Решен да се збогатиш — кои се последиците?
ВО ОВОЈ свет во кој над 850 милиони луѓе гладуваат, тешко е да се замисли дека, ако си богат, ќе имаш проблеми. Но, забележа ли дека во стихот што е цитиран во претходната статија не се зборува против парите или богатството, туку против љубовта кон парите и решеноста да се биде богат? Што се случува кога луѓето живеат за парите и за она што можат да го купат со нив? Да видиме прво како влијае тоа врз нивните деца.
Последици врз децата
Се проценува дека за само една година, едно просечно дете во Америка гледа 40.000 телевизиски реклами. Освен тоа, во продавниците и кај своите другари децата гледаат најразлични видеоигри, најнови музички апарати, компјутерски програми и облека од познати марки. Имајќи го сето ова на ум, може да замислиме што сѐ бараат децата од родителите. Има родители кои им ги задоволуваат сите желби на своите деца. Зошто?
Некои родители, кои самите не можеле да имаат некои работи кога биле мали, сега гледаат да им дадат сѐ на своите деца. Други се плашат дека, ако не им ги остварат желбите на своите деца, тие повеќе нема да ги сакаат. Еден од основачите на една група за поддршка на родителите од градот Боулдер (Колорадо, САД), вели: „Тие сакаат да бидат најдобри пријатели со своите деца и прават сѐ за да им биде убаво на децата“. Трети, пак, се надеваат дека со тоа што ќе им даваат многу подароци на децата ќе го надоместат тоа што минуваат многу време на работа, а малку со нив. Освен тоа, по долгата напорна седмица на работа, родителите можеби едноставно немаат сили да се расправаат, што е неизбежно ако не им исполнат некоја желба на децата.
Но, дали родителите кои на своите деца им даваат сѐ што ќе посакаат со тоа им помагаат или им одмагаат? Иронично е тоа што искуствата покажуваат дека, наместо да ги сакаат мама и тато повеќе, разгалените деца обично стануваат неблагодарни. Не ги ценат дури ни работите за кои толку очајно молеле. Една директорка на основно училиште го рекла следново: „Низ годините сум увидела дека, кога на децата веднаш им се задоволува секое ‚сакам ова‘ или ‚сакам она‘, по само две седмици истите тие толку посакувани работи завршуваат в канта“.
Што се случува со разгалените деца кога ќе пораснат? Според списанието Newsweek, истражувањата покажуваат дека тие израснуваат во возрасни луѓе „кои тешко се снаоѓаат со разочарувањата што ги носи животот“. Бидејќи никогаш не научиле дека мораат да работат за да го добијат она што го сакаат, голем број од нив лошо поминуваат на училиште, на работа и во бракот, па затоа остануваат финансиски зависни од своите родители. Исто така, може да бидат склони кон претерана загриженост или депресија.
Значи, разгалените деца добиваат сѐ што ќе посакаат, но и губат многу. Тие не знаат да ја ценат работата, немаат чувство на самопочит и не се свесни дека вредат нешто. Психијатарот Џеси О’Нил предупредува: „Ако ги учите децата дека можат да добијат сѐ што ќе посакаат, кога и да посакаат, ги подготвувате за мизерен живот“.
Последици врз возрасните
Во весникот Psychology Today се вели дека, „сеедно колку долго сте во брак или колку пари имате, следната кавга веројатно пак ќе биде околу парите“. Понатаму се вели и дека „по тоа како еден брачен пар ги решава несогласувањата и разочарувањата поврзани со пари може да се претпостави дали тој брак ќе опстане или ќе пропадне“. Оние брачни парови што им придаваат преголемо значење на парите и на материјалните работи го изложуваат својот брак на поголема опасност. Всушност, проценките покажуваат дека една од главните причини за околу 90 отсто разводи биле кавгите околу пари.
Но, дури и кога двајца ќе решат да останат во брак, ако премногу внимание им посветуваат на парите и на она што можат да си го дозволат со нив, бракот ќе им страда. На пример, кога еден брачен пар има долгови, и двајцата сопружници може лесно да станат раздразливи и избувливи и да почнат да се обвинуваат еден со друг за финансиските проблеми што ги имаат. Во некои случаи, и двајцата брачни партнери се толку преокупирани со своите материјални работи што немаат време еден за друг. Што се случува кога едниот од брачните другари ќе купи нешто скапо, а не му кажува на другиот за тоа? Па, сопружниците почнуваат да кријат работи еден од друг, се раѓа чувство на вина и недоверба, а сето ова го нагризува бракот.
Се случува некои, сеедно дали се во брак или не, и буквално да си го жртвуваат животот поради материјализмот. На пример, под притисок да ги усвојат истите материјалистички вредности како во богатите земји, во Јужноафриканската Република некои се обиделе да се самоубијат. Во Соединетите Држави, еден човек си ги убил жената, 12-годишниот син и на крајот се убил и самиот, по сѐ изгледа затоа што имал финансиски проблеми.
