Ја добив битката со постнаталната депресија
Се сеќавам кога го гледав мојот сопруг како радосно си игра со нашето новороденче и си мислев дека ќе им биде подобро без мене. Се чувствував како да сум им товар. Сакав да се качам во автомобилот, да отидам некаде и никогаш да не се вратам. Ни на крај памет не ми беше дека сум жртва на постнатална депресија.
ПРВИТЕ десет години од мојот брак беа среќни години. Џејсон и јас уживавме додека ја подигавме Лијана, нашата прва ќерка. Затоа, сите се израдувавме на веста дека повторно сум бремена.
Но, оваа бременост беше многу тешка. Всушност, за малку ќе умрев од компликациите по породувањето. Но, пред тоа, при крајот на бременоста, во главата ми настана збрка. Состојбата ми се влоши откако го донесовме дома нашето бебенце, Карли. Постојано бев уморна и се чувствував неспособна да донесувам дури и наједноставни одлуки. Му се јавував на Џејсон на работа повеќе пати секој ден само за да го прашам што друго треба да завршам низ дома или за да ме увери дека нешто што сум рекла или направила било исправно.
Почнав да се плашам да бидам во друштво на луѓе, дури и со старите пријатели. Ако некој неочекувано дојдеше на врата, се криев во спалната. Дозволив куќата да стане хаос и лесно се збунував и се збркував. Сакам да читам, но тоа ми стана речиси невозможно затоа што не можев да се концентрирам. Ми беше тешко да се молам, па така страдаше моето духовно здравје. Се чувствував емоционално затапена, неспособна да чувствувам љубов кон никого. Се плашев дека ќе им наштетам на моите деца затоа што не размислував исправно. Мојата самопочит беше многу ниска. Си мислев дека ќе полудам.
За сето тоа време, кога Џејсон ќе си дојдеше дома од работа ми помагаше со тоа што ја чистеше куќата или подготвуваше оброк за целото семејство — а јас му се лутев затоа што ми помага! Мислев дека неговите постапки ме разоткриваат како неспособна мајка. Од друга страна, пак, ако не се понудеше да помогне, го обвинував дека не се грижи. Ако Џејсон не постапуваше во сѐ толку зрело и со љубов како што постапи, мојата постнатална депресија можеби ќе значеше катастрофа за нашиот брак. Можеби Џејсон може најдобро да опише како влијаеше врз него мојата состојба.
Мојот сопруг кажува како влијаело тоа врз него
„Во почетокот не можев да верувам што се случува со Џанел. Сосема се промени од среќна, отворена личност и почна да се однесува како друга личност. Сѐ што ќе кажев почна да го сфаќа како лична критика, се лутеше дури и кога ќе се обидев да ѝ ја олеснам работата. Во почетокот ми доаѓаше да ѝ речам да се прибере, но сфатив дека таквата реакција само ќе ги влоши работите.
Нашиот однос постојано беше напнат. Изгледаше како Џанел да мисли дека целиот свет се свртел против нејзе. Бев чул и за други жени што страдале од слични симптоми како резултат на постнатална депресија. Затоа, кога се посомневав дека страда од истата работа, почнав да ги читам сите информации што можев да ги најдам во врска со таа тема. Она што го прочитав ги потврди моите сомневања. Го дознав и тоа дека болеста на Џанел не е по нејзина вина — дека не е резултат на негрижа од нејзина страна.
Признавам дека посебната грижа што ѝ беше потребна нејзе и на децата ме исцрпе емоционално и физички. Две години морав да одржувам рамнотежа помеѓу мојата световна работа и одговорностите како собраниски старешина и како сопруг и татко. За среќа, успеав да ја ускладам мојата световна работа за да можам порано да си доаѓам дома, особено оние вечери кога одевме на христијанските состаноци. На Џанел ѝ беше потребно да бидам дома навреме за да ѝ помагам да ја подготвиме вечерата и да ги облечеме децата. Така успевавме да присустуваме на сите состаноци“.
Патот до моето оздравување
Без љубезната поддршка на сопругот, моето оздравување несомнено ќе одеше многу побавно. Џејсон стрпливо слушаше додека му зборував за моите стравови. Открив дека е многу важно да не ги потиснувам чувствата. Понекогаш дури и звучев налутено. Но, Џејсон постојано ме уверуваше дека ме сака и дека заедно ќе минуваме низ сѐ. Секогаш се обидуваше да ми помогне да гледам на позитивната страна на работите. Подоцна ќе се извинев за зборовите што ќе ги кажев во лутина. Тој ме успокојуваше велејќи ми дека зборувала мојата болест. Сега, кога ќе се сетам на тоа, сфаќам колку ми значеле неговите обѕирни коментари.
