Мерење на Земјата со стап
ДАЛИ некогаш сте чуле за грчкиот математичар и астроном Ератостен? За него веројатно најдобро знаат астрономите. Зошто тие многу го ценат?
Ератостен бил роден некаде во 276 пр.н.е. и извесно време се школувал во Атина (Грција). Меѓутоа, голем дел од својот живот поминал во Александрија (Египет), која во тоа време била под грчка власт. Околу 200 пр.н.е., Ератостен решил да ги утврди димензиите на Земјата користејќи само еден обичен стап. ‚Невозможно!‘, можеби ќе речете. Како го направил тоа?
Во градот Сиена (денешен Асуан), Ератостен забележал дека точно напладне првиот ден од летото, сонцето се наоѓало точно над главата. Тоа го знаел затоа што немало сенка кога сончевите зраци ќе стигнеле до дното на длабоките бунари. Меѓутоа, истиот ден напладне во градот Александрија, кој се наоѓал на околу 5.000 стадиумиa северно од Сиена, можела да се забележи сенка. Тоа му дало идеја на Ератостен.
Ератостен наместил сончев часовник — обичен исправен стап. Напладне, кога сонцето било точно над главата, го измерил аголот под кој паѓала сенката на стапот во Александрија. Пресметал дека тој агол изнесува 7,2 степена од вертикалата.
Ератостен верувал дека Земјата е тркалезна и знаел дека во еден круг има 360 степени. Затоа, бројот 360 го поделил со 7,2 (аголот што го измерил). До каков резултат дошол? Аголот што го добил изнесувал педесетти дел од полн круг. Тогаш заклучил дека растојанието од Сиена до Александрија, односно 5.000 стадиуми, мора да биде еднакво на една педесеттина од периметарот на Земјата. Кога помножил 50 со 5.000, Ератостен пресметал дека периметарот на Земјата изнесува 250.000 стадиуми.
Колку е близу неговиот резултат до денешните пресметки? Според денешните мерки, цифрата од 250.000 стадиуми е еднаква на 40.000 до 46.000 километри. Со помош на вселенски брод што кружи во орбита, астрономите го измериле периметарот на Земјата низ половите и дошле до цифрата од 40.008 километри. Значи, пред повеќе од 2.000 години, Ератостен дошол зачудувачки близу до современата вредност. Неговата точност дотолку повеќе зачудува кога ќе се земе предвид дека тој човек користел само еден стап и геометриска логика! Денешните астрономи го користат овој геометриски метод како основа за мерење растојанија надвор од нашиот Сончев систем.
Некои можеби мислат дека особено зачудува тоа што Ератостен знаел дека Земјата е тркалезна. Па сѐ до пред неколку векови дури и некои мудри луѓе што се занимавале со наука верувале дека Земјата е рамна. Древните Грци заклучиле каков е обликот на Земјата врз основа на нивните научни набљудувања. Меѓутоа, околу 500 години пред Ератостен, еден хебрејски пророк бил инспириран да напише: „Тој [Бог] престолува над земниот круг“ (Исаија 40:22). Исаија не бил научник. Од каде знаел дека Земјата била тркалезна? Оваа вистина му била откриена со божествена инспирација.
[Фуснота]
a Стадиуми биле грчки мерки за должина. Иако точната вредност се разликувала од место до место, се смета дека еден стадиум бил долг околу 160 до 185 метри.
[Графикон на страница 14]
(Види во публикацијата)
Сончев зрак
Сиена
7,2°
Александрија
7,2°