Медицинско чудо — етичко минско поле
„Дебатата околу матичните клетки ги навела и оние што се научници и оние што не се научници да размислуваат за длабоки прашања како, на пример, кои сме и што е тоа што нѐ прави човечки суштества“ (ДРЖАВНА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ, САД).
КАРЕН има дијабетес од типот I. Нејзиниот заболен панкреас повеќе не лачи инсулин. Сега, замислете си кога Карен би можела да појде на лекар и во телото да ѝ се пресадат нови клетки, специјално одгледани во лабораторија, за да се заменат оштетените клетки на панкреасот. Штом овие нови клетки ќе почнат да функционираат, Карен постепено ќе може да прекине со инсулинската терапија и здравјето ќе ѝ се нормализира.
Сѐ до неодамна ваквите потенцијални лекови ќе звучеа како научна фантастика, но сега некои истражувачи веруваат дека тие се нешто возможно. Зошто? Затоа што во 1998, научниците пронашле начин да одгледуваат голем број клетки наречени човечки матични клетки. Кога овие матични клетки ќе се развијат, можат да станат речиси кој и да било од преку 200-те различни видови клетки што се наоѓаат во човечкото тело, вклучувајќи ги и клетките на панкреасот.a
Според еден извештај што го подготвија Државните институти за здравство во Соединетите Држави, „во матичните клетки можеби лежи клучот за да се заменат клетките што се изгубени во многу страшни болести“. Некои од нив се „Паркинсоновата болест, дијабетесот, хроничните срцеви заболувања, краен стадиум на заболување на бубрезите, откажување на црниот дроб и ракот“, да наведеме само неколку. Од матичните клетки може да се создаде и крв, а се тврди дека тие можат дури и да ги исфрлат од употреба банките за крв. Всушност, лекарите со години користат матични клетки во лекувањето на извесни болести на крвта. Овие терапии обично вклучувале трансплантација на коскена срцевина, која е богата со матични клетки што создаваат крв, но сега лекарите повеќе сакаат да одгледуваат матични клетки добиени од крв земена директно од крвотокот. Бидејќи терапиите со матични клетки ветуваат многу во повторното создавање нови здрави ткива, тие го добиле општиот назив „регенеративна медицина“.
Меѓутоа, извесни аспекти од оваа нова наука се многу полемични. Многумина, вклучувајќи и извесен број научници, мислат дека искористувањето на човечки матични клетки — особено оние што се добиени или од ембриони или од фетуси — покажува непочитување кон светоста на човечкиот живот. Всушност, оваа дебата толку се вжешти, што се споредува со ‚етичко и политичко минско поле‘.
Затоа што поборниците за користење на матичните клетки предвидуваат чудотворни лекови за многу заболувања, во следните статии подетално ќе ги разгледаме различните видови матични клетки, како се добиваат и зошто оваа тема е толку полемична.
[Фуснота]
a Различни лаборатории во Соединетите Држави одгледале два вида матични клетки — човечки ембрионални матични клетки и човечки ембрионални оплодни клетки.