Меѓународната вселенска станица — лабораторија во орбита
ПО НЕКОЛКУ години, кога ќе го набљудувате јасното ноќно небо, можеби нема да ги видите само ѕвездите и Месечината туку и една вештачка „ѕвезда“, еден предмет кој сјае исто толку светло колку планетите. Со димензии на две фудбалски игралишта, овој колос направен од човек, кој веќе е во изградба, е наречен ‚најголемиот инженерски проект од времето на пирамидите‘. Што е тоа?
Кога ќе биде завршен, тој ќе биде Меѓународна вселенска станица (МВС) — трајна лабораторија за вселенско истражување што ја направиле повеќе од 100.000 работници. Повеќето од нив работат во Канада, Русија и Соединетите Држави, но многу други се во Белгија, Бразил, Данска, Германија, Италија, Јапонија, Норвешка, Обединетото Кралство, Франција, Холандија, Швајцарија, Шведска и Шпанија. Завршената МВС ќе биде долга 88 метри и широка 109 метри, со простор за работа и за живеење колку кабините на два млазни авиона Боинг 747. Вселенската станица на крајот ќе тежи 520 тони, а нејзината конструкција ќе чини најмалку 50 милијарди долари!
Некои критичари кои се загрижени поради таквите огромни трошоци во името на истражувањето ја нарекуваат МВС „меѓуѕвезден бел слон“. Од друга страна, пак, нејзините поборници очекуваат вселенската станица да обезбеди место за проби на нов, современ индустриски материјал, комуникациона технологија и медицинско истражување. Сепак, пред да можат астрономите да ја прицврстат лабораториската опрема на ѕидовите на МВС, таа мора да се состави делче по делче, а сето тоа мора да се направи во вселената!
Изградба во вселената
Поради колосалната големина, МВС не може да се состави на Земјата бидејќи би се срушила под сопствената тежина. За да се отстрани оваа пречка, научниците изработуваат модули овде на Земјата кои ќе бидат склопени во вселената за да се состави вселенската станица. Ќе бидат потребни 45 лансирања од руските носачи и од вселенските летала на САД за да можат овие составни делови да се однесат во вселената.
Склопувањето на станицата е нешто невидено, претворање на вселената во раздвижено градилиште. Ќе бидат склопени повеќе од 100 модули додека работниците и материјалите се наоѓаат во орбита. Меѓународниот екипаж од астронаути мора рачно да изврши голем дел од работата, изведувајќи стотици часови вселенски прошетки.
Првиот модул на МВС — 20-тонскиот руски „Зарија“ (што значи „Изгрев“) — беше лансиран на 20 ноември 1998 од космодромот Бајконур, во Казахстан. На овој модул му требаше доволно гориво за да остане во орбита заедно со другите модули што му се додаваа. Две седмици по лансирањето на „Зарија“, вселенското летало „Ендевор“ го однесе во височините американскиот сврзен модул наречен „Јунити“.
Во текот на таа прва сесија на конструирање, во декември 1998, екипажот на „Ендевор“ се соочи со предизвиците кои претстојат. На средбата со „Зарија“ на 400 километри над Земјата, астронаутот Ненси Кери користела 15-метарска роботска рака за да го фати модулот кој тежел 20 тона и да го прицврсти на „Јунити“. Потоа, астронаутите Џери Рос и Џејмс Њумен додале електрични и компјутерски жици и флуидни црева надвор од двата модула. Овие приклучоци се користат за да се пренесува електрична енергија меѓу модулите и за да се овозможи циркулација на вода за ладење на воздухот и за пиење. За да се завршат овие задачи беа потребни три вселенски прошетки кои траеја вкупно 21 час.
Бидејќи ракетите и вселенските бродови носат нови модули на секои неколку седмици, МВС ќе прерасне од само едниот руски модул „Зарија“, во вселенска станица која ќе тежи 520 тона. Ќе биде предизвик да се задржи оваа сѐ поголема станица во орбита, бидејќи не смее да попушти на силата на Земјината гравитација. Затоа, таа се наоѓа во постојана опасност да падне на Земјата. За да се одржи станицата во воздухот, ќе ја посетуваат вселенски летала и ќе ѝ даваат полет да остане на исправната височина.
Гравитацијата која речиси е еднаква на нула, ќе игра важна улога во истражувањето што ќе се спроведе на МВС, каде што гравитационата сила изнесува само еден милионит дел од јачината на таа сила која дејствува на Земјата. Еден молив пуштен на Земјата од височина од два метра ќе падне за 0,5 секунди. Во вселенската станица ќе бидат потребни десет минути! На кој начин МВС ќе служи како лабораторија, и какво влијание ќе има врз Вашиот секојдневен живот?
Лабораторија што орбитира
Се очекува МВС да биде завршена во 2004 година. Потоа, во овој џиновски комплекс ќе доаѓаат најмногу по седум астронаути истовремено. Некои ќе живеат во него по неколку месеци. Сместен на овој таканаречен прозорец кон универзумот, екипажот на МВС ќе извршува најразлични експерименти што ги замислиле научниците ширум светот.
