Алтајците — народ што го засакавме
Во текот на минатиот век, рускиот православен свештеник архимандритот Макариј го превел „Стариот завет“ од Библијата на руски јазик. Меѓутоа, пред да го направи ова, добил налог од црковниот синод да ги запознае Алтајците со христијанството. Кои се Алтајците? Каде живеат? Каков е нивниот начин на живот?
НА ЕДЕН од обласните конгреси на Јеховините сведоци, кој беше одржан во Русија минатиот јули, присуствуваа околу 40 Алтајци. Се одржа во Барнаул, најголемиот град во рускиот алтајски крај. На конгресот присуствуваа 1.730 лица. За да присуствувам на овој тродневен собир, одлетав таму со пријатели од Санкт Петерсбург, лет од речиси 6.500 километри.
За време на нашиот неколкудневен престој во Барнаул, ги запознавме и многу ги засакавме Алтајците што ги сретнавме. Особено бевме трогнати кога дознавме дека многу од нив патувале со автобус речиси 650 километри по планински патишта, и дека дури и тогаш кога некоја одронета карпа го скршила ветробранското стакло на автобусот, воопшто не помислиле да се вратат. Кога дознавме за нивната земја и култура, со нетрпение сакавме да ги посетиме во нивните домови и села. Затоа, после конгресот, имавме едно фасцинантно патување од преку 1.500 километри во земјата на Алтајците.
Нивната земја и религија
Повеќето од околу 70-те илјади Алтајци, првобитните жители на тој крај, живеат во планинските предели недалеку од Казахстан, Кина и Монголија. Пејзажите ни се чинеа чудесни — прекрасни и планински, со кристално чисти реки и многу цвеќиња. Локалното население собира различни корења од кои прават вкусни, ароматични чаеви. Исто така, тие со уживање јадат борови ореви.
Некои Алтајци имаат фарми. Една жена Сведок рече дека таа и нејзините роднини имаат 75 говеда и 80 овци. Месото го продаваат, а волната ја разменуваат за брашно и шеќер. Една друга христијанска сестра ми рече дека продала четири овни за да може да појде на конгресот заедно со својата ќерка. Со неа дошле уште седуммина други луѓе, со кои води библиски студии! На конгресот, еден од нив ми рече: „Имаме само еден животен пат — Божјиот пат“.
Иако ова е оддалечен крај со убавина која го одзема здивот — посетителите го нарекуваат втори швајцарски Алпи — дури и овде животот драматично се променил. Еден постар човек ни рече: „Ако пред неколку години некој ми речеше дека ќе треба да ја заклучувам мојата јурта [куќа со кружен свод] пред да си легнам, немаше да му верувам. Но, сега го правам тоа секоја вечер“. Овие „времиња тешки“ поттикнале многумина да ги испитаат пророштвата од Библијата (2. Тимотеј 3:1—5).
Алтајците обично се горди на својата древна традиција и облик на обожавање. Повеќето веруваат во речни и планински духови — за нив планината е симбол на нивните богови. Тие обожаваат и животни, па дури и цртаат слика на зајак на бело платно и го закачуваат на ѕидот од нивната јурта. Кога ќе дојде првата луња во дождовната сезона, тие изведуваат еден ритуал пред сликата на зајакот, попрскувајќи го со чај, млеко или алкохолен пијалак наречен арак. Но, особено ги обожаваат, како што веруваат тие, духовите на умрените.
Нивните религиозни водачи се наречени шамани. На пролет и на есен, шаманите извршуваат ритуали на ‚светите места‘ на врвовите на планините или, пак, на планинските падини. За време на таквите ритуали, шаманите врзуваат бели платнени ленти на гранките од дрвјата, покривајќи со нив многу дрвја. Веруваат дека планинските духови ќе бидат задоволни кога тие ќе го направат тоа и дека ќе ги заштитат од незгоди при патувањата.
Влијанието на спиритизмот
Но, моите пријатели и јас најмногу бевме импресионирани од луѓето и од нивната срдечна искреност. Во Барнаул се запознавме со Светлана и нејзината ќерка Тулунај и потоа уживавме во нивното гостопримство во Уст-Кан, село со околу 3.000 луѓе. Светлана била воспитана од својата баба според локалните традиции и била во блиска врска со шаманите. Всушност, Светлана научила да комуницира со она за што се верувало дека се духови на умрените. Како резултат на својата посебна дарба, Светлана стекнала авторитетна положба, во која уживала.
Сепак, почнала да се соочува со многу проблеми. „Ме измачуваа демони“, ми рече. „Ноќе не можев добро да спијам!“ Понекогаш, се наоѓала во полухипнотизирана состојба. „Еднаш“, објасни таа, „ја видов мојата шестмесечна ќеркичка Тулунај како прасенце кое лазеше кон мене. Сакав да го задавам. Но, Тулунај почна гласно да плаче. Се преплашив кога си дојдов при себе и сфатив дека сум можела да ја убијам мојата ќеркичка.“ Светлана почнала да се прашува кои се тие духови.
