Поглед во светот
◼ Според една анкета, царскиот рез повеќе од три пати го зголемува ризикот од смрт на родилките отколку нормалното породување (OBSTETRICS AND GYNECOLOGY, САД).
◼ Научникот Стивен Хокинг го поставил следново прашање до јавноста преку Интернет: „Може ли човечкиот род да опстои уште 100 години во овој свет во кој политиката, општеството и природната средина се во вистински хаос?“ По еден месец, тој признал: „Јас не го знам одговорот. Затоа и го поставив прашањето, за да ги поттикнам луѓето да размислат за тоа и да станат свесни за опасностите со кои се соочуваме“ (THE GUARDIAN, БРИТАНИЈА).
◼ Секоја година, од 14 до 19 милиони луѓе од вкупното население на Танзанија, чиј број е 37 милиони, боледува од маларија. „Болеста одзема околу 100.000 животи годишно во таа земја“ (THE GUARDIAN, ТАНЗАНИЈА).
Рибите се заштита за резервите со вода
Неколку градови во Северна Америка користат еден вид риби (Lepomis macrochirus) што се особено чувствителни на хемикалиите во нивната средина за да го контролираат квалитетот на водата за пиење. Во еден извештај на Associated Press се вели: „Рибите се чуваат во резервоари во кои постојано се дотура вода од градскиот водовод. Кога во водата има отровни материи, кај рибите доаѓа до промени во дишењето, во чукањето на срцето и во пливањето. Затоа, нон-стоп се вклучени сензори кои ги регистрираат овие промени“. Извештајот вели дека во градот Њујорк имало случај кога „рибите осетиле дека има истечено дизел гориво два часа пред... да го регистрираат тоа апаратите“, и на тој начин било спречено отровните материи да стигнат до резервоарите со вода за јавноста.
Зголемено ниво на никотин
Весникот The New York Times известува дека, иако јавните кампањи за здравје ги поттикнуваат пушачите да ги остават цигарите, тутунските компании „подмолно создаваат кај пушачите сѐ поголема зависност“ со тоа што „во изминатите шест години, за 10 отсто“ го зголемиле нивото на никотин. Еден нов тест, кој се смета дека дава пореална слика за она што се случува кај пушачите, открил дека тутунските компании се трудат „да уловат нови млади пушачи и да ги спречат постарите да се откажат од цигарите“. Во тестовите, „се открило дека скоро сите марки [на цигари] ослободуваат доволно висока доза на никотин за да предизвикаат тешка зависност“.
Вештачка рака контролирана од мозокот
Еден човек во Соединетите Држави, на кој и двете раце му биле ампутирани до рамото откако имал несреќен случај, сега користи вештачка рака контролирана од мозокот. Тој може да се качува по скала, да користи валјак за бојадисување, па дури и да си ги прегрнува внуците. „Левата рака му е бионичка справа која е контролирана од мозокот“, беше кажано на телевизискиот канал Cable News Network. „Тој ќе помисли: ‚Затвори ја раката‘, и електричните сигнали што се испраќаат низ нервите, кои се повторно поставени по хируршки пат, му ја затвораат раката“. Електродите ја забележуваат активноста на мускулите предизвикана од импулсите што ги создаваат мислите и ги пренесуваат до компјутерот што се наоѓа во раката. Компјутерот ги активира малите мотори што се наоѓаат во вештачката рака и со тоа деловите од раката можат да имитираат одредени движења на нормален лакт и рака.
Илјадници нови видови!
Според весникот Fenua Info од Тахити, секоја година се откриваат речиси 17.000 нови видови живи организми. Околу 75 отсто од новите видови се инсекти, но има и околу 450 ’рбетници, во кои спаѓаат и 250 видови риби и 20 до 30 видови цицачи. Понатаму весникот вели дека две третини од новите цицачи се глодачи и лилјаци, а „секоја година, во просек, се открива по еден нов примат“. Научниците се изненадени од тоа. На списокот на нови откритија има и дрвја и растенија.