Од разрикан лав до кротко јагне
РАСКАЖАЛ ЕНРИКЕ ТОРЕС, ПОМЛАДИОТ
РОДЕН сум во 1941 на карипскиот остров Порторико, каде што службен јазик е шпанскиот. Моите скромни родители беа римокатолици, но ниту тие, ниту моите сестри и брат ми (кој умре кога беше дете) ниту, пак, јас не добивме религиозна поука и ретко одевме в црква.
Семејството се пресели од Порторико во Соединетите Држави во 1949. Се населивме во Њујорк Сити, во Источен Харлем, познат како Ел Барио. Таму останавме сѐ до 1953. Ми беше тешко да се привикнам на англискиот јазик. Оваа бариера ми создаваше чувства на недостаточност.
Влијание на своеволност
Потоа нашето семејство се пресели во подрачјето на Проспект Хајтс во Бруклин. Во овој период, под влијание на врсниците станав член на една улична банда. Подоцна бев наречен нејзин голем војсководец. Потоа станав водач на друга банда, која се занимаваше со крадење автомобили. Исто така, станав криумчар (собирач на илегални коцкарски долгови) на оние во соседството кои се кладеа. Подоцна преминав на кражби и бев апсен неколку пати пред да наполнам 15 години. Во тоа време веќе не одев на училиште.
Кога имав 16 години, властите ме протераа во Порторико на пет години, како дел од една парничка спогодба. Ме испратија кај дедо ми и неговото семејство. Тој беше познат и почитуван полицаец во пензија. Меѓутоа, по една година дедо ми ме врати во Бруклин затоа што се тепав кога ќе се опијанев, се дружев со непожелни луѓе и крадев.
Улогата на татко ми во мојот живот
Кога од Порторико се вратив во Њујорк Сити, дознав дека татко ми почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Сепак, мојот живот тргна во спротивен правец. Упорно водев безбожен живот и земав дрога и алкохол. Станав член на една банда која крадеше и ограбуваше, а тоа водеше до моето апсење во 1960. Бев прогласен за виновен и осуден на три години затвор.
Во 1963 бев условно пуштен од затвор. Но, наскоро бев повторно уапсен поради кражба и одлежав две години во затворот на островот Рикерс, во Њујорк Сити. Ме пуштија во 1965. Сепак, истата година бев уапсен заради убиство. Каква само крволочна, лавовска природа стекнав!
Судот ме осуди на 20 години во Данимор, северен дел на Њујорк. Таму бев вовлечен во затворската поткултура.
Сепак, како што спомнав претходно, татко ми го проучуваше Писмото со Јеховините сведоци. Подоцна се крсти и служеше како старешина во едно собрание во Харлем. Честопати ме посетуваше додека бев в затвор и секогаш ми зборуваше за Бог, за Неговото име и за Неговата намера.
Но, додека бев во затворот во Данимор, станав дел од една група ограбувачи кои даваа заеми со преголеми камати. Во тоа време, во 1971, изби бунт во еден друг затвор во државата Њујорк, во Поправниот дом Атика. Овој бунт беше на насловните страници на многу весници и доби голем публицитет на радио и на телевизија ширум светот. По бунтот, за да се спречи истото да се случи и во Данимор, управникот на затворот сметаше дека треба да ги издвои затворениците кои би можеле да влијаат лошо врз другите затвореници. Нив ги одвои во специјални единици за сместување.
Од 2.200 затвореници, бевме одвоени околу 200. После понатамошно испитување некои беа издвоени за сурово тепање. Освен тоа, како дел од она што беше наречено „лекување за промена на однесувањето“, во храната ни ставаа дрога.
Тоа не беше прв пат да бидам ставен во изолација поради бунтовно однесување. Но, ова беше прв пат да бидам жртва на таква суровост, и тоа длабоко ме погоди. На рацете ми беа ставени лисици, на нозете имав синџири и чуварите жестоко ме тепаа во различни прилики. Требаше да трпам и постојани расни навреди заради мојата националност. Заради понижувањето и тепањето, почнав со ограничен штрајк со глад додека бев во изолација, и тоа траеше околу три месеци. Тогаш изгубив речиси 25 килограми.
