Младите прашуваат...
Како да им помогнам на оние на кои им треба помош?
„Се надевам дека кога ќе завршам со училиштето, ќе најдам работа како електричар. Сакам да помагам да се градат Сали на Царството“ (Тристан, 14).
„Приложувам 20 долари за новата печатарска машина. Тоа е мојот џепарлак, но сакам да ви го дадам вам“ (Аби, 9).
ВО ОВАА ера, кога некои без колебање ќе речат дека младите се себични, голем број млади — како овие што се цитирани погоре — го докажуваат токму спротивното. Меѓу Јеховините сведоци, многу момчиња и девојки ги користат своето време, сила и средства за да им служат на другите (Псалм 110:3). Да разгледаме уште некои примери.
Кратко по смртта на баба му, седумгодишниот Џира од Австралија добил од дедо му 50 долари. Што направил Џира со парите? На следниот собраниски состанок, ги пуштил сите во кутијата за доброволни прилози. Зошто? „Јас имам доволно играчки, но имав само една баба“, ѝ објаснил Џира на мајка си. „Знам дека баба ќе сакаше да ги дадам парите како доброволен прилог, зашто таа многу го сакаше Јехова.“
Петгодишната Хана од Соединетите Држави многу сака коњи. Сакала да си купи играчка коњче, која чинела 75 долари. За да ја научат колку е важно да се штеди, нејзините родители одвреме-навреме ѝ давале пари за да си ги става во касичка. Набрзо Хана имала доволно пари за да си го купи коњчето.
Но, тоа било отприлика во времето кога ураганот Катрина го разори Мексиканскиот Залив. Хана била многу загрижена за жртвите, па затоа решила сите пари што ги заштедила — повеќе од 100 долари — да ги даде за да им помогне. До главното седиште на Јеховините сведоци напишала: „Сакам да ви ги дадам овие пари зашто го сакам Јехова и сакам да помогнам“. Дали Јехова ја забележува ваквата дарежливост? Библијата вели: „Не заборавајте да им правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евреите 13:16).
По двата урагана што ја погодија Флорида во 2004 година, едно девојче по име Тифани, исто така од Соединетите Држави, пратило писмо до главното седиште на Јеховините сведоци. „Јас и брат ми Тимоти сакаме да приложиме 110 долари“, напишала таа. „Нашата куќа не беше многу оштетена, но видовме што им направија бурите на другите куќи. Сакавме да помогнеме, па затоа почнавме да штедиме пари. Тимоти доби 10 долари за тоа што помогна да се извади гипсена плоча од една куќа, а јас успеав да заштедам 100 долари.“ Тифани има 13 години, а брат ѝ Тимоти само 7! Што се случува кога доброто на другите ќе го ставиме пред своето? Во Пословици 11:25 се вели: „Кој ги напојува другите, сам ќе се напои“.
Една група млади Сведоци од Соединетите Држави, на возраст од 4 до 15 години, слушнале дека на нивните соверници во Африка им требаат Сали на Царството. Затоа решиле да направат нешто. „Продававме пред куќата колачиња и погачки и заработивме 106,54 долари. Им кажувавме на луѓето дека парите ќе се употребат за во Африка да се изградат места каде што луѓето ќе можат да учат за Библијата. Мнозина добро реагираа. Продававме девет часа, но се исплатеше — тоа беше за Јехова!“
И ти можеш да помогнеш
Младите што се спомнати во оваа статија ја сфатиле вистинитоста на Исусовите зборови: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). И ти можеш да ја осетиш радоста што ја носи давањето. На кои начини можеш да даваш?
Имаш ли слушнато дека на некои твои соверници им треба помош? На пример, дали можеби имало некоја природна катастрофа? Пробај да си замислиш како би било да го изгубиш домот, сѐ што имаш, па дури и некој од твоите најмили. Апостол Павле им напишал на христијаните да ‚не гледаат со личен интерес само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:4). Дури и ако живееш далеку од местото каде што се случила катастрофата, можеби ќе можеш да дадеш доброволен прилог кој ќе биде дел од акциите за помош што ги преземаат Јеховините сведоци.a
Има и други начини на кои можеш да им помогнеш на оние на кои им треба помош. На пример, ако си Јеховин сведок, разгледај малку низ твоето собрание. Има ли постари лица или други на кои добро би им дошла помош? Можеш ли да им помогнеш со некои работи низ дома? Апостол Павле им напишал на Римјаните: „Во братската љубов имајте нежна наклоност еден кон друг. Предводете во искажувањето чест еден на друг“ (Римјаните 12:10). Кога ќе видиш дека на некој му треба помош, преземи чекори да помогнеш. Биди спремен да направиш дури и ниски работи. И не заборавај дека да им служиш на другите е тесно поврзано со тоа да му служиш на Бог. Библијата вели: „На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството“ (Пословици 19:17).
Се разбира, најдобриот начин да им помогнеш на другите е со тоа што ќе им го кажеш она што го знаеш за Божјата реч, Библијата. Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Сега, повеќе од кога и да е порано, луѓето треба да ја чујат пораката на вистината од Библијата која значи живот. Затоа продолжи редовно и ревносно да проповедаш, уверен дека ‚твојот труд не е залуден‘ (1. Коринќаните 15:58).
Повеќе статии од рубриката „Младите прашуваат...“ можат да се најдат на веб-страницата www.watchtower.org/ype
[Фуснота]
a Со благодарност се прифаќаат доброволни прилози за конкретни акции за помош. Меѓутоа, подобро е таквите прилози да се дадат за светското дело на Јеховините сведоци, зашто од овој фонд се земаат пари кога има некаква потреба.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Ти текнува ли некој на кого добро би му дошла помош?
◼ Што можеш да направиш за да помогнеш?
[Истакната мисла на страница 25]
„Не заборавајте да им правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евреите 13:16).
[Рамка/слики на страници 24 и 25]
ЗОШТО ДА НАУЧИШ ДА ДАВАШ?
„Кога ги гледав моите родители како го користат своето време и сила за да му служат на Јехова и на ближниот, посакав и јас да живеам така. Татко ми ми рече: ‚Сѐ што правиш за Јехова, колку и да е малку, останува засекогаш. Јехова живее засекогаш и ќе се сеќава засекогаш на тоа. Но, да живееш само за себе е бесцелно. Кога ќе умреш, ќе умре и она што си го направил‘“ (Кентаро, 24, Јапонија).
„Да бидам искрен, последното нешто што сакав да го правам е да им помагам на постарите низ дома во сабота попладне. Сакав да се забавувам, да бидам со другарите. Но, навистина си поминував убаво со постарите. Така видов дека се луѓе како мене, дека и тие некогаш биле млади. Тоа ме поттикна да им помагам“ (Џон, 27, Англија).
„Кога бев помлад помагав околу чистењето на Салата на Царството и околу многу други работи. Исто така, сакав да им сработам некоја физичка работа на другите во собранието. Кога ќе му помогнеш на некого, гледаш колкава радост му носи тоа. На пример, еднаш отидов со неколкумина други да лепиме тапети во станот на една постара сестра. Колку беше радосна! Кога ќе израдуваш некого, и ти си радосен“ (Ерман, 23, Франција).
[Слика на страница 24]
Голем број млади луѓе даваат пари за да им се помогне на жртвите на некоја катастрофа