Се разбира, повеќето луѓе не умираат поради трката по пари. Но, додека тие трчаат да се збогатат, животот може да им помине и без да сетат. Освен тоа, може да им страда и квалитетот на животот, затоа што стресот на работа или борбата да се заработи повеќе им предизвикува напади на паника, несоница, хронични главоболки или чир — здравствени проблеми што можат да му го скратат животот на некого. Па дури и ако некој се освести и сфати дека мора да промени нешто, може да биде предоцна — брачниот другар можеби повеќе нема доверба во него, децата можеби веќе се емоционално осакатени, а нему здравјето му е нарушено. Можеби дел од штетата ќе може да се поправи, но ќе треба многу работа. Таквите луѓе навистина ‚си нанесуваат многу маки‘ (1. Тимотеј 6:10).
Што сакаш?
Повеќето луѓе сакаат среќно семејство, добро здравје, работа што ги исполнува и доволно пари за да имаат добар живот. За сето ова потребна е рамнотежа, а кога на некого му се најважни парите, таа рамнотежа се нарушува. За повторно да ја воспостават рамнотежата, мнозина можеби ќе треба да најдат работа со помала плата, да живеат во помала куќа, да возат поевтин автомобил или да се симнат на пониска скала во општеството. Колкумина се спремни да се откажат од удобностите поради повозвишени вредности? ‚Знам дека не ми требаат сите тие работи‘, рекла една жена, ‚но толку е тешко да се откажеш од нив!‘ Други сакаат да се откажат, но не сакаат да бидат првите што ќе го направат тоа.
Како е со тебе? Ако веќе си изнашол начин да ги задржиш парите и материјалните работи онаму каде што им е местото, заслужуваш пофалба. Но, дали сега само прелетуваш преку оваа статија затоа што живееш на начин кој ти одзема премногу време? Дали си еден од оние што чувствуваат дека мораат да си го поедностават животот за да им биде подобро и во физички и во емоционален поглед? Тогаш, преземи решителни чекори во врска со тоа пред материјализмот да ти го растури семејството. Во рамката на оваа страница има неколку предлози како да го сториш тоа.
Кога материјалните работи ги ставаме на нивното исправно место, сите во семејството ќе имаат полза и во физички и во емоционален поглед. Меѓутоа, христијаните треба да обрнат внимание и на уште нешто — не треба да дозволат материјалните работи да им го расипат односот со Бог. Како може материјализмот да ни го наруши духовното здравје и како можеме да го спречиме тоа? Ова ќе биде разгледано во следната статија.
[Истакната мисла на страница 5]
Честопати разгалените деца се неблагодарни, а работите што толку многу ги посакувале, по кратко време завршуваат в канта
[Рамка/слика на страница 7]
Биди урамнотежен
За да се поедностави животот, човек мора да биде решителен и добро да планира. Еве неколку предлози што им помогнале на мнозина.
◼ НАПРАВИ СПИСОК. Што би можел да престанеш да купуваш? Од што би можел да се откажеш? Музички CD-а? Непотребни додатоци за автомобилот? Нешто што е евтино, а не ми треба вистински?
◼ ОДРЕДИ ПРОБЕН ПЕРИОД ВО КОЈ ЌЕ СИ ГО ПОЕДНОСТАВИШ ЖИВОТОТ. Ако не си сигурен дали вреди да си го поедноставиш животот, зошто не пробаш, можеби шест месеци или година? Така ќе можеш самиот да се преиспиташ дали времето што си го потрошил за да заработиш придонело да бидеш посреќен или помалку среќен.
◼ ВКЛУЧИ ГИ И ДЕЦАТА ВО РАЗГОВОРИТЕ ОКОЛУ ТОА КАКО ДА СИ ГО ПОЕДНОСТАВИТЕ ЖИВОТОТ. Ако го сториш тоа, тие веројатно ќе те поддржуваат и нема да ти биде толку тешко да одбиеш некое нивно барање кога ќе мораш.
◼ РАЗМИСЛИ ЗА ТОА ДА ИМ ДАВАШ ЏЕПАРЛАК НА ДЕЦАТА. Сеедно дали ќе одлучат да штедат за да го купат она што го сакаат или воопшто нема да го купат, децата ќе научат да бидат стрпливи и да го ценат она што го имаат. Исто така, ќе научат да донесуваат одлуки.
◼ НАУЧИ ТЕХНИКИ ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДА ШТЕДИШ. Купувај на распродажба. Одреди си домашен буџет. Оди на работа пеш или со велосипед. Користи ги електричните апарати само кога е навистина потребно. Наместо да купуваш книги, земај ги од библиотека.
◼ ПОПОЛНИ ГО ВРЕМЕТО. Не заборавај, твојата цел не е само да имаш помалку материјални работи, туку да обрнеш поголемо внимание на поважните работи, како што се луѓето во твојот живот. Го правиш ли тоа?
[Слика на страница 6]
Решеноста да се биде богат може да создаде напнатост во бракот