Гледиште на Библијата
Дали е погрешно да се пие алкохол?
„ВИНОТО е подбивно, опојниот пијалак е бучен, и секој што е заведен од него, не е мудар.“ Дали овој библиски стих, запишан во Изреки 20:1, покажува дека е погрешно да се пие алкохол? Некои така мислат. Како дополнителен доказ тие посочуваат библиски настани во кои се случиле лоши работи како последица на пиењето алкохол (1. Мојсеева 9:20-25).
Потоа, тука се и катастрофалните резултати од претераното пиење — болести како што е цироза на црниот дроб, тешки сообраќајни несреќи, финансиска пропаст, семејно насилство и штетни последици за нероденото дете. Веројатно поради ваквите страшни последици, „многу религии поучувале дека пиењето алкохол е спротивно на моралните начела“, се вели во The World Book Encyclopedia. Но, дали е така? Дали Библијата забранува да се пие секаков алкохолен пијалак и во која и да било количина?
Што вели Библијата?
Библијата навистина предупредува на лошите последици од претераното пиење алкохол. Во Ефешаните 5:18 се наоѓа опомената: „Не опивајте се со вино, во кое има разузданост“. Исто така, во Изреки 23:20, 21 сме опоменати: „Не биди меѓу оние што се опиваат со вино, ниту меѓу оние што лакомо јадат месо. Зашто, пијаницата и изедникот осиромашуваат“. А во Исаија 5:11 стои: „Тешко на оние што стануваат рано наутро и бараат опоен пијалак, кои остануваат до доцна навечер, па ги распалува виното!“
Но, во Библијата исто така се спомнати и убавите и корисните работи што се резултат на умереното пиење. На пример, во Псалм 104:15 се вели дека еден од Божјите дарови е „вино што го весели срцето на смртниот човек“. А во Проповедник 9:7 стои дека награда за добрите дела е да го ‚јадеш својот леб со радост и да го пиеш своето вино со весело срце‘. Знаејќи колку лековито може да биде виното, Павле му рекол на Тимотеј ‚повеќе да не пие вода, туку да зема по малку вино поради желудникот и честите свои болести‘ (1. Тимотеј 5:23). Во Библијата е спомнато дека алкохолот може да му помогне на човек да издржи кога е во тешка ситуација (Изреки 31:6, 7).
Очигледно, Библијата не забранува да се пијат алкохолни пијалаци. Меѓутоа, она што го осудува е прекумерното пиење и опивањето. Затоа, Павле ги поттикнал христијанските надгледници, слугите помошници и постарите жени да не се оддаваат на „многу вино“, а на Тимотеј му дал совет да зема само по „малку вино“ (1. Тимотеј 3:2, 3, 8; Тит 2:2, 3). Сите христијани се потсетени дека „пијаници“ нема „да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10).
Вредно е да се забележи и тоа дека Библијата го поврзува пијанството со лакомото јадење и советува да се избегнува и едното и другото (5. Мојсеева 21:20). Доколку овој совет значи дека воопшто не треба да се пие алкохол, зарем тоа не би значело и дека јадењето дури и мали количини храна е погрешно? Не, Библијата вели дека е погрешно да се претера со пиење и јадење до степен на пијанство и лакомо јадење, а не умереното пиење и јадење.
Што правел Исус?
Христос ни оставил ‚пример во сѐ да одиме по неговите стапки‘, вели апостол Петар. „Тој не направи грев“ (1. Петрово 2:21, 22). А како гледал Исус на алкохолот? Па, првото чудо што го направил било тоа што претворил вода во вино. Во какво вино ја претворил водата? „Управителот на масата“ го пофалил младоженецот за ова вино добиено преку чудо. Тој рекол: „Секој човек најпрво го изнесува доброто вино, а кога луѓето ќе се опијат, полошото. А ти си го чувал доброто вино сѐ досега“ (Јован 2:9, 10).
Кога се славела Пасхата обично се пиело вино, па така, и Исус, кога ја вовел Господаровата вечера, користел вино. Подавајќи им на своите ученици чаша со вино, им рекол: „Пијте од неа сите“. Знаејќи дека наскоро ќе умре, додал: „Отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден кога ќе го пијам со вас нов во царството на мојот Татко“ (Матеј 26:27, 29). Да, луѓето знаеле дека Исус пиел вино (Лука 7:34).
Што треба да правиме ние?
Иако Библијата не го забранува пиењето алкохолни пијалаци, тоа не значи дека мораме да пиеме. Има многу причини зошто да не пиеме. На пример, еден поранешен алкохоличар знае дека е опасно ако се напие макар и само една чаша. Една бремена жена можеби нема да пие од страв да не му наштети на своето неродено дете. А бидејќи еден возач знае дека алкохолот го нарушува просудувањето и ги ослабува рефлексите, нема да направи нешто што би го довело во опасност неговиот живот или животот на другите.
Еден христијанин не би сакал да спрепне некого чија совест го осудува пиењето (Римјаните 14:21). Мудро ќе биде да не пие алкохол кога оди да проповеда. Значајно е тоа што според законот што Бог му го дал на древниот Израел, на свештениците им било забрането да ‚пијат вино и опоен пијалак‘ кога ја извршувале својата служба (3. Мојсеева 10:9). Исто така, во земјите во кои пиењето алкохол е забрането или ограничено, христијаните треба да бидат послушни на законот (Римјаните 13:1).
Иако секој сам треба да одлучи дали ќе пие или не, или колку ќе пие, Библијата поттикнува на умереност. Таа вели: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31).
СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ НЕКОГАШ?
◼ Кое предупредување во врска со пиењето алкохол е дадено во Библијата? (1. Коринќаните 6:9, 10).
◼ Дали Исус пиел алкохол? (Лука 7:34).
◼ Што ги води вистинските христијани кога станува збор за јадењето и пиењето? (1. Коринќаните 10:31).