Дали е судбина или чиста случајност?
„СУДБИНАТА ги одзела животите на многу луѓе а ги поштедила на други“, стоело во International Herald Tribune. Минатата година, во терористичките напади на американските амбасади во Кенија и во Танзанија загинаа речиси 200 луѓе, а беа ранети стотици. Сепак, „времето ги благослови најстарите дипломати на амбасадата“, забележа весникот.
Тие биле поштедени затоа што биле на состанок во оној дел од зградата кој се наоѓал подалеку од ударот. Но, еден висок службеник на амбасадата, кој обично присуствувал но не и овој пат, се наоѓал во еден дел кој бил поблиску до експлозијата и загинал.
„Судбината постапи сурово и со Арлен Кирк“, наведе весникот. Кога се враќала во Кенија од својот годишен одмор, Арлен доброволно се понудила да го отстапи своето седиште поради пребукираниот лет. Меѓутоа, и некои други патници доброволно се понудиле да ги отстапат своите места пред нејзе и така таа се качила на авионот. Како резултат на тоа, се вратила на работа во амбасадата истиот ден кога се случила експлозијата и загинала.
Несреќите не се нешто невообичаено за луѓето. Сепак, никогаш не е лесно да се објасни некоја трагедија. Редовно, во несреќите и катастрофите ширум светот, некои умираат а други преживуваат. Сепак, катастрофите не се единствена прилика кога некои се прашуваат: ‚Зошто јас?‘ Дури и кога станува збор за убавите работи во животот, некои изгледа дека имаат подобри изгледи од другите. Додека за многумина животот претставува постојана борба, кај други изгледа како работите лесно да си доаѓаат на свое место. Затоа, можеби се прашувате: ‚Дали можеби сето ова е некако испланирано? Дали судбината го контролира мојот живот?‘
Потрага по објаснувања
Пред околу 3.000 години, еден мудар цар ги набљудувал неочекуваните случки околу него. За тие настани го дал следново објаснување: „Времето и непредвидениот настан им се случуваат на сите нив“ (Проповедник 9:11, NW). Понекогаш се случува нешто неочекувано. Едноставно нема начин тоа да се предвиди. Значајни настани, и добри и лоши, честопати се сведуваат на факторот време.
Сепак, можеби го имате истото гледиште како оние кои, наместо да ги објаснат работите како последица на случајноста, во нив го гледаат учеството на една друга сила — судбината. Верувањето во судбина или предодреденост е едно од најстарите и најраширени религиозни верувања на човекот. Професор Франсоа Жоан, директор на Центарот за митолошко истражување при универзитетот во Париз, вели: „Не постои ниту една ера или цивилизација која не верувала во некој божествен господар на судбините . . . за да го објасни сето она што е необјасниво во нашето постоење“. Затоа е вообичаено да се чуе како луѓето велат: „Не му беше времето да умре“ или „Така требало да биде“. Но, што е судбина?
Дефинирање на судбината
Зборот „судбина“ доаѓа од латинскиот фатум, што значи „пророчка изјава, пророчиште, божествено одредување“. Иако понекогаш се мисли дека некаква случајна сила ја одредува судбината на некој неизбежен и необјаснив начин, најчесто се смета дека оваа сила е некој бог.
Историчарот на религија Хелмер Рингрен објаснува: „Битен елемент во религиозниот став е чувството дека човековата судбина не е бесмислена ниту случајна, туку дека причината лежи во силата на чија волја и намера ѝ се припишува“. Иако честопати се мисли дека е можна некаква интервенција, многумина ги сметаат луѓето за релативно немоќни пиони во една игра во која немаат никаква контрола. Затоа, тие ‚се помируваат со својата судбина‘.
Теолозите и филозофите долго време настојувале да ја објаснат судбината. The Encyclopedia of Religion [Енциклопедија на религијата] вели: „Идејата за судбина, кога се појавува во која и да е варијација, јазик или нијанса на значење, секогаш содржи еден основен елемент на мистерија“. Но, една нишка која се провлекува низ лавиринтот од идеи е идејата за виша сила која ги контролира и ги насочува работите на човекот. Се мисли дека оваа сила однапред ги обликува животите на поединци и нации, правејќи ја иднината подеднакво неизбежна како и минатото.
Одлучувачки фактор
Дали верувањето во судбина има некакво значење? „Околностите во животот на луѓето многу придонесуваат во одредувањето на нивната филозофија, но и обратно, нивната филозофија многу придонесува во одредувањето на нивните околности“, напишал англискиот филозоф Бертранд Расел.
Всушност, верувањето во судбина — без оглед на тоа дали постои или не постои такво нешто — може да одреди како ќе постапуваме. Верувајќи дека тоа е волја на боговите, многумина пасивно ја прифаќаат својата ситуација — колку и да е неправедна или угнетувачка — како да е нивна непроменлива судба во животот. Со тоа, верувањето во судбина ја поткопува идејата за лична одговорност.
Од друга страна, пак, верувањето во судбина мотивирало други во спротивна насока. На пример, историчарите го припишуваат развојот на капитализмот и на индустриската револуција на неколку фактори. Во нив спаѓа верувањето во предодреденост. Некои протестантски религии поучувале дека Бог ги предодредува луѓето за спасение. Германскиот социолог Макс Вебер вели: „Прашањето ‚Дали сум еден од избраните?‘, порано или подоцна мора да се појавило кај секој верник“. Поединци настојувале да откријат дали имаат Божји благослов, и според тоа, дали се предодредени за спасение. Вебер аргументирал дека тоа го правеле преку нивната „световна активност“. Успехот во бизнисот и натрупувањето богатство се сметале за знаци на Божја наклоност.
Верувањето во судбина навело некои да преземат радикални чекори. Во Втората светска војна, јапонските пилоти-самоубијци верувале во камикази, односно „божествен ветар“. Идејата дека боговите имале некаква намера и дека било можно да се одигра некоја улога во неа, придала религиозен призвук на една страшна смрт. Минатата деценија, бомбардерите самоубијци на Средниот Исток честопати се наоѓале на насловните страници со своите страотни напади. Фатализмот игра важна улога во овие „самоубиствени напади поттикнати од религијата“, забележува една енциклопедија.
Но, зошто верувањето во судбина е толку раширено? Еден краток преглед на неговото потекло ќе ни го даде одговорот.