Семејства без татко — знак на времињата
ШТО би рекле, кој е најзначајниот социјален проблем во денешно време? Речиси 80 проценти од анкетираните во Галуповата анкета во САД сметаат дека тоа е „физичкото отсуство на таткото од домот“. Според Галуповата анкета, повеќе од 27 милиони деца во Соединетите Држави живеат одвоено од своите биолошки татковци и тој број брзо расте. Еден извештај од Детскиот фонд при Обединетите нации наведува дека околу 50 проценти од децата од бела раса што се родени во Соединетите Држави од 1980 година „ќе поминат некој период од нивното детство во семејство со еден родител. Кај црнчињата односот е отприлика 80%“. Затоа, USA Today ги означи Соединетите Држави како „предводник во светот по бројот на семејства без татко“.
Сепак, една статија во The Atlantic Monthly забележува: „Порастот на расцеп во семејството не е својствен само за американското општество. Тој е очигледен речиси во сите напредни нации, вклучувајќи ја и Јапонија“. И, иако тешко се доаѓа до статистики, изгледа дека многу земји во развој се соочуваат со слична криза. Според списанието World Watch, „мажите [во сиромашните земји] честопати ги напуштаат своите сопруги и деца заради зголемените економски притисоци“. Всушност, анкетата спроведена во една карипска земја откри дека само 22 процента од татковците кои имаат деца на осумгодишна возраст, навистина живеат со своите деца.
Децата без татко ги имало и во библиските времиња (5. Мојсеева 27:19; Псалм 93:6). Меѓутоа, главната причина зошто младите од тоа време останувале без татко била смртта на таткото. „Денес“, вели писателот Дејвид Бланкенхорн, „главната причина зошто некои деца остануваат без татко е тоа што таткото направил таков избор.“ Всушност, како што ќе видиме, сѐ поголемиот број деца без татко е доказ дека многу луѓе денес се без „природна наклоност“. Според Библијата, тоа е само уште еден доказ дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1—3).
Меѓутоа, за дечињата, исчезнувањето на таткото од нивниот живот е лична трагедија. Тоа започнува еден круг на болка и пустош кои можат да остават долготрајни последици. Затоа, во оваа серија ќе дискутираме за овој круг, но не за да ги обесхрабриме читателите туку за да им дадеме информации кои можат да им помогнат на семејствата да го запрат овој разорен тренд.