Тоа што не можеше да го однесе ниедна бура
ОД ДОПИСНИЦИТЕ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГЕРМАНИЈА, АВСТРИЈА, МЕКСИКО И КОРЕЈА
ВО ТЕКОТ на 2002 година, во многу земји имаше катастрофални временски непогоди. Европа ја зафатија низа катастрофални поплави. Во други делови од светот, Мексико го зафати еден разорен ураган, а Кореја ја погоди тајфун. Колку и да беа трагични овие настани, тие послужија за да се зајакнат врските на љубов што постојат меѓу вистинските христијани.
По поплавите што ја зафатија Европа во 2002, поранешниот канцелар на Западна Германија, Хелмут Шмит, беше запрашан каква помош им е потребна на жртвите. Тој одговори: „На луѓето им треба храна и кров над главата, им требаат пари и им треба духовна грижа“. Јеховините сведоци одиграа значајна улога во обезбедувањето и физичка и духовна помош за жртвите од бурите. Да кажеме нешто за акциите за помош што ги презедоа во Германија, Австрија, Мексико и Кореја.
Спремни раце во Германија
Кога се дозна дека се заканува катастрофална поплава, многу Јеховини сведоци во Германија се придружија на напорите на целата јавност да ги запрат водите од поплавата. Катлин, која има 19 години и живее во Дрезден, вели: „Не можев само да седам и ништо да не правам. Штом чув дека на некои луѓе им се заканува опасност да изгубат сѐ, едноставно морав да одам и да им помогнам“.
Сведоците од Германија почнаа да се организираат за да дадат брза и делотворна помош. Како христијани, тие чувствуваа посебна обврска да им помагаат на своите духовни браќа и сестри. Но, покажаа љубов и кон соседите (Марко 12:31). Па така, повеќе од 2.000 доброволци беа групирани во екипи од 8 до 12 души, при што на секоја група ѝ беше дадена посебна задача на подрачјето на катастрофата. Во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Селтерс (Германија) беа резервирани 13 телефонски линии за да се примат илјадници повици од луѓе што се распрашуваа за катастрофата и се нудеа да помогнат.
Рони и Дина се полновремени министри на Јеховините сведоци, кои го посветуваат своето време за да им помогнат на пријателите и соседите да ги дознаат библиските вистини. Кога чуле дека ќе има поплава, тие најнапред отишле во центарот на градот Дрезден за да помогнат во избезумените напори што се правеле за да се спасат неговите историски згради. Штом водите од поплавата се повлекле, Рони и Дина им се придружиле на другите Сведоци во чистењето на Салата на Царството во Фрајтел, која била поплавена со валкана вода. Потоа групата почнала да им помага на соседите. Сопственикот на еден ресторан што се наоѓал веднаш спроти Салата воздивнал со олеснување кога Сведоците му го исчистиле подрумот и приземјето од крш и тиња.
Зигфрид и Ханелоре живеат во Колмниц, село што се наоѓа околу 40 километри југозападно од Дрезден. Рекичката што обично тече низ ова село прераснала во поројна река што ја поплавила нивната куќа и градината. Штом водата се повлекла, соседите се зачудиле кога виделе 30-тина Сведоци, кои не биле од тоа место, како пристигнуваат за да помогнат да се исчисти домот на Зигфрид и Ханелоре. Потоа групата почнала да ги расчистува соседните градини. Неколку селани прашале што ги навело да патуваат 100 километри за да им помогнат на луѓе што не ги познаваат. Така Сведоците можеле да им понудат духовно охрабрување на жртвите во Колмниц.
Беа поплавени и предградијата на градот Витенберг. Една брачна двојка Сведоци по име Френк и Елфриде работеле заедно со своите соседи неколку дена пред поплавата, полнејќи и редејќи вреќи со песок за да ги зајакнат бреговите на реката. Штом се повлекла водата од поплавата, Френк и Елфриде ги посетиле жртвите и им дале храна и утеха. Френк си спомнува: „На една госпоѓа кај која појдовме не ѝ се веруваше дека ние, иако непознати, ѝ однесовме оброк без да побараме да ни плати. Ни рече дека никој од нејзината црква не дошол кај неа. А организацијата што ѝ носела оброци, секојпат ѝ наплатувала. Луѓето беа зачудени кога ги гледаа Јеховините сведоци со топол оброк во рацете наместо со библиска литература“.
