Младите прашуваат . . .
Како можам да ги избегнам опасностите на Интернет?
ЗАМИСЛИ си дека се наоѓаш во најголемата библиотека на светот. Опкружен си со секакви книги, весници, каталози, фотографии и снимки — речиси на секоја тема. Сите најнови информации и голем дел од книжевното творештво од минатите векови ти стојат на врвот на прстите.
Па, Интернет може да ти ги стави тие информации на врвот на прстите. Тој овозможува да седиш пред твојот компјутер и да разменуваш информации со други компјутери и корисници на компјутери насекаде во светот.a Им овозможува на корисниците да продаваат производи, да купуваат, да вршат банкарски трансакции, да разговараат, да ги слушаат најновите музички снимки — и сето тоа во приватноста на својот дом.
Затоа, не е многу чудно тоа што некои стручњаци предвидуваат дека до крајот на оваа година, Интернет ќе го користат повеќе од 320 милиони луѓе. Значи, користењето на Интернет станува вообичаено во многу делови на светот. Бидејќи училиштата и библиотеките нападно ја унапредуваат неговата употреба, милиони млади луѓе имаат пристап до него. Во Соединетите Држави, речиси 65 проценти од младите на возраст од 12 до 19 години веќе ги користеле или се претплатиле на „он-лајн“ услугите.
Ако се користи исправно, Интернет може да биде извор на корисни информации за времето, патувањата и за други теми. Преку него можеш да купуваш книги, делови за автомобил и други работи. Многумина го користат за училишни задачи.
Иако Интернет може да биде корисен, тој може да личи и на библиотека без библиотекари или други набљудувачи. Може да се прелистува со чувство дека не е присутен никој друг. Но, тоа е една од најголемите опасности во користењето на Интернет. Зошто? Затоа што безброј Веб-страници содржат материјал што е морално расипан и духовно деструктивен. Значи, Интернет може да ги стави на искушение младите христијани. Па, сите луѓе по природа се љубопитни — склоност која Сатана Ѓаволот долго време ја искористува. Сатана сигурно ја искористил љубопитноста на Ева и ‚ја завел со своето лукавство‘ (2. Коринтјаните 11:3).
На сличен начин, еден млад христијанин лесно би можел да биде заведен од нездрави информации ако не е решен да ја чува својата духовност. Една статија во Better Homes and Gardens (Подобри домови и градини) објаснува: „Интернет е едно возбудливо подрачје на кое брилијантни пионери ги нудат најновите информации; но низ киберпросторот шетаат и педофили, измамници, фанатици и други непристојни лица“.
Еден младинец по име Хавиерb вели: „Некои Веб-страници се шокантни. Тие можат да се појават без предупредување“. Тој додава: „Се обидуваат да те вовлечат. Сакаат да те заведат — да ти ги земат парите“. Еден млад христијанин по име Џон признава: „Штом почнеш да гледаш неисправен материјал, тешко е да престанеш — тој те прави зависен“. Некои христијански младинци посетувале нездрави Веб-страници и тоа ги вовлекло во посериозна неволја. Некои го нарушиле дури и својот однос со Јехова. Како може да се избегне тоа?
‚Гледање суета‘
Понекогаш, самата адреса на Веб-страницата јасно покажува дека содржи непожелен материјал.c Изреки 22:3 предупредува: „Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат“.
Меѓутоа, најчесто проблемот лежи во тоа што луѓето можат сосема случајно да наидат на некоја непожелна страница. „Хоум пејџ“ може да содржи шокантни слики кои се внимателно наменети за да те намамат да ја истражуваш страницата — и постојано да се враќаш на неа!d
Кевин опишува што му се случило на еден негов пријател: „Имаше многу слободно време и беше љубопитен. Наскоро му стана навика да гледа порнографија“. За среќа, овој млад христијанин се обратил кај еден старешина и му било помогнато.
Дали си одлучил како ќе постапиш ако наидеш на таква страница? Јасно е што треба да направи христијанинот: Веднаш да ја напушти страницата — дури и да се исклучи од Интернет! Биди како псалмистот кој се молел: „Сврти ги очите мои за да не гледам суета“ (Псалм 118:37; спореди Јов 31:1). Запомни дека дури и тогаш кога не нѐ посматра никој друг, ние не сме незабележани. Библијата нѐ потсетува дека сѐ е „голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евреите 4:13).
Разговорот со твоите родители или со други зрели христијани може да ја зајакне твојата одлучност да не посетуваш повторно такви нездрави страници. Ако паднеш во жив песок, дали би се борел сѐ додека не пропаднеш до вратот и потоа би викал за помош?
Што е со дружењето „он-лајн“?
