Како растението Христов венец го добило своето име?
ПРИКАЗНАТА е дека римокатоличките свештеници му го дале името на ова растение уште во 16 век. Тие рекле дека некои делови од цветот ги потсетуваат на агонијата, односно страдањето и смртта на Исус Христос. Внимателно погледнете ја илустрацијата и ќе можете да го следите нивното објаснување. Според нив, петте ливчиња на овој цвет и петте слични венечни ливчиња ги претставуваат десетте верни апостоли кои останале со Христос за време на неговото страдање. (Ним им одговарало да го исклучат Јуда, предавникот, и Петар, кој три пати се одрекол од Христос.) Тие го виделе дури и Христовиот венец од трње во зраците над венечните ливчиња. Петте прашници (машки структури кои произведуваат полен) ги претставувале Христовите наводни пет рани. Трите столпчиња кои се издигнуваат над плодникот, завршуваат во еден жиг сличен на копче, кој многу личи на шајка со голема глава. Тие требало да ги претставуваат шајките што се користеле при погубувањето на Исус. На овие свештеници сигурно не им недостигала фантазија!
Кога го откриле ова прекрасно цвеќе, тоа растело во денешна Латинска Америка. Денес се одгледува во многу делови на светот, вклучувајќи и многу ботанички градини. Неговиот дијаметар варира од 13 до 150 милиметри и го има во најразлични бои.
Од растението Христов венец има приближно 400 видови, кои обично растат во потоплите региони на светот. Некои дури даваат и плодови кои се јадат и можат да бидат малку горчливи или, пак, многу благи. Овој плод може да се користи за да се прави овошен сок, мармалад, па дури и сладолед. Џиновската гранадила е како тиква и може да тежи дури до три и пол килограми.
Како што можете да увидите, во едно цвеќе може да има многу повеќе од она што се гледа со око. А постојат околу 250.000 видови ангиосперми, односно цветни растенија! Тоа е предмет за страствениот студент на цвеќарството.
[Графикон на страница 19]
(Види во публикацијата)
ВЕНЕЧНИ ЛИВЧИЊА
ЗРАЦИ
ЧАШКИНИ ЛИВЧИЊА
СТОЛПЧИЊА
ПРАШНИЦИ