Порнографија на Интернет
ШИРУМ СВЕТОТ, МИЛИОНИ ЛУЃЕ СЕКОЈДНЕВНО КОРИСТАТ Интернет. Многумина се приклучуваат за да водат бизнис, да бидат во тек со најновите настани во светот, да дознаат какво ќе биде времето, да научат нешто за различни земји, да добијат туристички информации или да одржуваат врска со семејството и пријателите кои живеат во различни делови од светот. Но некои — возрасни кои се во брак или самци, како и изненадувачки голем број деца — користат Интернет од една сосема поинаква причина: ДА ГЛЕДААТ ПОРНОГРАФИЈА.
КОМПЈУТЕРСКАТА ПОРНОГРАФИЈА, која е наречена и киберпорн, е толку популарна што станала бизнис кој вреди милиони долари. The Wall Street Journal забележал: „Најдете некој Веб-сајт кој е комерцијален [профитабилен] и, сосема веројатно, неговите услуги и содржина се изразито безобразни [порнографски]“.
Понатаму, Journal објаснува зошто луѓето се свртуваат кон Интернет за да имаат пристап до порнографија: „Муштериите можат да гледаат сугестивен материјал без да мораат да се прикрадуваат во некоја бедна книжарница или, пак, да влегуваат одзади во некоја продавница за видеокасети во соседството. Муштериите можат да гледаат безобразен материјал во приватноста на својот дом — или канцеларија“.
Порнографијата и децата
За жал, голем број од оние кои гледаат киберпорн се деца. Младите на кои законот им забранува да купуваат порнографска литература или да позајмуваат порнографски видеокасети можат да дојдат до нив во сопствениот дом само со неколку кликнувања со глувчето. Изборот нема крај.
Многу деца редовно ги посетуваат сајтовите на Интернет без знаење на родителите. Всушност, The Detroit News наведува дека „од секои пет деца, повеќе од две се претплатени на Веб-сајт или друга услуга на Интернет, иако речиси на 85 проценти од децата, родителите им го забраниле тоа“.
Иако повеќето деца — како и возрасни — внимателно кријат дека гледаат порнографија, сите не мислат дека има потреба од такво нешто. Некои сметаат дека оваа практика е безопасна разонода. Други признаваат дека порнографијата не е добра за децата, но резонираат дека она што го прават возрасните кога се сами е нивна лична работа.
Во некои земји, полемиката во врска со порнографијата се претворила во потполна политичка битка. На едната страна на расправијата, поборниците за слобода на говорот спроведуваат кампања во полза на порнографијата, а на другата страна, оние кои се застапуваат за семејните вредности влијаат врз властите да ја забранат порнографијата.
Разбудете се! не зазема ниту една страна во политичките прашања. Целта на оваа серија е да ги информира нашите читатели за опасностите од гледањето порнографија, да предложи начини на кои можат да се заштитат себеси и своите сакани и да даде библиски предлози за секој кој паднал во замката на порнографијата и сака да се ослободи од неа.