Кога татко ми се распрашуваше за моето влошено здравје, беше игнориран од затворските службеници. Тоа ме остави со чувство на безнадежност и јас почнав да им пишувам на политичарите за помош заради неправедното постапување.
Татко ми постојано одеше кај издавачите на весниците заради тепањата, понижувањето и ставањето дрога во храната на затворениците во специјалната единица за сместување. Само еден весник, Amsterdam News, одговори со статија во врска со бедните услови. Во различни прилики татко ми одеше и во Комесаријатот на Поправниот дом во Албени (Њујорк), и секогаш му велеа дека јас се наоѓам во редовна единица за сместување. Мојот извештај до политичарите во врска со затворските услови не наиде на одѕив. Станав поочаен од порано и навидум немаше каде да се обратам за помош.
Тогаш се сетив на некои работи за кои ми зборуваше татко ми. Одлучив да го молам Бог за помош.
Се свртувам кон Бог
Пред да се помолам, се сетив на постојаното охрабрување од татко ми да не се молам на Исус туку на Исусовиот Татко, чие име е Јехова. Се испружив на подот на ќелијата и го искажав моето длабоко жалење поради животниот правец што го следев, чија последица беше да поминам повеќе од половина од мојот живот в затвор. Горливо го молев Јехова да ми помогне да се извлечам од оваа ситуација затоа што сега сфатив дека само тој има моќ да ме избави од оваа неволја.
Не знам колку долго се молев, но размислував за моето минато и покајнички го молев Јехова за простување. Ветив дека ќе се обидам да научам повеќе за него. Не помина долго време, и јас бев пуштен од таа занданска самица и ставен во општото затворско население. Така прекина мојот штрајк со глад.
За да го одржам ветувањето дека ќе учам повеќе за Јехова, почнав да го читам Нов свет преводот на Светото писмо. Едно нешто што ми подбудуваше интерес во врска со овој превод на Библијата беше нејзината зелена корица. Таа ме привлече затоа што затворската облека, ќелиите, ѕидовите и ходниците беа сиви, депресивно сиви. Подоцна, на мое изненадување, бојата на сите овие работи беше променета во зелена како шума. Оваа боја беше прифатена од Одделот за поправки после бунтот во затворот Атика.
Почнав да читам и статии од списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, кои татко ми се погрижи да ги добивам. Читањето на искуствата на толку многу Јеховини сведоци кои биле в затвор заради тоа што цврсто се држеле за својата вера и кои поминале низ повеќе од она што го поминав јас, ми остави длабок впечаток. Тоа беа луѓе кои не извршиле никакво криминално дело и кои неправедно страдале бидејќи му биле верни на Бог. Од друга страна, пак, моето страдање беше заслужено. Кога ги читав овие искуства, моето срце беше трогнато и бев охрабрен да учам повеќе за Јехова и за неговиот народ.
Конечно, после една година, излегов пред одбор за условно пуштање. Мојот случај беше повторно разгледан, вклучувајќи го и премрежето во специјалната единица за сместување. Се израдував кога дознав дека ќе бидам условно пуштен во 1972.
Две седмици откако бев пуштен, отидов во локалната Сала на Царството на Јеховините сведоци, во шпански Харлем. Но, сѐ уште се чувствував недостоен да се дружам со Јеховиниот народ. И сѐ уште имав да научам многу за Јехова, за неговата организација и за неговиот народ. Исто така, ми требаше време повторно да се прилагодам на општеството откако поминав толку време в затвор.
За жал, не можев да ги отфрлам моите стари патишта. Повторно се свртев кон дрогата, криминалот и безбожниот пат. На крајот, тоа водеше до уште една затворска казна од 15 години. Сепак, мислам дека Јехова мора да видел нешто добро во моето срце, бидејќи никогаш не се откажа од мене. Можам само да кажам дека, без оглед на тоа дали се в затвор или не, Јехова никогаш не ги напушта ниту се откажува од оние кои се наклонети кон тоа да учат за него.
Проучување на Библијата в затвор
Овојпат, повторно во затворот во Данимор, ја искористив подготовката за седмична библиска студија со еден Јеховин сведок. Подоцна бев префрлен во Поправниот дом Мид-оринџ, затвор со средна обезбеденост во северниот дел на Њујорк. Тоа беше промена од затворот Данимор, кој е максимално обезбеден.