Австрија — брза реакција на катастрофата
Поплавата предизвика пустош и во соседна Австрија. Беа основани три одбори за да се надгледуваат акциите за давање помош. Приоритет ѝ беше даден на поправката на три Сали на Царството што беа многу оштетени. Исто така, од поплавата беа погодени околу 100 семејства на Сведоци, а беа поплавени 50 домови. Некои изгубија сѐ освен облеката што ја имаа на себе. Канцеларијата на подружницата во Австрија ги информираше локалните собранија за ситуацијата и беше основан фонд за помош. До септември беа приложени повеќе од 30.000 евра.
Една мајка напишала: „Мојот 8-годишен син е многу штедлив и заштеди околу 12 евра. Меѓутоа, кога слушна дека некои наши браќа изгубија сѐ што имаа, беше спремен да ја приложи целата своја заштеда во фондот за катастрофи“.
Под водство на Регионалните одбори за градба, кои обично ја надгледуваат изградбата на Сали на Царството на Јеховините сведоци, беа организирани екипи за да помогнат да се поправат домовите што беа оштетени од поплавата. „Весниците треба да известуваат за она што го правите вие овде“, извикнал еден набљудувач. Некои дури и го промениле своето мислење за Јеховините сведоци. „Сѐ досега“, вели еден Сведок, „моите деца, кои не се Сведоци, секогаш одбиваа да ме слушаат кога се обидував да ја споделам својата вера со нив. Но, сега првпат слушаат!“
Беа вложени напори да им се помогне и на мнозина што не беа Сведоци. На пример, една жена била длабоко трогната кога еден Сведок отишол кај неа во 7.30 часот и ја прашал дали ѝ треба помош. Жената морала да биде евакуирана бидејќи водите веќе почнале да навлегуваат во нејзиниот дом. Меѓутоа, кога се вратила, нашла ливче што го оставиле Сведоците на капијата од градината. На ливчето пишувало: „Ако Ви треба помош, веднаш јавете ни се“. Сведоците ѝ помогнале да ја расчисти куќата и имотот од тиња и крш.
Екипа од 100 Сведоци отишле во градот Ау за да им помогнат на локалните Сведоци и на нивните соседи. Водачите на секоја екипа оделе од врата до врата прашувајќи ги станарите дали им треба помош. Луѓето биле зачудени кога виделе дека Сведоците дошле снабдени со опрема за отстранување на водата и за чистење, како што се пумпи, метли и лопати. Работата што станарите обично би ја завршиле за една седмица, сега била завршена за неколку часа. Луѓето гледале со солзи во очите.
Приближно 400 локални Сведоци беа вклучени во акцијата за помош — тие честопати работеа нон-стоп. За оние што гледаа ова беше драматично сведоштво за моќта на вистинското христијанство.
Исидор го погодува Мексико
Исидор започна како тропска бура северно од Венецуела. На 22 септември 2002, Исидор го погоди мексиканскиот полуостров Јукатан како ураган од трета категорија. Со ветровите што дуваа со брзина од 190 километри на час и со поројните дождови, тој предизвика една од најголемите штети во историјата на мексиканските држави Јукатан и Кампече, како и извесна штета во државата Кинтана Ру. Само на Јукатан беа тешко оштетени околу 95.000 домови, при што беа засегнати околу 500.000 луѓе.
Јеховините сведоци одиграа толку ефикасна улога во акцијата за помош на Јукатан што во ударниот наслов во еден весник на Јукатан во северно Мексико стоеше: „Јеховините сведоци доаѓаат на помош“. Беше основан одбор за помош уште пред да почне бурата. Итно беа направени подготовки да им се најде дом на неколку стотини локални Сведоци. Соседните собранија обезбедија средства за прва помош. На преживеаните од бурата, вклучувајќи и многу луѓе што не беа Сведоци, им беше поделена облека, лекови и преку 22 тони храна. Беа назначени локални старешини што ги посетија и охрабрија жртвите на Исидор.
