Исклучителната природа на нашето Сонце
ДОДЕКА ја читате оваа статија, Сонцето веќе е над Вас или, пак, знаете дека наскоро ќе изгрее. Дали тоа е важно? Да, бидејќи без блесокот на Сонцето, билионите живи суштества на Земјата — вклучувајќи Ве и Вас — не би биле овде. Не би постоела ниту разнообразноста на животот што се гледа во милионите видови — од едноклеточните бактерии па сѐ до огромните китови.
Точно е дека до нашава планета доаѓа само околу половина милијардити дел од енергијата што ја ослободува Сонцето. Сепак, дури и тие неколку „трошки“ од сончевата „трпеза“ се доволни за исхрана и опстанок на животот на Земјата. И не само тоа, туку, ако може ефикасно да се искористи дури и овој толку мал дел енергија што пристигнува до нас, тој лесно би можел да ги задоволи енергетските потреби на нашето современо општество, при што би останало уште енергија.
Повеќето книги од областа на астрономијата велат дека нашето Сонце е просечна ѕвезда, „прилично вообичаен небесен објект“. Но, дали во секој поглед Сонцето е „вообичаен небесен објект?“ Гиљермо Гонзалес, астроном на Универзитетот Вашингтон во Сиетл, навел дека нашето Сонце е нешто исклучително. Дали ова треба да влијае врз потрагата по живот на другите планети? Гонзалес одговара: „Има помалку ѕвезди погодни за интелигентен живот отколку што мислат луѓето“. Тој додава: „Ако астрономите не ја ограничат својата потрага само на ѕвезди што се исклучителни како што е Сонцето, ќе изгубат многу време“.
Кои се некои карактеристики што го прават нашето Сонце погодно за да го одржи животот? Додека ги разгледуваме овие фактори, треба да имаме на ум дека многу изјави во врска со физиката на универзумот се од теоретска природа.
Фасцинантни карактеристики
● Единечна ѕвезда: Астрономите проценуваат дека 85 проценти од ѕвездите во близина на Сонцето се во групи од две или повеќе ѕвезди што орбитираат една околу друга. Таквите ѕвезди се поврзани со силата на гравитацијата.
Меѓутоа, Сонцето е единечна ѕвезда. „Изгледа дека фактот што Сонцето е единечна ѕвезда е многу необичен“, пишува астрономот Кенет Џ. Х. Филипс во својата книга Guide to the Sun (Водич до Сонцето). Ваквиот статус на Сонцето како единечна ѕвезда ѝ дава на Земјата постабилна орбита која, од своја страна, овозможува услови погодни за живот на оваа планета, вели Гонзалес.
● Масивна ѕвезда: Една друга својственост на Сонцето поврзана со ова, според Гонзалес, е што „тоа спаѓа меѓу најмасивните 10 проценти од ѕвездите што се наоѓаат во негова близина“, известува списанието New Scientist. Филипс забележува: „Сонцето содржи 99,87% од масата на Сончевиот систем и како резултат на тоа гравитационо ги контролира сите тела во Сончевиот систем“.
Оваа карактеристика овозможува Земјата да биде релативно далеку од Сонцето — 150 милиони километри — а сепак да не се одвои од него. Оваа релативно голема оддалеченост, пак, го штити животот на Земјата да не биде спржен од Сонцето.
● Тешки елементи: Гонзалес забележува дека Сонцето содржи 50 проценти повеќе тешки елементи — јаглерод, азот, кислород, магнезиум, силициум и железо — во споредба со другите ѕвезди од негова старост и тип. Во овој поглед нашето Сонце се издвојува од своите врсници. „Тешките елементи не се многу застапени во Сонцето“, вели Филипс, „но кај некои ѕвезди . . . тешките елементи се уште помалку застапени.“ Всушност, ѕвездите кај кои тешките елементи се застапени исто како кај Сонцето припаѓаат на специфичната категорија наречена ѕвезди од I популација.
Каква врска има ова со животот на Земјата? Па, тешките елементи се неопходни за опстанок на животот. Но, тие се ретки и влегуваат во составот на помалку од 1 процент од универзумот. Меѓутоа, речиси целата планета Земја се состои од потешки елементи. Зошто? Како што велат астрономите, затоа што Земјата орбитира околу една необична ѕвезда домаќин — нашето Сонце.
● Понеелиптична орбита: Има уште една предност од тоа што Сонцето е ѕвезда од I популација. „Ѕвездите од I популација обично имаат речиси кружна орбита околу центарот на галаксијата“, вели книгата Водич до Сонцето. Сончевата орбита не е толку елиптична како орбитата на другите ѕвезди од негова старост и тип. Зошто тоа би се одразило врз опстанокот на животот на Земјата? Затоа што кружноста на Сончевата орбита не дозволува Сонцето да пропадне во внатрешноста на галаксијата, каде што често има супернови (ѕвезди што експлодираат).
● Промена во сјајот: Овде лежи уште еден интересен факт во врска со ѕвездата на нашиот Сончев систем. Во споредба со слични ѕвезди, кај Сонцето има значително помала промена во сјајот. Со други зборови, неговата светлост е постабилна и поконстантна.
