Гледиште на Библијата
Кога нашите најблиски немаат иста религија
СПОРЕД една проценка, во светот има повеќе од 10.000 религии и секти. Во една земја, околу 16 проценти од возрасните во некој момент од својот живот ја промениле својата религија. Затоа, не е чудо што меѓу роднините и пријателите доаѓа до несогласувања во врска со религијата. Понекогаш тоа води до напнати односи. Затоа, се поставува прашањето: Како треба да се однесуваат христијаните кон нивните најблиски што немаат иста религија?
Една посебна врска
На пример, да разгледаме што вели Библијата за посебната врска што постои помеѓу родителите и децата. Заповедта од Излез 20:12, ,да ги почитуваш твојот татко и твојата мајка‘, не требало да се слуша само до одредена возраст. Всушност, од дискусијата што ја повел Исус за оваа заповед, запишана во Матеј 15:4—6, е очигледно дека зборувал за честа што возрасни деца требало да им ја укажуваат на своите родители.
Библиската книга Пословици опоменува да не се покажува непочитување кон родителите. Во Пословици 23:22 е даден советот ,да не ја презираш мајката кога ќе остари‘. Во Пословици 19:26 многу јасно сме предупредени дека „срамен и расипан син е оној, кој го запустува таткото и ја истерува мајката“.
Светото писмо јасно покажува дека не треба да ги запоставуваме родителите. Тоа што родителите не ја прифаќаат нашата религија не ја поништува нашата врска со нив. Овие библиски начела подеднакво важат и за другите роднински врски, како и за сопружникот. Јасно, христијаните и понатаму имаат морална и библиска обврска да ги сакаат своите роднини.
Неопходна е разумност
Се разбира, Библијата опоменува против лошото друштво, а тоа влијание би можело да дојде и од најблиските роднини (1. Коринќаните 15:33). Многу верни Божји слуги во минатото зазеле став за она што е исправно дури и кога нивните родители не се согласувале со ова. Очигледно тоа било случај со синовите на Кореј (Броеви 16:32, 33; 26:10, 11). Вистинските христијани не треба да ја компромитираат својата вера за да им угодат на другите, дури ни кога се во прашање нивните роднини (Дела 5:29).
Во некои ситуации, родителите или другите блиски жестоко се противат на верувањата на еден христијанин. Некои може дури и да станат непријатели на вистинското христијанство. Во таквите случаи христијаните преземаат разумни чекори да ја заштитат својата духовност. Исус со право рекол: „Непријатели на човекот ќе му бидат неговите сопствени домашни. Кој има поголема наклоност кон татко или мајка отколку кон мене, не е достоен за мене; и кој има поголема наклоност кон син или ќерка отколку кон мене, не е достоен за мене“ (Матеј 10:36, 37).
Меѓутоа, во повеќето случаи, христијаните не се соочуваат со некое жестоко противење од своите најблиски. Нивните роднини едноставно не ги разбираат библиските учења на ист начин како и тие. Светото писмо ги охрабрува Христовите следбеници да постапуваат со неверниците „со благост“ и „со длабока почит“ (2. Тимотеј 2:25; 1. Петрово 3:15). Библијата со право советува: „Робот Господов не треба да се кара, туку треба да биде благ кон сите“ (2. Тимотеј 2:24). Исто така, апостол Павле ги советувал христијаните „да не зборуваат лошо за никого, да не бидат воинствени, да бидат разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе“ (Тит 3:2).
Одржувај контакти и покажувај љубов
Во 1. Петрово 2:12, на христијаните им е дадено следново охрабрување: „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите [неверниците] за . . . на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие, да го прослават Бог“. Честопати, нашите најблиски што не ги делат нашите верувања ги гледаат промените што ги предизвикала Библијата во нашиот живот. Не заборавај дека многу од оние што биле рамнодушни, па дури и се противеле на библиската вистина, го промениле своето размислување. Некои можеби требало внимателно да го набљудуваат доброто однесување на сопружникот или на детето во текот на многу години за да се заинтересираат за причината за таквото однесување. Ако луѓето не ги прифаќаат библиските вистини, тоа нека не биде затоа што биле запоставени од своите најблиски што се христијани.
Мора да се признае, околностите се разликуваат и некои христијански Сведоци живеат далеку од родителите. Можеби не е можно да ги посетуваат толку често колку што би сакале. Но, ако пишуваме писма, ако телефонираме или редовно одржуваме контакт на други начини, ќе ги увериме нашите најблиски дека ги сакаме. Мнозина од оние што не се вистински христијани ги сакаат своите родители и другите роднини и редовно комуницираат со нив без оглед на тоа на која религија ѝ припаѓаат. Зарем христијанските Сведоци треба да прават помалку во тој поглед?
[Слика на страница 19]
Ако одржуваш контакти со твоите најблиски, ќе ги увериш дека ги сакаш