Откако помина бурата, беа формирани локални одбори за помош за да се побараат Сведоците што беа исчезнати. Неколку беа пронајдени во шумичките и на други места каде што останале и по три дена без храна или вода за пиење. Во некои подрачја водата толку се издигна што ги покри бандерите! Затоа беа набавени моторни чамци што се користеа за да се бараат жртвите, да им се однесе храна и да се пренесат на побезбедни места.
Локалните власти им позајмија чамци и друга опрема на Сведоците, кои се понудија да помогнат на подрачја каде што малкумина се осмелуваа да одат. Во почетокот, еден воен службеник не сакал да ги пушти Сведоците во една толку опасна потрага. Меѓутоа, кога го видел нивниот бестрашен дух, рекол: „Уверен сум дека, ако е потребно, ќе појдете таму и со хеликоптери за да ги спасите своите. Нашите возила ви стојат на располагање за да ги однесат вашите луѓе каде што сакате“.
Сопственикот на една продавница бил љубопитен зошто некои Сведоци купувале толку многу шишиња вода. Сведоците објасниле дека водата е за нивните духовни браќа и за сите други на кои им треба. Човекот одлучил да им ги даде сите шишиња вода што ги имал — бесплатно. Следниот ден им подарил уште вода — и тоа многу. Во една друга продавница, еден муштерија ги прашал Сведоците зошто купуваат толку многу храна. Кога чул дека таа храна е за жртвите од поплавата, им дал прилог за да купат уште.
Иако речиси 3.500 семејства на Сведоци претрпеа материјални загуби поради Исидор, на крајот се покажа дека не беше исчезнат ниту загинат ниеден Јеховин сведок. Сепак, бидејќи беше оштетен или сосема уништен 331 дом на Сведоците, имаше потреба од една програма на повторна изградба. Сведоци со градежно искуство појдоа во секој дом и Сала на Царството за да ја проценат штетата. Досега се поправени околу 258 домови и изградени се 172 нови куќи. Исто така, во процес на повторна изградба се 19 оштетени Сали на Царството.
Еден старешина во едно собрание во државата Јукатан бил поттикнат да рече: „Во нашите публикации читав за акциите за помош што се спроведуваат во други земји. Меѓутоа, нешто сосема друго е да се доживее тоа. Мојата вера и верата на многу браќа се зајакна кога видовме колку брзо и грижливо Јеховината организација и нашите драги браќа дојдоа да ни помогнат“.
Една жена рекла: „Многу би сакала мојата црква да ми помогнеше како што направивте вие, Сведоците“. А една друга жена што ја спасиле Сведоците, рекла: „Благодарение на Јеховините сведоци, ние сме живи. Тие ја покажаа својата љубов, ризикувајќи си го животот за да нѐ спасат кога куќата ни беше под вода“.
Кореја погодена од тајфун
На 31 август и 1 септември 2002, тајфунот Руса предизвика пустош во Кореја. Сон-пил Чо, собраниски старешина, изјави: „Беше исто како да стоиш под туш. Нон-стоп врнеше“. За помалку од 24 часа паднаа 870 милиметри дожд — најголемо количество воден талог што е забележано таму за еден ден.
Според The Korea Herald, низ целата држава беа поплавени 28.100 куќи и 85.000 хектари обработлива земја. Околу 70.000 луѓе беа присилени да се евакуираат. Тајфунот уби 301.000 глави добиток, потопи 126 бродови и собори стотици далноводи. Повеќе од 180 луѓе беа пријавени како мртви или исчезнати. Меѓу нив имаше и двајца Јеховини сведоци.
