Во потрага по добар живот
„Со напредокот на дваесеттиот век, секојдневниот живот на многу луѓе . . . беше променет од научниот и од технолошкиот развој“ (The Oxford History of the Twentieth Century — Оксфордска историја на дваесеттиот век).
ЕДНА од најголемите промени во оваа ера е поврзана со населението. Ниеден друг век не доживеал толку брз пораст на светското население. Тоа достигна околу една милијарда во почетокот на 1800-тите и околу 1,6 милијарди во 1900 година. Во 1999, светското население достигна шест милијарди! А повеќето од ова сѐ побројно население ги сака таканаречените добри работи во животот.
Напредокот на медицината и сѐ поголемата достапност на здравствена нега придонесоа за ваквиот пораст на населението. Просечниот животен век се зголеми на места како што се Австралија, Германија, Јапонија и Соединетите Држави — од под 50 години на почетокот на овој век, на повеќе од 70 години сега. Меѓутоа, овој позитивен тренд не е толку очигледен на другите места. Луѓето кои живеат во барем 25 земји сѐ уште очекуваат животен век од 50 години или помалку.
‚Што правевте порано...?‘
Понекогаш младите не можат да сфатат како нивните предци живееле без авиони, компјутери, телевизија — работи кои денес луѓето во побогатите земји ги сметаат за вообичаени, па дури и за неопходни. На пример, да разгледаме како автомобилот го променил нашиот живот. Измислен е на крајот на 19-тиот век, но Time неодамна забележа: „Автомобилот е еден од изумите кои го одбележуваат 20-тиот век од почетокот до крајот“.
Во 1975 беше проценето дека секое десетто лице од работната сила во Европа ќе остане без работа ако одеднаш ги снема моторните возила. Освен очигледниот ефект врз автомобилската индустрија, вратите ќе ги затворат и банките, трговските центри, драјв-ин рестораните и другите претпријатија кои зависат од „подвижните муштерии“. Ако фармерите немаат со што да ги однесат на пазарот своите производи, во системите за дистрибуција на храна ќе дојде до застој. Оние што работат во градовите а живеат во предградијата, ќе бидат отсечени од своите работни места. Суперавтопатите кои се испреплетуваат врз пејзажите ќе престанат да се користат.
За да се зголеми производството на автомобили а да се намалат трошоците, на почетокот на овој век беа воведени производни ленти, кои денес се вообичаени во повеќето индустрии. (Производните ленти овозможија масовно производство и на други производи, како што се кујнски апарати.) На почетокот на овој век, автомобилот бил играчка за богатите само во неколку земји, но сега тој е превозно средство за обичниот човек во поголемиот дел од светот. Како што рекол еден автор, „животот кон крајот на 20-тиот век речиси не може да се замисли без моторни возила“.
Во потрага по задоволства
Патувањето порано значеше да се оди таму каде што мораше да се оди. Но, во текот на 20-тиот век, работите се променија — особено во развиените земји. Бидејќи можеше полесно да се дојде до добро платено работно место и работната седмица се намали на 40 или помалку часови, луѓето имаа и пари и време за да патуваат. Сега патувањето значеше да се оди таму каде што сакате да одите. Автомобилите, автобусите и авионите ја олеснија рекреацијата во далечните места. Масовниот туризам стана голем бизнис.
Според Тајмсовиот атлас на 20-тиот век, туризмот „имал драматично влијание како врз земјите кои примаат туристи така и врз земјите од кои тие доаѓаат“. Дел од тоа влијание било негативно. Многу често туристите придонеле за уништување на самите атракции кои ги привлекле.
Луѓето имале повеќе време и за спорт. Многумина станале учесници; други се задоволуваат со тоа да бидат страсни, понекогаш бучни навивачи за нивните омилени екипи и спортисти. Со појавата на телевизијата, спортските настани станале достапни речиси за секого. Домашните, како и меѓународните спортски настани привлекуваат стотици милиони воодушевени телевизиски гледачи.
„Спортот и филмот ги зацртаа контурите на масовната индустрија за рекреација, која сега е еден од најголемите работодавачи и заработувачи во светот“, вели Тајмсовиот атлас на 20-тиот век. Секоја година луѓето трошат милијарди долари на забава, вклучувајќи го коцкањето, кое е омилен облик на рекреација за многумина. На пример, едно истражување во 1991 го наброја коцкањето како 12-та најголема индустрија во Европската Заедница, со годишен обрт од најмалку 57 милијарди долари.
