Пеперутки, растенија и мравки — врска што значи живот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ХОЛАНДИЈА
ВО ЈУЛИ, нежните синкавци во Западна Европа знаат дека е време да ја создадат следната генерација. Меѓутоа, за да го сторат тоа, на овие пеперутки не им треба само партнер. Потребни им се и услугите на расцветаните сини барски линцури и на гладните црвени мравки. Зошто? Каква улога играат растенијата и мравките во животниот циклус на овие пеперутки?
Едно место каде што може да се набљудува оваа тронасочна врска е Националниот парк Двингелдервелд, во северниот дел на Холандија. Овој парк е дом на голема концентрација од синкавци. На пролет и на лето, ледините на Двингелдервелд се претворени во шарен ќилим од многубројни расцветани растенија, вклучувајќи ги и сината барска линцура, вресот и жолтиот барски златоглав. Синкавците се особено привлечени кон нежните цветови на вресот и ресестите цветови на сината барска линцура — но од две различни причини. Расцветаниот врес е омилена станица за храна каде што се послужува нектар, а барската линцура се смета за потенцијално место за складирање. Но, што ќе складираат таму пеперутките?
План за преживување
По парењето, женката пеперутка бара барска линцура што е повисока од околната вегетација. Пеперутката слетува врз цветот и полага неколку бели јајца. Откако ќе поминат четири до десет дена, јајцата се изведуваат и две до шест мали гасеници започнуваат нов живот риејќи во резервата храна. По две до три седмици непрекинато џвакање, гасениците се спуштаат на земја.
Интересно, гасеницата обично чека да дојде вечерта за да се симне. Ова е значајно, бидејќи навечер два вида црвени мравки, кои живеат во истиот национален парк, ги напуштаат своите гнезда за да бараат храна. Гасеницата се спушта токму на патот на овие лакоми мравки. Иако може да изгледа дека ваквиот потег на гасеницата е рамен на самоубиство, тој е само дел од еден план за преживување. Па, што се случува потоа?
Наскоро, некои црвени мравки наидуваат на гасеницата што им го блокирала патот. Веднаш ја одвлекуваат до своето гнездо. Штом ќе се најде внатре, гасеницата добива третман на почесен гостин и тогаш безбедно и удобно живее во средина каде што може да јаде колку ѝ душа сака во текот на есента, зимата и пролетта. Мора да се признае, гасеницата има ограничено мени: ларви од мравките и нејзиното омилено јадење — храната што ја повратиле мравките работнички. Но, и мравките го добиваат својот дел од зделката. Тие редовно ја молзат гасеницата заради вкусниот сладок сок што го дава таа. Дури и кога гасеницата ќе дојде до фаза на кукла, таа продолжува да ги снабдува мравките со сладок сок и со други секрети што мравките многу сакаат да ги јадат. Но, крајот на ваквото заедничко живеење брзо наближува.
Од гостин до натрапник
Додека трае фазата на кукла, гасеницата почнува да се преобразува во пеперутка. Кога промената ќе заврши, куклата се отвора и се појавува една пеперутка. Треба да се забележи дека ова обично се случува рано наутро. Зошто? Затоа што наутро мравките не се многу активни и, за разлика од моментот кога гасеницата се спуштила од растението на земјата, овој период е најдобар за да не го привлече вниманието на своите домаќини.
Кога мравките ќе дојдат да ја измолзат куклата, тие се шокирани кога ќе најдат едно навидум непознато крилесто суштество во своето гнездо — и веднаш го напаѓаат натрапникот. Пеперутката што настанала од гасеницата брзо се турка да излезе за да го спаси своето тело и својот живот. Штом се најде надвор од гнездото, пеперутката се искачува на некое гранче и мравките се откажуваат од потерата.
Кога ќе се најде на безбедна височина, пеперутката ги раширува крилцата и остава да се исушат. Потоа, речиси една година откако го започнала својот живот, настапува значајниот момент и пеперутката за првпат замавнува со своите крилца. Ете ја — мавта со крилцата над ледината! За неколку дена ќе се пари и наскоро ќе ја започне својата потрага по висока сина барска линцура. Па, време е да почне да се подготвува за следната генерација.
[Рамка на страница 18]
Загрозената пеперутка
Живеалиште на синкавецот е ледината. Ледините биле создадени пред многу векови во подрачјата на Западна Европа, каде што човекот ги ископачил прастарите шуми. Во минатото, ледините со пурпурни цветови се протегале сѐ до каде што можел да досегне погледот и покривале големи делови од Белгија, Германија и Холандија, но денес останале само извесни површини овде-онде. Како резултат на тоа, синкавецот брзо ја губи битката. Во изминативе десет години, оваа пеперутка исчезнала во 57 од своите 136 познати природни живеалишта во Холандија. Всушност, нејзиниот опстанок е толку загрозен што нејзиното име е додадено на Европскиот список на загрозени пеперутки, документ што го составил Европскиот совет, во кој се наведени имињата на загрозените видови пеперутки.
За да се погрижат Националниот парк Двингелдервелд да остане безбедно засолниште за синкавецот, чуварите на паркот сега се обидуваат да ја одржуваат ледината применувајќи ги истите земјоделски методи што ги користеле земјоделците пред многу векови. Како што било и во минатото, пастири со стада овци талкаат низ ледините, а добитокот брсти на полињата покриени со жилава трева. Овците и добитокот што пасат ги расчистуваат местата каде што може да никне обичен и барски врес, како и други растенија. (Во моментов, во овој парк растат околу 580 растителни видови.) Како резултат на тоа, и синкавците во Двингелдервелд го даваат својот дел — нивниот број се зголемува. Всушност, овој најголем и најважен парк со ледини во Европа е толку гостољубив дом за пеперутките што овде можат да се најдат 60 проценти од сите видови пеперутки што живеат во Холандија.
[Слики на страница 16]
Една пеперутка слетува на сина барска линцура и полага јајца
[Слика на страница 17]
Црвените мравки се грижат за куклите
[Извор на слика]
Мравките на страници 16 и 17: Фотографии на Дејвид Неш; www.zi.ku.dk/personal/drnash/atta/
[Слика на страница 17]
Розов врес
[Слика на страница 17]
Жолт барски златоглав
[Слики на страница 18]
Овците и добитокот помагаат да се обнови живеалиштето на пеперутките