На пример, кога гравитационата сила е многу слаба, корењата на растенијата не се пробиваат надолу и листовите не се протегаат нагоре. Затоа, научниците планираат да направат експерименти за да дознаат како се однесуваат растенијата во отсуство на гравитација. Исто така, кристалите на протеините стануваат поголеми и посиметрични кога се наоѓаат во вселената. Затоа, под такви околности би можеле да се создадат почисти кристали. Информациите во врска со ова можат да им помогнат на истражувачите да пронајдат лекови кои се користат против одделни протеини кои предизвикуваат болести. Во средина каде што гравитацијата е многу слаба, би можеле да се произведат материјали чие производство е речиси невозможно на Земјата.
При гравитација која изнесува речиси нула, човечките коски и мускули се оштетуваат. Поранешниот астронаут Мајкл Клифорд забележал: „Дел од научното истражување е насочен кон разбирањето на психолошките ефекти на долготрајната изложеност во вселената“. Ќе биде направен барем еден експеримент за да се утврди како може да се спречи оштетувањето на коските.
Кога ќе се дознаат долготрајните ефекти од живеењето во вселената, можеби тоа ќе помогне еден ден да се овозможи долготраен вселенски лет на Марс. „Тоа е прилично долго патување“, признал Клифорд. „Сакаме да можеме да ги вратиме [вселенските истражувачи] во добра форма.“
Освен тоа, приврзаниците на МВС предвидуваат дека истражувањата што ќе се извршуваат на вселенската станица ќе доведат до подобро разбирање на фундаменталните градежни блокови на животот. Таквото разбирање би можело да води до нови методи за лекување на ракот, дијабетесот, емфиземата и нарушувањата во имунолошкиот систем. Лабораториите сместени на МВС ќе содржат еден биореактор кој ќе одгледува клеточни култури кои личат на природно ткиво. Научниците ќе настојуваат да дознаат нешто повеќе во врска со човечките болести и за тоа како да се лекуваат успешно. Ќе биде поставен и оптички прозорец од 50 сантиметри за да се изучуваат атмосферските гасови, белеењето на коралните гребени, ураганите и други природни појави на Земјата.
„Лабораторија на мир?“
Меѓутоа, за некои од нејзините горливи застапници, МВС е нешто повеќе отколку само лабораторија што лебди. Во неа тие гледаат исполнување на едно ветување од програмата Аполо, која остави плочка на Месечината на која пишува: „Дојдовме во мир за целото човештво“. Откако ја опишува МВС како „лабораторија на мир“, седумдесетгодишниот астронаут Џон Глен додал: „[Таа] ќе овозможи 16 нации да работат заедно во вселената наместо да измислуваат начини да си наштетуваат овде на Земјата“. Тој и некои други ја сметаат МВС за место каде што нациите ќе можат да научат да соработуваат во научни и технолошки проекти кои никој не може да си ги дозволи како поединец, а од кои имаме корист сите ние.
Сепак, многумина не можат а да не се прашаат дали нациите навистина мирољубиво ќе соработуваат во вселената, кога не можат да го постигнат тоа овде на Земјата. Како и да е, МВС е резултат на човековата силна желба да зачекори во непознатото и да дознае што се случува во условите кои владеат таму. Всушност, овој огромен проект е производ на човековото чувство за авантура и на неговата страст за откритија.
[Рамка/слики на страница 15-17]
ДАТУМИ ПОВРЗАНИ СО ВСЕЛЕНСКИТЕ СТАНИЦИ
1869: Американецот Едвард Еверет Хејл објавува една кратка приказна, Месечина од цигли, во врска со еден вселенски сателит од цигли со човечки екипаж над Земјата.
1923: Романецот Херман Оберт го измислува терминот „вселенска станица“. Тој мисли на една појдовна точка за летовите на Месечината и на Марс.
1929: Во својата книга The Problem of Space Travel (Проблемот на патувањето во вселената), Херман Потокник изнесува план за една вселенска станица.
1950-тите: Ракетниот инженер Вернер фон Браун опишува една станица во облик на тркало, која орбитира на 1,730 километри над Земјата.
1971: Советскиот Сојуз ја лансира „Салјут 1“, првата вселенска станица во историјата. Тројца космонаути престојуваат во станицата 23 дена.
1973: Во орбита е сместена „Скајлаб“, првата вселенска станица на САД, и во неа има три екипи астронаути. Оваа станица повеќе не е во вселената.
1986: Советите ја лансираат „Мир“, првата вселенска станица наменета за да обезбеди постојано присуство на човекот во вселената.
1993: Соединетите Држави ги повикуваат Русија, Јапонија и други нации да се придружат во конструирањето на Меѓународната вселенска станица (МВС).
1998⁄99: Првите модули на МВС се лансирани во орбита — една година подоцна од планираното.
[Слики]
Горе: Уметничка замисла на завршената станица во 2004
Поврзани се првите два модула, „Зарија“ и „Јунити“
Рос и Њуман на нивната трета прошетка во вселената
Лансирање на вселенски брод, еден од многуте кои се планирани
„Скајлаб“
„Мир“
[Извор на слика]
Страници 15—17: Фотографии на НАСА