Исто како што беше случај во Европа и во Мексико, Јеховините сведоци брзо реагираа. Од Сведоците од целата земја се слеваа прилози. Тие се состоеја од облека, ќебиња и други неопходни работи. Сепак, имаше членови на некои собранија што живееја во подрачја кои беа отсечени или изолирани. Патиштата беа уништени, а мостовите урнати. Немаше електрична струја ниту телефонски врски. Беа организирани екипи за пешачење за да ја дадат потребната помош. Сон-пил Чо, кој работел во една од екипите за помош, опишува едно подрачје каде што помагале: „Беа уништени седум мостови и големи делови од патот. Кога конечно стигнавме до градот, насекаде имаше оштетени и уништени куќи. Страшно смрдеше и насекаде имаше мртви животни. Но, колку само се радувавме кога се сретнавме со нашите шест христијански браќа и сестри! Тие ги изгубија своите материјални поседи, но сите беа живи и здрави“.
Всушност, Јеховините сведоци беа добро подготвени за оваа катастрофа. Бидејќи поплавите не се ништо невообичаено во сезоната на монсуните, нивниот Регионален одбор за градба во подрачјето на Сеул веќе се организираше за идни акции за помош. Почнувајќи од 1997, тој спонзорираше годишни сесии за обука со цел доброволците да бидат спремни да реагираат кога ќе се појави итна потреба.
На 2 септември, работници за помош од Регионалниот одбор за градба пристигнаа во градот Кангнунг, кој се наоѓа на источниот брег, и основаа седиште во локалната Собирна сала на Јеховините сведоци. Што им беше главен приоритет? Да им однесат чиста вода на преживеаните. Кога ќе дојде до големи поплави обично се оштетува водоводот; водата од поплавата е многу загадена. Регионалниот одбор за градба направи подготовка да се испратат големи цистерни со вода во погодените подрачја.
Откако ќе се повлече водата од поплавата, сѐ е покриено со густа кал што смрди. Сепак, измислен е ефикасен метод на чистење. Бидејќи речиси сите домови во тоа подрачје се направени од цемент, можат да се исчистат на тој начин што ќе се извадат тапетите и линолеумот од сите простории и со едно црево ќе се испрскаат со вода под висок притисок.
Поради поплавата, повеќето електрични апарати повеќе не можат да се употребуваат. Меѓутоа, ако во рок од неколку дена апаратите како што се фрижидери и парни котли ги расклопат квалификувани електричари и потоа темелно ги исчистат, исушат и повторно ги склопат, во повеќето случаи ќе продолжат да функционираат. Регионалниот одбор за градба е организиран за таква работа. Парните котли што не треба да се заменат се користат за да се исушат домовите. За тој процес се потребни околу две до три седмици.
Облеката и ќебињата што се оштетени од поплавата исто така мора темелно да се исперат во рок од неколку дена за да можат и понатаму да се користат. Доброволци од едно локално собрание на Јеховините сведоци помогнаа да се соберат извалканите лични работи на нивните христијански браќа. Беше многу тешко да се испере тињата што беше впиена во таа облека — а мораше да се пере рачно и во многу, многу студен поток. Откако еден репортер дозна за овој труд што се вложуваше од љубов, во локалниот весник излезе една голема слика на Сведоци како ја извршуваат таа работа.
Катастрофалните поплави во Европа, Северна Америка и Азија однесоа домови, имоти и безброј невини човечки животи. Колку и да се трагични, таквите настани се вообичаени во текот на овие ‚последни денови‘ на овој систем на работи, кои се одбележани со ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1). Таквите катастрофи можат да послужат и како драматично потсетување за следниов факт: Вистинските христијани имаат љубов еден кон друг и кон своите ближни. Таквата несебична љубов е нешто што не може да го однесе ниедна бура.
[Слика на страница 26]
ГЕРМАНИЈА — куќа оштетена од бурата
[Слики на страница 27]
ГЕРМАНИЈА — преку 2.000 доброволци брзо дојдоа на помош
[Слики на страница 28]
АВСТРИЈА — ја поправаат својата Сала на Царството во Отенсхајм
Лево: Една екипа доброволци се враќаат од Ау, каде што им помогнале на локалните Сведоци и на нивните соседи
[Слики на страница 29]
МЕКСИКО — десно: Одбор за помош обезбедува вода за пиење за оние што ја преживеаја бурата
Долу: Се гради нова куќа
[Слики на страница 31]
КОРЕЈА — од лево на десно: поплавен дел од градот; чистење со вода под висок притисок; перење во блискиот поток