Свалбард — земја на студените брегови
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НОРВЕШКА
ОД ГУСТИТЕ бели облаци низ кои летаме, не можеме да видиме ништо. Но, авионот конечно излегува од облаците, и под нас се отвора видик на снежно-бело поларно пространство. Убавината на пејзажот нѐ остава без здив! Нашите очи не можат да се наситат на ледниците, небесно-сините фјордови и планините со снежни покривки. Каде и да се свртиш, насекаде само непрегледна белина од снег и мраз. Ова е Свалбард (познат и како Шпицбершки Острови), архипелаг во близина на Северниот Пол, сместен меѓу 74. и 81. степен северна географска ширина — а ние му доаѓаме во посета!
Името Свалбард, кое значи „Студен брег“, најпрво се спомнува во исландските анали кои датираат од 1194 год. Но, земјата била означена на картите дури 400 години подоцна, кога била „откриена“ во 1596-тата. Таа година, додека една група холандски истражувачи, предводени од Вилем Баренц, пловеле на север, морнарот што стоел на набљудувачницата забележал непознато копно на хоризонтот — низа од планини со назабени врвови. Овие истражувачи се укотвиле на северозападниот брег на Свалбард, кој Баренц го нарекол „Шпицберген“, што значи „Шилести Планини“. Денес ова име го задржал само најголемиот остров од овој архипелаг. Откритието на Баренц го отворило патот за една ера на жива активност во областа Свалбард, во која спаѓале лов на китови, на фоки и на животни со крзно, како и истражување, а, на крајот, и ископување на јаглен, научни истражувања и туризам. Низ годините, неколку земји имале удел во овие дејности, но од 1925 год. наваму, овој архипелаг ѝ припаѓа на Норвешка.
Земја на вечниот лед и на поларната светлина
Нашиот авион се спушта над Исфјорд и слетува на аеродромот Свалбард. Влегуваме во изнајмениот автомобил и се упатуваме кон Лонгирбјен, гратче што го добило името по американскиот рударски магнат Џон М. Лонгир, кој во 1906 год. овде ги пуштил во употреба првите рудници за јаглен. Со околу 2.000 жители, Лонгирбјен е најголемото населено место на Свалбард. Да, среде ова непрегледно пространство на скоро недопрена природа, пристигнуваме во едно современо гратче кое ги нуди сите нормални услуги — има продавници, пошта, банка, библиотека, училишта, градинки, хотели, кафулиња и ресторани, болница, па дури и локален дневен весник. Сместен на отприлика 78-иот степен северна географска ширина, Лонгирбјен е најсеверното населено место со оваа големина во светот.
Се сместуваме во еден пансион во кој на времето живееле копачи на јаглен. Под нас се гледа целиот град, а на хоризонтот се крева величествената планина Јортфјеле. Октомври е, и планините се прекриени со снег. Во најнискиот дел од долината сѐ уште нема снег, но почвата е смрзната. Ова е земја на вечниот лед. Само површинскиот слој се одмрзнува за кратко во текот на летото. Но, поради поволните ветрови и океански струења, овде климата е поблага отколку во други области што се наоѓаат на иста географска ширина. Од местото каде што сме сместени, можеме да ги гледаме планините што се облеани со сончева светлина и долината која лежи во синкава сенка. Во Лонгирбјен сонцето не се крева над хоризонтот меѓу 26 октомври и 16 февруари. Но, поларната светлина (Aurora Borealis), честопати знае да го осветли мракот на зимското небо. Од друга страна, пак, во текот на пролетните и летните месеци, Свалбард се капе во поларното сонце кое воопшто не заоѓа. Во Лонгирбјен, овој период трае од 20 април до 23 август.
Растенија и животни
Температурата е –8 степени Целзиусови и дува остар ветар, но небото е ведро. Спремни сме да тргнеме на екскурзија. Следејќи го нашиот водич, најпрво се искачуваме на планината Саркофаген, а потоа се симнуваме надолу по глечерот Лонгирбрин. Додека се качуваме по смрзнатите ридови, водичот ни кажува дека на пролет и во лето овде цветаат голем број убави цвеќиња. Изненадува тоа што Свалбард, всушност, има богата вегетација — на пример, на овие острови виреат околу 170 видови цвеќиња. Две познати цвеќиња се белата или жолтата свалбардска булка и мирисливата виолетова каменика.
Додека чекориме нагоре по снежните падини, здогледуваме траги од свалбардски тетреб, единствената птица што во текот на целата година престојува на островите. Сите други птици, како, на пример, гилмотите (морска птица од семејството Uria), малите норки (Alle alle), најразлични галеби и виолетовите пескари (Calidris maritima) се птици-преселници. Од посебен интерес е поларната вртимушка. Многу од овие вртимушки мигрираат дури до јужниот пол, на сосема другиот крај на Земјината топка.
Наидуваме и на траги од поларна лисица. Ова лукаво животно е мршојадец. Се храни со мрши и остатоци од животни, но понекогаш јаде и мали птици и јајца. На Свалбард, лисицата е еден од двата цицачи што живеат само на копно. Другиот е кроткиот свалбардски ирвас. За време на нашиот престој на Свалбард, одблизу видовме неколку вакви ирваси. Обично мирно нѐ гледаа и ни дозволуваа да им се приближиме доста близу за да ги фотографираме, а потоа си заминуваа. Овој ирвас има кратки нозе и дебело, топло крзно. Сега, наесен, е прилично полничок — слојот од сало му служи како резерва на храна, неопходна за студената зима.
