на метафорично раѓање, живот и смрт, без постојана интервенција од негова страна. Ова вклучува и некои страшни колизии на небесни тела. Еден неодамнешен пример е колизијата што се случи во јули 1994, при која фрагменти од кометата Шумејкер—Леви 9 удри во планетата Јупитер.
Постојат геолошки докази дека големи карпи од вселената во претчовечката историја удриле во Земјата. Но, дали еден таков настан некогаш ќе се одигра на нашава населена планета? На пример, што би се случило кога со Земјата би се судрил астероид од една милја? Астрономот Џек Хилс предвидува дека таквиот удар би ослободил енергија која е милиони пати поголема од енергијата на бомбата што ја срамнила Хирошима. Кога би го погодил океанот, брановите би ги поплавиле крајбрежјата. „Онаму каде што постоеле градови“, вели Хилс, „би имало само калливи рамнини.“ Најлошото сценарио предвидува целосно уништување на човечкиот род. На кој начин оваа прогноза за страшен суд се вклопува со волјата што нашиот Творец ја има за Земјата? Библијата покажува дека оваа планета има едно посебно место во Јеховината намера.
Нашата Земја — направена со цел
Во врска со нашата планета, псалмистот наведува: „Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки“ (Псалм 113:24). Исаија го опишува Јехова како оној „Кој ѝ даде облик на земјата . . . Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење“ (Исаија 45:18). Земјата е наследството што Јехова му го дал на човештвото. И бидејќи нашиот Творец има на ум една вечна иднина за богобојазливите луѓе, Земјата ќе остане засекогаш како нивен траен дом. Псалм 103:5 нѐ уверува: „Ти [Јехова] си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш“.
Точно е дека Бог допуштил некои големи катастрофи на нашата планета, од кои произлегла смрт на голем дел од човештвото. Некои од овие катастрофи — како што се војните, гладот и епидемиите — во целост или делумно биле предизвикани од алчноста, глупавоста и суровоста на луѓето (Проповедник 8:9). Други — како што се земјотресите, вулканските ерупции, поплавите и бурите — биле предизвикани од природни појави кои луѓето не ги разбираат потполно. Спротивно на Божјата првобитна намера, луѓето повеќе не се совршени; тие се грешни. Како резултат на тоа, во ова време ние како поединци не можеме да сметаме на божествена заштита од таканаречените природни катастрофи.
Меѓутоа, ниту во еден случај Јехова не допуштил постоењето на човекот на Земјата да биде сериозно загрозено. Уште од создавањето на човекот, потврдената историја не содржи некој настан на природна катастрофа кој се заканил на постоењето на целото човештво.a
Преживувањето на човечкиот род е гарантирано
Уште од почетокот на човечката историја, намерата на нашиот Творец била човекот ‚да ја наполни земјата и да господари над неа‘ (1. Мојсеева 1:28; 9:1). Тој ветил дека „праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:9, 11, 22, 29). Во врска со своите ветувања, Јехова потврдува: „Мојата одлука ќе се изврши, и сѐ што Ми е угодно — ќе го направам“ (Исаија 46:10; 55:11; Псалм 134:6).
Библијата не ја исклучува потполно можноста за неволја на Земјата во мали размери предизвикана од космички појави. Сепак, можеме да бидеме уверени дека Јехова нема да допушти никаква космичка катастрофа да ја спречи неговата утврдена намера со Земјата и со човештвото. На темел на библиските ветувања, можеме да бидеме уверени дека нашата планета ќе остане населена засекогаш — да, таа ќе биде дом на човештвото до недогледно време! (Проповедник 1:4; 2. Петрово 3:13).
[Фуснота]
a Потопот од времето на Ное бил средство на божествено погубување, но Јехова се погрижил да преживеат некои луѓе и животни (1. Мојсеева 6:17—21).