Дали сакате да научите странски јазик?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
„Полесно е да се рече отколку да се направи!“ Така велат многумина во врска со учењето странски јазик, особено откако веќе се обиделе. Точно е дека учењето друг јазик, најблаго речено, претставува предизвик. Но, оние што успеале велат дека вреди да се вложи труд.
ИМА многу причини зошто да се учи нов јазик. На пример, Андреј планирал да оди на годишен одмор во Франција и сакал да може да разговара со локалното население на нивниот јазик. Гвидо е роден во Англија, но потекнува од италијанско семејство. „Знаев само дијалект“, вели тој, „и затоа сакав да научам правилно да зборувам италијански.“ Брат му на Џонатан неодамна се преселил во странство и се оженил со Шпанка. „Кога го посетив брат ми, сакав да зборувам со моите нови роднини на нивниот мајчин јазик“, вели Џонатан.
Но, од учењето странски јазик може да има и други користи. „Тоа ме научи на сочувство“, вели Луиз. „Сега сфаќам како се чувствуваат странците кога ќе отидат во некоја земја во која се зборува поинаков јазик од нивниот.“ За Памела користите биле од уште полична природа. Порасната во Англија, таа не знаела многу кинески — јазикот на нејзиното семејство. Како резултат на тоа, Памела и мајка ѝ се оддалечиле една од друга. „Немаше многу комуникација меѓу нас“, признава Памела. „Но сега, кога можам да зборувам кинески, ние сме поблиски и нашиот однос се подобри.“
Помош за да се успее
Што Ви е потребно за да успеете во учењето странски јазик? Многумина кои успеале во тоа, го истакнуваат следново.
● Мотивација. Потребен Ви е поттик — причина за да се стремите кон својата цел. Учениците кои имаат јака мотивација обично постигнуваат најмногу.
● Понизност. Не очекувајте премногу од себеси — неизбежно е да се греши, особено на почетокот. „Луѓето ќе Ви се смеат“, вели Алисон, „затоа задржете смисла за хумор!“ Валерија се согласува: „Тогаш сте како дете кое учи да оди. Честопати се спрепнувате, но едноставно треба да станете и повторно да се обидете“.
● Стрпливост. „За мене, првите две години беа тешки и понекогаш ми доаѓаше да се откажам“, признава Дејвид. Сепак, тој вели: „Станува полесно!“ Џил го мисли истото. „Не знаеш дека си напредувал сѐ додека не погледнеш назад“, вели таа.
● Вежбање. Една редовна рутина ќе Ви помогне да го зборувате течно новиот јазик. Обидете се да вежбате секој ден, макар само неколку минути. Како што наведува еден прирачник, „,малку, но често‘ е подобро од ‚многу, но ретко‘“.
Корисни алатки
Дали сте спремни да го прифатите предизвикот да научите некој странски јазик? Ако е така, следниве алатки можат да го зголемат Вашиот напредок.
● Испишани картички. На секоја од нив има некој збор или реченица на предната страна и превод на задната страна. Ако нема такви во местото каде што живеете, можете да си направите свој шпил, користејќи подредени картички.
● Аудиокасети и видеокасети за учење. Тие можат да Ви помогнат да го слушате исправниот изговор на јазикот. На пример, додека се возел во автомобилот, Дејвид ги научил основите на јапонскиот јазик слушајќи аудиокасета од еден учебник за туристи.
● Двонасочни компјутерски програми. Некои од нив овозможуваат да го снимите својот глас и да го споредите својот изговор со изговорот на говорниците на кои тој им е мајчин јазик.
● Радио и телевизија. Ако во Вашето место се емитуваат радио или телевизиски програми на јазикот што го учите, зошто не ги следите за да видите колку можете да разберете?
● Списанија и книги. Пробајте да читате печатен материјал на новиот јазик, водејќи сметка степенот на разбирливост да не биде ниту превисок ниту пренизок.a
Совладување на јазикот
Се разбира, порано или подоцна ќе треба да разговарате со оние што го зборуваат тој јазик. За тоа не е потребно да патувате во некоја далечна земја. Наместо тоа, можеби ќе можете да посетите некое собрание на Јеховините сведоци на странски јазик во Вашата земја.
Во секој случај, целта треба да Ви биде да научите да мислите на новиот јазик наместо само да преведувате зборови и реченици од мајчиниот јазик. Веројатно ќе Ви биде од помош и ако се обидете да научите нешто за обичаите и навиките на луѓето што го зборуваат Вашиот нов јазик. „Не можете вистински да научите некој јазик без да разберете нешто за шемите и вредностите на културата од која тој е дел“, вели експертот за јазик Роберт Ладо.
За крај: Не обесхрабрувајте се ако Ви се чини дека напредувате бавно. Учењето нов јазик е постојан процес. „Никогаш не престанувам да учам“, вели Џил, која научила јазик за глувонеми пред 20 години. „Јазикот секогаш се развива.“
Затоа, дали сакате да научите странски јазик? Ако сакате, бидете спремни да започнете со еден потфат кој претставува голем предизвик, но сепак носи богати награди.
[Фуснота]
a Разбудете се! сега излегува на 82 јазика, а неговото придружно списание Стражарска кула се печати на 132 јазика. При учењето нов јазик, на многумина им помогнало јасното изразување во овие списанија.
[Слики на страници 12 и 13]
Можете да го збогатите својот речник ако . . .
. . . го споредите својот мајчин јазик со јазикот што го учите