„Чет“ им овозможува на корисниците на Интернет низ целиот свет истовремено да комуницираат меѓу себе. Во бизнисот се користи за „он-лајн“ конференции и за нудење услуги на муштериите. Некои „чет“ линии им овозможуваат на корисниците да разменуваат информации за технички работи, како што се поправки на автомобили или програмирање на компјутери. Некои облици на „чет“ им овозможуваат на пријателите и на роднините да комуницираат приватно без да се изложуваат на трошоците на меѓународните телефонски разговори. Иако примената на овој медиум може да биде оправдана, има ли некакви опасности?
Навистина треба да се биде претпазлив кога станува збор за јавните „чет“ линии, бидејќи тие содржат извесни опасности. Писателката Лија Розен забележала: „Тинејџерите кои се разбираат во технологија минуваат часови муабетејќи на отворена линија со анонимни непознати лица од нивната земја, па дури и од светот. За жал, некои од овие непознати лица со кои тинејџерите разговараат ‚он-лајн‘ можат да бидат возрасни перверзни типови кои бараат сексуални средби со деца“. Една статија во Popular Mechanics предупредила дека „мора да се биде крајно внимателен“ кога се користат јавните „чет“ линии. Ако го откриеш своето име и адреса на некој непознат, би можел да си навлечеш сериозна неволја! Зошто да се изложуваш на таква опасност?
Но, многу поподмолна опасност е тоа што можеш да се вплеткаш во несоодветно дружење со непознати лица кои не ги почитуваат библиските начела.e Истражувачите велат дека голем дел од разговорите на тинејџерите на „чет“ линиите се сосредоточува на теми за сексот. Затоа, соодветен е библискиот совет од 1. Коринтјаните 15:33 (NW): „Немојте да се залажувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“. Лошите друштва преку компјутерска линија се опасни. Дали еден богобојазлив младинец треба без размислување да се изложува на таков ризик?
Заштита
Со оглед на опасностите што ги носи, Интернет мора да се користи претпазливо. На пример, некои семејства го ставаат компјутерот на најпосетеното место, како што е дневната соба. Исто така, можат да постават правило Интернет да се користи само кога и другите се дома. Ако твоите родители ти постават такви ограничувања, соработувај (Изреки 1:8). Јасните упатства се доказ за нивната љубов.
Ако треба да користиш Интернет за училишните задачи, зошто не водиш евиденција за тоа колку време трошиш на линија? Обиди се однапред да одредиш колку време ќе потрошиш, користејќи будилник за да те потсети кога ќе истече времето. Том дава предлог: „Планирај однапред, знај точно што бараш и држи се за тоа — сеедно колку интересни изгледаат другите работи“.
И при користењето e-mail треба да бидеш претпазлив. Христијанските млади внимаваат да не се зафатат со читање на многу e-mail-ови, особено ако повеќето од информациите се безвредни или неосновани. Претераната употреба на e-mail може да ти го одземе скапоценото време што ти е потребно за училишните задачи и за духовните активности.
Царот Соломон рекол: „Да пишуваш многу книги — тоа нема крај, а да читаш многу — и тоа е заморно за телото“ (Проповедник 12:12). Овие зборови би можеле сосема да се применат на Интернет. Не се преокупирај со барање податоци и бројки до таа мерка што ќе ја запоставиш личната студија на Библијата и учеството во христијанската служба (Матеј 24:14; Јован 17:3; Ефесјаните 5:15, 16). Исто така, запомни дека, иако комуницирањето преку компјутер си има свое место, нема замена за личните контакти со сохристијаните. Затоа, ако навистина имаш потреба да користиш Интернет, донеси цврста одлука да го користиш мудро. Избегнувај опасни „страници“ и не троши премногу време на линија. „Чувај го срцето свое“ и никогаш не станувај роб на Интернет (Изреки 4:23).
[Фусноти]
a Види ја серијата „Интернет — дали е за Вас?“ што излезе во српското издание на Разбудете се! од 22 јули 1997.
b Некои имиња се променети.
c Адресата на Веб-страницата е низа знаци кои се користат за да се добие пристап до неа. Понекогаш адресите содржат зборови кои ја идентификуваат целта на страницата.
d „Хоум пејџ“ е нешто како електронски прозорец на некој дуќан. Тој објаснува што има на страницата, кој ја отворил, итн.
e Такви опасности може да има на јавните „чет“ линии што ги отвориле добронамерни христијани со цел да дискутираат за духовни теми. Нечесни луѓе и отпадници понекогаш се придружиле во овие дискусии и подмолно се обиделе да убедат и други да ги прифатат нивните небиблиски идеи.
[Истакната мисла на страница 14]
„Некои Веб-страници се шокантни. Тие можат да се појават без предупредување.“
[Слика на страница 15]
Во некои семејства домашниот компјутер е поставен на отворено место