Вашиот животен стил — кои се ризиците?
ВО МНОГУ погледи, здравствените трендови никогаш не изгледале посветли. Еден извештај на Светската здравствена организација (СЗО) од 1998 наведува: „Повеќе луѓе од кога и да е порано, сега имаат пристап барем до минимална здравствена нега, до сигурни резерви вода и до санитарни објекти“. Се разбира, голем дел од светското население сѐ уште поднесува лоши услови на живот но, како што извести British Broadcasting Corporation, „сиромаштијата ширум светот во последниве 50 години е намалена повеќе отколку во претходните 500 години“.
Подобрувањата во системите за здравствена нега ширум светот ги продолжија годините на просечно очекуваниот животен век при раѓањето низ целиот свет. Во 1955, просекот беше 48 години. Во 1995 скокна на 65 години. Една причина за овој пораст е напредокот што е постигнат во борбата против детските болести.
Пред нешто повеќе од 40 години, децата на возраст под пет години сочинуваа 40 проценти од сите смртни случаи. Меѓутоа во 1998, благодарение на вакцините, многу од децата во светот беа имунизирани против потешките детски болести. Така, бројот на смртни случаи кај децата на возраст под пет години опадна на 21 процент од сите смртни случаи. Според СЗО, постои „еден непогрешлив тренд кон поздрав, подолг живот“.
Се разбира, подолгиот живот со мали подобрувања во неговиот квалитет би бил празна победа. Во потрага по подобри услови за живеење, многу луѓе ставаат голем нагласок врз материјалните задоволства. Меѓутоа, таквиот животен стил може да носи и свои ризици по здравјето.
Подобар животен стил?
Неодамнешниот социјално-економски развој воведе огромни промени во животниот стил на луѓето. Во развиените земји сега многумина можат да ги купат предметите и услугите кои порано можеле да си ги допуштат само побогатите. И додека некои од овие напредоци го зголемиле изгледот за подолг живот, многу луѓе биле заведени на самоуништувачки животен стил.
На пример, милиони ја искористиле својата зголемена потрошувачка моќ за да купат такви излишни работи како што се дрога, алкохол и цигари. За жал, резултатите се јасно предвидливи. „Заканата за здравјето на луѓето која најмногу се шири во светот не е некоја болест“, наведува списанието World Watch, „туку производ.“ Ова списание додава: „Во следните 25 години се очекува болестите кои се предизвикани од пушењето да ги надминат заразните болести како водечка закана за човечкото здравје ширум светот“. Освен тоа, Scientific American наведува: „Зачудувачки 30 проценти од смртните случаи на рак можат да се припишат првенствено на пушењето, а исто толкав број на животниот стил, особено на навиките во исхраната и на недостигот на вежбање“.
Без сомнение, изборот што го правиме во врска со начинот на кој живееме има големо влијание врз нашето здравје. Тогаш, како можеме да го одржиме или да го подобриме своето здравје? Дали исхраната и вежбањето се доволни? Освен тоа, каква улога играат менталниот и духовниот фактор во еден здрав животен стил?