Кога таквата рекреација стана нешто вообичаено, луѓето почнаа да бараат нови возбудувања. Нивното експериментирање со дрогата, на пример, доби толкав замав што во средината на 1990-тите, незаконската трговија со дрога се проценуваше на вредност од 500 милијарди долари годишно, правејќи ја „единствениот најпрофитен сектор на бизнисот во светот“, вели еден извор.
„Забава до бесвест“
Технологијата помогна светот да се претвори во глобално село. Политичките, економските и културните промени сега влијаат врз луѓето ширум светот речиси моментално. „Јасно е дека имало и други периоди во кои се случувале епохални пресврти“, рекол професор Алвин Тофлер, автор на книгата Future Shock (Шок од иднината) во 1970. Тој додал: „Но, овие шокови и пресврти беа во границите на едно или на група соседни општества. Беа потребни генерации, па дури и векови, за да се прошири нивното влијание надвор од тие граници . . . Денес, мрежата на општествени врски е толку цврсто испреплетена што последиците од денешните настани моментално се шират низ целиот свет“. Сателитската телевизија и Интернет исто така играат улога во влијанието врз луѓето ширум светот.
Некои велат дека телевизијата е највлијателниот медиум на 20-тиот век. Една писателка коментирала: „Иако некои луѓе ја критикуваат нејзината содржина, никој не дебатира за моќта на телевизијата“. Но, телевизијата не е подобра од луѓето кои ги прават програмите. Така, заедно со својата моќ да влијае на добро, таа има моќ да влијае и на лошо. Додека програмите со плитка содржина, полни со насилство и неморал, им го даваат на некои луѓе она што сакаат да го видат, таквите програми не успеваат да ги подобрат човечките односи, а честопати само ги влошуваат.
Нејл Постман, во својата книга Amusing Ourselves to Death (Забава до бесвест), спомнува една друга опасност, велејќи: „Проблемот не е во тоа што телевизијата ни презентира забавни теми туку во тоа што сите теми се презентирани како забавни . . . Без разлика на тоа што се прикажува или од која гледна точка, општа претпоставка е дека тоа е за наша забава и задоволство“.
Додека луѓето му придавале поголем приоритет на задоволството, духовните вредности и моралот стрмоглаво се спуштале. „Во голем дел од светот, организираната религија ја изгуби моќта во текот на 20-тиот век“, вели Тајмсовиот атлас на 20-тиот век. Додека духовноста опаѓаше, барањето задоволства стана приоритет кој далеку ја надминува својата вистинска вредност.
„...сѐ што сјае“
Овој 20-ти век го карактеризираат многу позитивни промени, но, како што вели една изрека, „Не е злато сѐ што сјае“. Иако поединци имале корист од продолжениот животен век, порастот на светското население создал огромни нови проблеми. Списанието National Geographic неодамна забележало: „Порастот на населението би можел да биде најитниот проблем со кој се соочуваме додека влегуваме во новиот милениум“.
Автомобилите се корисни и удобни, но исто така и опасни за живот, како што се гледа од проценетите четврт милион смртни случаи годишно во автомобилски несреќи ширум светот. Исто така, автомобилите се главни причинители на загадување. Авторите на 5000 Days to Save the Planet (5000 дена за да се спаси планетата) велат дека загадувањето „сега е глобално и ја уништува или ја поткопува способноста на екосистемите од северниот до јужниот пол“. Тие објаснуваат: „Отидовме подалеку од оштетувањето само на екосистемите и сега ги нарушуваме самите процеси кои ја одржуваат Земјата како погодно место за вишите животни облици“.
Во текот на 20-тиот век, загадувањето стана проблем кој во претходните векови не беше многу познат. „До неодамна никој не помислуваше дека постапките на луѓето би можеле да влијаат врз светот во глобални размери“, вели National Geographic. „Денес некои научници веруваат дека такви промени се случуваат за прв пат во пишаната историја“. Потоа предупредува: „Вкупното влијание на човекот е такво што би можело да дојде до масовно истребување во текот на една човечка генерација“.
Навистина, 20-тиот век беше уникатен. Луѓето, благословени со исклучителни можности да имаат добар животот, сега гледаат дека самиот живот им е во опасност!
[Табела/слики на страници 8 и 9]
(Види во публикацијата)
1901
Маркони го испраќа првиот трансатлантски радио сигнал
1905
Ајнштајн ја објавува својата специјална теорија на релативитетот
1913
Форд пушти производна лента за својот автомобил Модел-Т
1941
Роден е ТВ маркетингот
1969
Човекот стапна на Месечината
Масовниот туризам станува голем бизнис
Се зголемува популарноста на Интернет
1999
Светското население достигнува шест милијарди