По две години во Поправниот дом Мид-оринџ, почнав активно да учествувам во библиската студија што ја имаше еден друг затвореник, што беше одобрено од затворските власти. Мајка му, која беше Јеховин сведок, ја договорила оваа студија. Конечно, со постојаното стекнување спознание, почнав да ги применувам библиските начела и тоа на крајот водеше до духовен напредок.
Откако седум пати одбија условно да ме пуштат, колебливо ме пуштија осмиот пат. Причината што ја дадоа за одбивањето на моите претходни молби за условно пуштање беше мојата „склоност кон криминал“. Бев пуштен откако одлежав 8 од 15-те години казна.
Конечно ослободување од темнината
Откако ме пуштија, повторно застранив и по кратко време подлегнав на земањето дрога. Исто така, живеев невенчано со една жена. Тоа започна во 1972. Меѓутоа, во 1983 повторно почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Овојпат почнав редовно да одам на христијанските состаноци. Сепак, пред да почнам да проучувам и да одам на состаноците, престанав да земам дрога и да пушам.
Но, спротивно на Божјиот закон за бракот, сѐ уште живеев невенчано со мојата жена. Тоа ја вознемируваше мојата совест и затоа се обидов да ја натерам да прифати библиска студија и да го озакониме нашиот однос со тоа што ќе се венчаме. Но, таа рече дека Библијата е човечка книга смислена од мажите за да ги подјармуваат жените и дека бракот не е потребен.
Сфатив дека не можам да продолжам да живеам во неморален однос со жена која не ги почитува Божјите закони за бракот. Затоа, ја прекинав нашата врска и се преселив во Бруклин. Знаев дека не би можел да им зборувам на другите за Бог и за неговите намери ако моите околности не се доведени во склад со неговите закони.
Ослободен од сите небиблиски пречки и откако ја проучував Библијата три години, со чиста совест го предадов мојот живот на извршувањето на Божјата волја и го симболизирав тоа крштавајќи се на еден конгрес на Јеховините сведоци. Ветувањето што го дадов дека ќе го запознаам Богот чие име татко ми секогаш го спомнуваше е нешто за што никогаш не зажалив. И моето ветување на Јехова во занданите на затворот Данимор е ветување кое напорно ќе се трудам да го одржам сѐ додека тој не ги донесе многуте благослови што ги ветил во својата Реч.
Радосно очекување на рајот
Со голема радост го очекувам времето кога Јехова ќе ја преобрази целата оваа земја во прекрасен рај (Псалм 36:11, 29; Лука 23:43). Исто така, со радост очекувам и едно друго ветување од Бог — воскресението на мртвите со можност да живеат засекогаш на земјата (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Колку само ќе биде прекрасно времето кога ќе можам да им изразам добредојде од гробот на моите љубени, вклучувајќи го татко ми, мојот мал брат и другите кои ги познавам а умреле прерано! Честопати размислувам за оваа надеж и таа ме исполнува со радост. Друга радост што ја имам сега е тоа што двете мои сестри и некои од нивните деца му го предадоа својот живот на Јехова и се крстија.
Сега, додека ја покажувам мојата вера пред другите и го пренесувам моето животно искуство, не можам а да не ги кажам со задоволство утешните зборови на псалмистот, запишани во Псалм 71:12—14: „Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него“.
Јеховината стрпливост со мене ми го грее срцето и ми овозможи да ги научам и да ги применувам особините што тој сака да ги имаат неговите слуги — не крволочни особини на лав, туку мирољубиви, љубезни и кротки особини што ги има едно јагне. Ова е неопходно, бидејќи Божјата реч наведува дека тој „на смирените им дава благодат“ (Изреки 3:34).
[Истакната мисла на страница 12]
„Повторно бев уапсен поради кражба и одлежав две години во затворот на островот Рикерс, во Њујорк Сити. Ме пуштија во 1965. Сепак, истата година бев уапсен заради убиство. Каква само крволочна, лавовска природа стекнав!“
[Слика на страница 13]
На денот кога се крстив