Заедно, конечно најдовме еден многу љубезен доктор што одвои време да ме сослуша како се чувствувам. Тој ја дијагностицираше мојата состојба како постнатална депресија и предложи лекувањето да вклучува и лекарства што ќе ми помогнат да ги контролирам честите напади на вознемиреност. Исто така, ме охрабри да барам помош од стручњак за ментално здравје. Освен тоа, ми препорача редовни вежби, терапија што им помогнала на многу луѓе да ја победат депресијата.
Една од најголемите пречки на патот до оздравување беше справувањето со срамот поврзан со постнаталната депресија. На луѓето честопати им е тешко да покажат сочувство кон некого што има болест што не ја разбираат. Постнаталната депресија не е како, на пример, скршена нога, што другите можат да ја видат па да покажат сочувство. Сепак, моето семејство и блиските пријатели навистина ми даваа поддршка и покажаа разбирање.
Љубезна помош од семејството и пријателите
Џејсон и јас сме многу благодарни за помошта што ми ја даде мајка ми во тој тежок период. Понекогаш му требаше одмор од емоционалниот метеж дома. Мајка ми секогаш беше позитивна и не се обидуваше да ми ја преземе работата. Наместо тоа, ме поддржуваше и ме охрабруваше да правам што можам.
Пријателите во собранието исто така се покажаа како прекрасна поддршка. Мнозина ни испраќаа кратки писменца со кои ни кажуваа дека мислат на мене. Колку само ги ценев тие љубезни изрази! Тоа беше така особено затоа што ми беше тешко да разговарам со луѓето, сеедно дали по телефон или лице в лице. Ми беше тешко дури и да се дружам со сохристијаните пред и по состаноците. Така, со тоа што ни пишуваа, нашите пријатели не само што покажаа дека се свесни за ограничувањата што ми ги наметнува депресијата туку исто така ја потврдија својата љубов и грижа за мене и за моето семејство.
Ова не е доживотна казна!
Сега ми е многу подобро — благодарение на советот од мојот доктор, на семејството што ми дава голема поддршка, и на пријателите што покажуваат разбирање. Сѐ уште редовно вежбам, дури и кога се чувствувам уморна, бидејќи тоа ми помага да закрепнам. Исто така се обидувам позитивно да реагирам на охрабрувањето што ми го даваат другите. Кога ми е тешко, слушам аудиокасети од Библијата и Песни на Царството — духовно и емоционално изградувачка музика што ја подготвиле Јеховините сведоци. Овие убави подготовки ми помагаат да се зајакнам духовно и да задржам позитивни мисли. Неодамна, на собраниските состаноци почнав дури и да изнесувам ученички говори темелени на Библијата.
Ми беа потребни повеќе од две и пол години за да дојдам до степен кога ќе можам поцелосно да чувствувам и да изразувам љубов кон мојот сопруг, кон децата и кон другите. Иако ова беше тежок период за моето семејство, чувствуваме дека сега нашите врски се појаки од порано. Особено го ценам Џејсон, кој целосно ја потврди својата љубов кон мене со тоа што ги поднесуваше најтешките моменти од мојата депресија и секогаш беше тука да ме поддржи кога ми беше потребно. Над сѐ, двајцата сега имаме многу поблизок однос со Јехова, кој навистина нѐ зајакна низ нашите испити.
Сѐ уште имам депресивни денови, но со помош на моето семејство, докторот, собранието и Јеховиниот свет дух, светлината на крајот на тунелот ми станува сѐ појасна. Да, постнаталната депресија не е доживотна казна. Таа е непријател што може да се победи. (Раскажала Џанел Маршал.)
[Рамка/слика на страница 20]
Фактори што можат да придонесат за постнатална депресија
Освен хормоналните промени, понекогаш и други работи можат да бидат фактор што придонесуваат за постнатална депресија. Во нив спаѓаат:
1. Личните замисли на жената за мајчинството, кои можат да бидат резултат на несреќно детство и на лоши односи со родителите.
2. Нереални очекувања што општеството ѝ ги наметнува на мајката.
3. Семејна историја на депресија.
4. Незадоволство од бракот и недостиг на поддршка од најблиското семејство или роднините.
5. Лоша слика за себеси.
6. Чувство на преоптовареност или преокупираност од грижата за децата.
Овој список во никој случај не опфаќа сѐ. И други фактори можат да придонесат за постнатална депресија. Всушност, причините за неа сѐ уште не се сосема јасни.