Потоа, во 1991, една Алтајка во Уст-Кан зела библиска литература издадена од Јеховините сведоци. Секогаш кога ќе почнела да ја чита брошурата „Гледај! Сѐ ново создавам“, Светлана заспивала. „Се смеев“, забележува таа, „и велев дека Сведоците ми дале нешто подобро од апче за спиење.“ Но, сѐ уште ноќе имала вознемирувачки визии и затоа искрено се молела: „Јехова, ако си толку моќен, те молам помогни ми да се ослободам од овие ужасни кошмари“. За неколку секунди, сѐ било добро и таа се чувствувала нормално.
Светлана почнала да се моли пред да си легне навечер и, на нејзино изненадување, брзо заспивала. „Беше неверојатно тоа што можев да спијам како нормален човек“, рече таа. Одлучила сериозно да ја проучува Библијата со помош на публикациите на Watch Tower Society, и во 1992 го симболизирала своето предание на Јехова Бог со крштавање во вода. „Научив дека, ако имаш потполна доверба во Јехова, ништо нема да биде невозможно“, ми рече таа (Филипјаните 4:13).
Христијанското обожавање напредува
Во 1993, во Уст-Кан беше оформено собрание на Јеховините сведоци, а на состаноците присуствуваа околу 70 луѓе. Во април 1998, на Меморијалот на Христовата смрт присуствуваа 120 лица. Селото Јаконур, на неколку километри северно од Уст-Кан, едно време се сметало за центар на шаманизмот. Но, еден човек по име Шамејт рече дека, кога Сведоците почнале да проповедаат таму, шаманите почнале да ја губат својата моќ. Сега во ова село е активна една група Сведоци, и многу луѓе покажуваат интерес за Библијата.
Во селото Чаган-Узун, сместено на околу 90 километри од монголската граница, се вели дека повеќето од 500-те жители ги читаат нашите публикации. А во Горно-Алтајск, главниот град на Горно-Алтајската Република, има две собранија со 160-тина Сведоци.
Но, на почетокот на 1994, многу Сведоци, вклучувајќи ги и оние од Уст-Кан, беа повикани да се појават пред судот во Горно-Алтајск. Беа обвинети за такви скандалозни престапи како што е жртвување деца. Поради противењето, некои Сведоци беа отпуштени од работа и истерани од Алтај. Но, со текот на времето стана јасно дека обвиненијата против Сведоците се лажни. Затоа, во мај 1994, Одделот за правда на Алтајската република законски ја регистрираше заедницата на Јеховините сведоци во Горно-Алтајск. Денес, Сведоците и нивната библиска литература се познати во целиот Алтај.
Учество во службата
За време на нашата посета во Уст-Кан, можевме да учествуваме во службата заедно со локалните Сведоци. Всушност, се прошири вест дека доаѓаат посетители. Затоа, кога нѐ виде како проповедаме, еден репортер од локалниот весник ѝ се приближи на нашата група и рече: „Слушнав дека некои важни луѓе доаѓаат кај нас. Како можам да се поврзам со нив?“
Колку само се изненади кога се идентификувавме како наводно важните луѓе! Беше зачуден што бевме заедно со локалниот народ и одевме во домовите на соседите. Додека дискутиравме со него, тој забележа: „Гледам дека меѓу вас нема шефови. Вие сте само обични луѓе и не се сметате за нешто посебно. Тоа навистина е извонредно! Вие сте вистински христијани, и јас сум на ваша страна“.
На нашата посета многу брзо ѝ дојде крајот. Додека си заминувавме, во очите на нашите пријатели имаше солзи. Стоеја еден до друг, правејќи ограда од луѓе. Тоа е традиционален алтајски поздрав за драгите пријатели. За оние неколку дена што ги поминавме со нив, стекнавме длабока наклоност еден кон друг. Станавме вистински пријатели. Зошто? Затоа што оној што нѐ обединува е Јехова, непристрасниот Бог (Дела 10:34).
На враќање
Кога се враќавме во Барнаул, запревме во една продавница во едно мало планинско село. Продавачката, која беше сама, многу се израдува кога нѐ виде. Откако разменивме неколку збора, ја прашав: „Дали некогаш сте го слушнале името Макариј?“
„Не, не сум го слушнала“, одговори таа после кратка пауза.
Затоа ѝ покажав еден примерок од преводот на Библијата на Макариј и објаснив: „Токму овде, во земјата на Алтајците, во текот на минатиот век Макариј работел на овој превод“. Потоа ѝ ја подарив Библијата.
Додека разгледувавме, жената веќе почна да чита. Одеднаш, забележавме искра надеж во нејзините очи. Кога си заминувавме, ни рече дека има многу пријатели и роднини кои ќе бидат заинтересирани за Библијата. Затоа, пред да се збогуваме, ѝ оставивме приличен број библиска литература.
Колку само е наградувачки да се знае дека, иако поминале преку 150 години откако Макариј живеел меѓу Алтајците и работел на својот библиски превод, денес многу Алтајци имаат корист од таа Библија! (Приложено.)
[Карта на страница 17]
(Види во публикацијата)
РУСИЈА
Алтај
Горно-Алтај
Казахстан
Кина
Монголија
[Слика на страници 16 и 17]
Алтајците на конгресот во Барнаул
[Слики на страници 16 и 17]
Пејзаж во Алтај
[Слика на страница 17]
Многумина веруваат дека овие ленти платно ги заштитуваат патниците
[Слики на страница 18]
Проповедање во Уст-Кан
[Слика на страница 18]
Светлана и нејзината ќерка
[Слика на страница 19]
Библијата Макариј