Ваквото релативно стабилно ослободување на светлина е од пресудна важност за животот на Земјата. „Самото наше присуство на оваа планета“, вели научниот историчар Карл Хуфбауер, „е доказ дека светлоста на Сонцето е еден од постабилните фактори на животната средина.“
● Наклон на орбитата: Сончевата орбита е благо наклонета кон галактичката рамнина на Млечниот пат. Тоа значи дека аголот помеѓу рамнината на Сончевата орбита и рамнината на нашата галаксија е многу мал. На кој начин ова придонесува за доброто на животот на Земјата?
Далеку зад границите на нашиот Сончев систем нѐ опкружува еден огромен сферичен резервоар на комети, наречен Ортов облак.a Да претпоставиме што би се случило кога би бил поголем наклонот на Сончевата орбита кон галактичката рамнина. Тогаш Сонцето нагло би ја преминало рамнината на нашата галаксија, а тоа би предизвикало раздвижување во Ортовиот облак. Со каков резултат? Земјата би била бомбардирана од катастрофален дожд од комети, велат астрономите.
Што можат да ни кажат затемнувањата на Сонцето?
Во нашиот Сончев систем има најмалку 60 месечини. Тие орбитираат околу седум од вкупно деветте планети во системот. Меѓутоа, изгледа дека Земјата е единствена планета во Сончевиот систем што може да го гледа спектаклот на потполно затемнување. Зошто е тоа така?
Затемнување на Сонцето настанува кога Месечината ќе се најде помеѓу Сонцето и Земјата. За да дојде до совршено преклопување, привидните големини на Сонцето и на Месечината мора да бидат приближно исти за да може Месечината речиси потполно да го прекрие Сонцето. Токму тоа е случај! Иако Сонцето има речиси 400 пати поголем дијаметар од Месечината, неговата оддалеченост од Земјата е приближно 400 пати поголема од оддалеченоста на Месечината од Земјата.
Но, Земјината оддалеченост од Сонцето — а со тоа и привидната големина на Сонцето — не е само еден обичен фактор за да настане потполно затемнување. Исто така, тоа е и еден витален услов за постоењето на живот на Земјата. „Да бевме малку поблиску или малку подалеку од Сонцето“, вели Гонзалес, „Земјата ќе беше или премногу жешка или премногу студена и затоа немаше да биде погодна за живот.“
Тоа не е сѐ. Необично големата Земјина Месечина помага за опстанокот на животот на оваа планета затоа што Месечевата гравитација не дозволува Земјата премногу да се тетерави во својата оска. Таквото тетеравење би предизвикало бурни и катастрофални промени во климата. Затоа, за да има живот на Земјата, потребна е прецизна комбинација на соодветна оддалеченост помеѓу Сонцето и Земјата, како и Месечина со соодветна големина — а ова доаѓа по сѐ друго што разгледавме во врска со природата на Сонцето. Какви се шансите сето ова да биде случајно?
Случајност?
Да претпоставиме дека сте го однеле својот автомобил на некој обучен и вешт автомеханичар за да изврши сервисирање. Тој вредно ја завршува работата и Вие сметате дека сѐ е во ред. Што мислите, како ќе реагира тој ако подоцна упорно тврдите дека прецизниот сервис на Вашиот автомобил испаднал сосема случајно или дека бил резултат на чиста случајност?
Истото прашање може да се постави и во врска со исклучителната природа на нашето Сонце. Некои научници би сакале да Ве натераат да верувате дека составот на нашето Сонце, неговата орбита, неговата оддалеченост од Земјата и другите негови карактеристики се само среќна случајност. Дали ова е разумно? Дали мислите дека таквиот заклучок е логичен?
Исто како што мајсторски калибрираното моторно возило ни кажува нешто за обуката и вештината на автомеханичарот, така и нашето Сонце ни кажува некои работи — заедно со другите небесни тела. Исклучителните одлики на нашата ѕвезда домаќин што го овозможуваат животот на Земјата пренесуваат јасна порака дека оваа ѕвезда е дело на еден интелигентен и моќен Конструктор и Творец. Апостол Павле го кажал тоа на следниов начин: „Неговите невидливи својства, дури и неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се согледуваат по она што е направено, така што тие немаат изговор“ (Римјаните 1:20).
[Фуснота]
a За повеќе информации во врска со Ортовиот облак, видете Разбудете се! од 8 ноември 1999, страница 20.
[Истакната мисла на страница 17]
Само околу половина милијардити дел од енергијата што ја ослободува Сонцето доаѓа до нашава планета
[Слика на страница 16]
Сончевите ерупции како што е оваа не го довеле во опасност животот на Земјата
[Извор на слика]
Страници 2, 15 и 16: фотографија на НАСА
[Слика на страница 17]
Случајност? Усогласеноста на димензиите на Сонцето и Месечината овозможува спектакуларни затемнувања на Сонцето
[Слика на страница 18]
Да беше поинаква Сончевата орбита, Земјата ќе беше бомбардирана од катастрофален дожд од комети