[Рамка на страница 21]
Не само потиштеност по породувањето
Постнаталната депресија не треба да се меша со вообичаените постнатални промени во расположението. Д-р Лаура Џ. Милер вели: „Околу 50% од жените што се породуваат ја доживуваат оваа плачлива, емоционално лабилна (т.е. променлива) состојба. Обично достигнува кулминација помеѓу третиот и петтиот ден од породувањето и потоа постепено исчезнува сама од себе за неколку седмици“. Истражувачите укажуваат дека овие нерасположенија можат да бидат резултат на промените во нивото на хормони кај жената откако ќе се породи.
Постнаталната депресија вклучува долготрајни чувства на депресија што можат да започнат кога ќе се роди детето, па дури и неколку седмици или месеци подоцна. Една минута новата мајка со оваа состојба може да биде весела, а веќе следната минута може да биде депримирана — дури и со мисли за самоубиство. Освен тоа, можеби е раздразлива, огорчена и лута. Можеби постојано има чувство дека не е доволно добра како мајка и дека не го сака доволно своето бебе. Д-р Милер наведува: „Некои мајки со клиничка депресија разумски знаат дека ги сакаат своите бебиња, но сепак им е тешко да чувствуваат нешто друго освен апатија, раздразнетост или гадење. Други помислуваат да го повредат, па дури и да го убијат своето бебе“.
Постнаталната депресија е појава што има долга историја. Уште во четвртиот век пр.н.е., грчкиот лекар Хипократ ги запишал драматичните психолошки промени што ги доживувале некои жени откако ќе се породеле. Едно истражување објавено во Brazilian Journal of Medical and Biological Research објаснило: „Постнаталната депресија е значителен проблем што погодува 10—15% од мајките во многу земји“. За жал, „повеќето случаи на ваква депресија не добиваат исправна дијагноза и не се исправно лекувани“, рекол Journal.
Едно понеобично, но посериозно растројство што настанува по породувањето е постнаталната психоза. Болната жена може да доживува халуцинации, да слуша гласови во главата и да изгуби допир со реалноста, иако може да биде разумна во повремени периоди што траат по неколку часови или денови. Причините за оваа психоза сѐ уште не се јасни, но д-р Милер забележува дека „генетичката слабост, можеби поттикната од хормонални промени, изгледа е највлијателен фактор“. Вешт стручњак од областа на медицината може да препорача ефикасно лекување за постнаталната психоза.
[Рамка/слики на страница 22]
Како да си помогнете самитеa
1. Ако потрае депресијата, побарајте професионална помош. Колку поскоро го сторите тоа, толку поскоро ќе се најдете на пат за закрепнување. Побарајте доктор полн со разбирање што е запознат со оваа состојба. Обидете се да не се срамите поради постнаталната депресија ниту да Ви е незгодно ако треба да земате лекарства.
2. Редовно вежбајте. Истражувањата покажале дека редовните вежби можат да бидат ефикасна терапија за депресијата.
3. Кажете им на најблиските како се чувствувате. Не изолирајте се и не потиснувајте ги своите чувства.
4. Запомнете дека не мора да имате совршен дом. Обидете се да водите едноставен живот сосредоточувајќи се на работи што се битни.
5. Молете се за храброст и стрпливост. Ако Ви е тешко да се молите, побарајте од некого да се моли со Вас. Ако се задржувате на чувствата на вина и безвредност, само ќе го одложите закрепнувањето.
[Фуснота]
a Разбудете се! не препорачува некое посебно лекување. Предлозите што се изнесени во оваа статија, наменети и за жените и за мажите, не ја опфаќаат секоја ситуација, а некои точки можеби не важат за извесни случаи.
[Рамка на страница 23]
Совети за мажите
1. Сфатете дека за постнаталната депресија не е виновна Вашата сопруга. Ако нејзината состојба потрае, соработувајте со неа додека барате помош од доктор што го разбира проблемот и е сочувствителен.
2. Стрпливо слушајте ја својата сопруга. Признајте ги нејзините чувства. Не вознемирувајте се затоа што е негативна. Љубезно помогнете ѝ да ја види позитивната страна на работите и уверете ја дека ќе ѝ биде подобро. Немојте да мислите дека морате да ги решите сите проблеми што ќе ги спомне. Можеби само сака утеха, а не логични одговори (1. Солуњаните 5:14). Запомнете, постнаталната депресија им отежнува на тие што ја имаат да мислат логично и јасно.
3. Скратете од непотребните активности за да имате повеќе време да ѝ давате поддршка на својата сопруга. Тоа може да го забрза нејзиното закрепнување.
4. Погрижете се да имате време за себе. Вашето добро физичко, ментално и духовно здравје ќе Ви овозможи да ѝ дадете подобра поддршка на Вашата сопруга.
5. Најдете некого со кого ќе разговарате и што ќе Ве охрабри, можеби некој друг духовно зрел маж чија сопруга страдала од постнатална депресија.
[Слика на страница 23]
Семејството Маршал