Мнозина ја сметаат поларната мечка, кралицата на северниот пол, за морско животно, бидејќи најголемиот дел од времето го поминува ловејќи фоки на сантите мраз. Но, осамени мечки лутаат насекаде по Свалбард. Нашиот водич се надева дека нема да имаме средба со некоја од нив. Поларната мечка може да биде многу агресивна, па затоа нашиот водич за секој случај носи пушка. Од 1973 год. наваму, ловот на овие животни е забранет во потполност и се води истрага за секој случај на убивање на поларна мечка. Иако нивниот број на Свалбард сега е прилично голем, постои сериозна загриженост во врска со иднината на ова величествено животно. Можеби Северниот Пол изгледа бел, свеж и чист, но сепак, некои отровни материи, како што е полихлорираниот бифенил, навлегле и во оваа околина и ја загадиле. Бидејќи поларните мечки се последната алка во синџирот на исхраната, ваквите загадувачи се таложат во нив и се чини дека ова ја оштетува нивната способност за размножување.
Конечно стигнуваме на врвот на планината Саркофаген, каде што сме наградени со величествена глетка на бројни бели капи во далечината. На југозапад се гледа големата, тркалезна планина Нурденшелдфјелет, која блеска на сончевата светлина. Далеку долу под нас е Лонгирбјен, а високо над нас е светлосиното поларно небо. Се чувствуваме како да стоиме на врвот на светот. Се освежуваме со неколку парчиња леб и чаша сок од црни рибизли — вообичаен планинарски пијалак што се состои од цедени црни рибизли, шеќер и топла вода — и веќе сме спремни да се спуштаме надолу по глечерот Лонгирбрин.
Јагленокопите и загрозените животни
Друго интересно искуство за нас е посетата на еден стар рудник за јаглен. Нашиот крупен водич, кој долго време и самиот бил рудар, ни го покажува рудникот бр. 3, кој се наоѓа во близина на Лонгирбјен. Опремени со работнички комбинезони и шлемови со светилки, тргнуваме по него длабоко во планината. Тој ни кажува дека ископувањето на јаглен било главна дејност на Свалбард од почетокот на 20-тиот век наваму. Рударите со години воделе многу тежок живот. Честопати морале да ползат низ долгите пукнатини, или премини, во хризонталните наслаги од јаглен, кои на некои места биле високи само 70-тина сантиметри. Се обидуваме и ние да го направиме истото, и навистина не им завидуваме на рударите. Тие работеле многу напорно, воздухот бил исполнет со прашина од јагленот и од карпите, бучавата била силна, секогаш постоела опасност од експлозии, а можеле да бидат и затрупани во рудникот. Сега се користат многу понапредни методи. Иако ископувањето на јаглен сѐ уште е главен дел од економијата на Свалбард, во изминативе неколку децении и туризмот станува важна гранка.
Луѓето не ја земале секогаш предвид ранливоста на дивите животни на Северниот Пол. Имало периоди кога, поради ловот на китови, на моржови, на ирваси, на поларни мечки и на други животни, на некои од животинските видови на Свалбард им се заканувала опасност од истребување. Но, мерките за заштита на животните помогнале да се обнови популацијата на неколку загрозени видови.
Рај за геолозите
За Свалбард се вели дека е „рај за геолозите“. Бидејќи нема многу вегетација, пејзажот е како геолошка сликовница. Се забележуваат карактеристични геолошки структури на планините, кои се состојат од јасно дефинирани слоеви и скоро личат на огромни торти на катови. Можат да се видат карпи од сите епохи на историјата на Земјата. Некои се формирале од песок и глина, а други од органски материи. Низ вековите, многу мртви растенија и животни биле прекриени со глина и биле зачувани како фосили. Всушност, фосили можат да се најдат во карпите од сите геолошки периоди.
Во музејот во Свалбард имаме можност да погледаме голем број фосили на растенија и животни кои живеат на високи температури. Ова покажува дека климата на овој архипелаг во минатото била многу потопла отколку денес. Во некои места на Свалбард, наслагите од јаглен се дебели и до 5 метри! Во нив се најдени фосилни остатоци и од зимзелени и од листопадни дрвја. Фосилните траги од стапалата на тревопасен диносаурус се уште еден доказ дека климата овде порано била поблага и имало многу побуен растителен свет.
Како можат да се објаснат овие огромни климатски промени? Го прашуваме геологот Турфин Карнет, претставник на Рудничката управа во Лонгирбјен. Тој ни кажува дека повеќето геолози сметаат дека главната причина за ова е поместувањето на континентите. Геолозите велат дека Свалбард е сместен на тектонската плоча која се поместува на север веќе многу долго време, а најверојатно поместувањето почнало на југ, дури од екваторот. Снимките од современите сателити покажуваат дека Свалбард сѐ уште годишно се поместува кон североисток за по неколку сантиметри.
Додека нашиот авион го напушта овој архипелаг, сите сме свесни дека по оваа посета ќе имаме многу работи за кои можеме да размислуваме. Недогледното поларно пространство, животните што толку добро се приспособени на оваа околина и најразновидните растенија нѐ поттикнуваат да размислуваме за тоа колку разнолико е творештвото, а колку мал и безначаен е човекот, и како ние луѓето управуваме со Земјата. Додека авионот лета на југ, фрламе последен поглед на земјата на студените брегови, чии остри планински врвови прекриени со снег ги сечат облаците и светкаат со бледо-розова боја на попладневното сонце.
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
Северен Пол
ГРЕНЛАНД
СВАЛБАРД
Лонгирбјен
75° с.г.ш.
ИСЛАНД
НОРВЕШКА
60° с.г.ш.
РУСИЈА
[Слика на страница 25]
Гратчето Лонгирбјен
[Слика на страница 25]
Многу цветни растенија, како виолетовата каменика, виреат на суровата поларна клима
[Извор на слика]
Knut Erik Weman
[Слики на страница 26]
Свалбардски тетреб и свалбардски ирвас
[Извор на слика]
Knut Erik Weman