„Бисерот на морето“
Во секој океан на Земјата има огромен број дијатомеи — микроскопски алги сместени во богато украсени стаклени обвивки со прекрасни дезени. Тие со векови ги фасцинирале научниците — всушност, уште откако бил откриен микроскопот и човекот можел да ја пренесе на хартија нивната убавина. Со право, дијатомејата е наречена бисер на морето.
Алфред Нобел, кој во 1860-тите го измислил динамитот, го користел силициум диоксидот од дијатомеите за да го стабилизира нитроглицеринот, што му овозможило да направи мали прачки од овој експлозив. Фосилизираните обвивки на дијатомеите денес се користат на најразлични начини за комерцијални цели — на пример, за изработка на флуоресцентни бои што служат за патна сигнализација, за филтрирање на виното и за прочистување на водата во базените.
Но, многу поважно е тоа што на овие ситни едноклеточни растенија се должи една четвртина од фотосинтезата на нашава планета. Истражувачите Ален Милиган и Франсоа Морел, од универзитетот во Принстон (САД), откриле дека силициум диоксидот што се наоѓа во стаклената обвивка на дијатомејата предизвикува хемиски промени во водата што ја содржат, создавајќи идеална средина за фотосинтеза. Научниците веруваат дека стаклените обвивки се толку украсени затоа што на тој начин поголема површина доаѓа во допир со водата во клетката, што е причина фотосинтезата да биде поефикасна. Сѐ уште е тајна како точно се формираат овие минијатурни, но прекрасни обвивки од силициумот што е растворен во морската вода, но научниците сепак знаат дека, со тоа што апсорбираат јаглерод диоксид и ослободуваат кислород, дијатомеите играат битна улога во одржувањето на животот на Земјата — улога што можеби е дури и уште поважна од улогата на повеќето копнени растенија.
Морел вели дека дијатомеите „се најуспешните организми на Земјата“. Малиган додава дека, без нивниот афинитет кон јаглерод диоксидот, „ефектот на стаклена градина би можел да биде уште полош“.
Кога ќе изумрат дијатомеите, остатоците од јаглеродот што го содржеле потонуваат на океанското дно и со текот на времето се фосилизираат. Некои научници сметаат дека во ваков облик, под влијание на силниот притисок, дијатомеите придонеле да се зголемат нафтените резерви во светот. Меѓутоа, поради тоа што температурата на морската вода се покачува како последица од глобалното загревање, расте загриженоста дека бактериите ќе ги изедат остатоците од дијатомеите уште пред да потонат на дното и дека јаглеродот повторно ќе се ослободи во водата што е на површината. На тој начин, дури и овие ситни „бисери на морето“ се дел од еден чудесно создаден систем што го одржува животот, а сега можеби е доведен во опасност.
[Извор на слика на страница 31]
© Dr. Stanley Flegler/Visuals Unlimited