Дали Бог е виновен?
„БОГ е љубов“, пишува во Библијата (1. Јованово 4:8). Освен тоа, тој е праведен и милостив. „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:4).
Бидејќи тој е Творецот на сѐ, Јехова Бог може да ја предвиди секоја можна штета, а има и моќ да интервенира. Со оглед на овие факти и особините на Бог кои се опишани во Библијата, мнозина со право се прашуваат: „Зошто Бог дозволува да се случуваат природни катастрофи?“a Милиони луѓе што си го поставувале истото прашање увиделе дека, во својата пишана Реч, Бог самиот ни го дава најлогичниот одговор (2. Тимотеј 3:16). Те молиме, обрни внимание на следново.
Ја отфрлиле Божјата љубов
Библијата ни кажува дека Бог им дал на нашите прародители сѐ што им требало за да бидат среќни и безбедни. Исто така, сѐ додека тие и нивните потомци послушно ја исполнувале Божјата заповед ‚да се плодат и да се множат и да ја наполнат земјата‘, сѐ побројната човечка фамилија можела да биде сигурна дека Бог ќе се грижи за неа (1. Мојсеева 1:28).
Но, за жал, Адам и Ева свесно му свртеле грб на својот Творец со тоа што намерно не го послушале и избрале да живеат независно од него (1. Мојсеева 1:28; 3:1-6). Повеќето од нивните потомци тргнале по нивниот пат (1. Мојсеева 6:5, 6, 11, 12). Кратко кажано, луѓето општо земено избрале сами да си бидат свои стопани, како во својот дом така и на целата Земја, и да не го следат водството од Бог. Бидејќи е Бог на љубовта кој го почитува правото на слободна волја, Јехова не им ја наметнува својата власт на луѓето, иако можеби тие одат по лош пат.b
Сепак, Јехова не кренал раце од луѓето. До ден-денес „тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5:45). Освен тоа, Бог ги обдарил луѓето со способност да учат за Земјата и за разните појави на неа. Ова знаење им овозможило на луѓето донекаде да ги предвидат временските непогоди и други можни опасности, како што се вулканските ерупции.
Луѓето откриле и кои делови од Земјата се поизложени на силни сеизмички и атмосферски движења. Благодарение на таквите сознанија, во некои земји се прават напори да се информираат луѓето за опасностите и се развиваат подобри методи на изградба и системи на предупредување. Тоа помага да има помалку жртви. Сепак, бројот на природните катастрофи расте од година во година. Причините за ова се бројни и сложени.
Живот во ризични подрачја
Тежината на една катастрофа не зависи секогаш од разорната моќ на природните сили. Честопати, колку сериозна ќе биде некоја катастрофа зависи од бројот на луѓето што живеат во погоденото подрачје. Според еден извештај што го објави Светската банка во над 160 земји, повеќе од една четвртина од населението живее во подрачја каде што често доаѓа до природни катастрофи во кои страдаат многу луѓе. Научникот Клаус Џејкоб од Универзитетот Колумбија во САД вели: „Бидејќи сѐ повеќе луѓе живеат во подрачја со висок ризик, на крајот настанува катастрофа од нешто што порано било само природна појава“.
Ситуацијата се влошува и од други фактори. На пример, брзо и неплански се врши урбанизација, се сечат шумите и претерано се користи бетон со кој се покрива земјата која обично би ја впила дождовната вода. Особено последните два фактора можат да предизвикаат лизгање на земјиштето и големи поплави со значителни штети.
Човечкиот фактор може да придонесе и еден земјотрес да биде катастрофален, затоа што најголемиот број жртви не загинуваат и не добиваат повреди од самиот удар, туку од рушењето на зградите. Со добра причина сеизмолозите велат: „Земјотресите не ги убиваат луѓето. Зградите ги убиваат“.
Уште еден фактор за големиот број жртви може да биде и неспособноста на властите. Во една земја во Јужна Америка, во последниве 400 години, земјотресите трипати го имаат срамнето со земја главниот град. Од последниот земјотрес, во 1967 год., до денес, бројот на населението во градот двојно се зголеми и достигна до пет милиони. „Сепак, или нема градежни прописи кои би можеле да ги заштитат луѓето или, пак, ако ги има, не се применуваат“, се вели во списанието New Scientist.
Оваа изјава добро одговара и за градот Њу Орлеанс (Луизијана, САД), кој е изграден на ниско подрачје каде што често има поплави. И покрај тоа што има насипи и пумпи, во 2005 год. се случи катастрофата од која мнозина долго време се плашеа — градот го погоди ураганот Катрина. Во еден извештај објавен во весникот USA Today пишуваше дека луѓето или ги игнорирале „предупредувањата што со години им биле давани“ или „биле рамнодушни на нив“.
Слична рамнодушност има и во врска со глобалното затоплување, за кое многу научници веруваат дека ќе придонесе за повеќе временски неприлики и ќе го подигне морското ниво. Очигледно, во катастрофите своја улога играат политичките, социјалните и економските фактори, кои во никој случај не се Божје дело. Овие човечки фактори потврдуваат колку се точни библиските зборови дека човекот не е способен „да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Друг човечки фактор е ставот што го имаат луѓето кон предупредувањата, и од природата и од властите.
Научи да ги препознаваш предупредувањата
Најпрво, мораме да кажеме дека природните катастрофи можат да се случат и без никакво предупредување. „Времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“, пишува во Проповедник 9:11. Но, честопати има некои показатели — било од самата природа било од властите — дека се приближува неволја. Затоа, кога луѓето знаат да ги препознаваат знаците, може да им се зголемат шанси за преживување.
Кога индонезискиот остров Симеулу беше погоден од цунами во 2004 год., од целокупното население, кое брои илјадници, загинаа само седуммина. Бидејќи тамошното население знае дека пред да дојде до цунами морето ненормално се повлекува, повеќето луѓе избегале кога виделе дека се случува такво нешто. Слично на ова, многу луѓе успеале да се спасат од силни бури и вулкански ерупции затоа што обрнале внимание на предупредувањата. Понекогаш природата нѐ предупредува уште пред тоа да го сторат властите. Затоа, мудро е да ги знаеме предупредувањата и од природата и од властите, особено ако живееме во места каде што често се случуваат катастрофи.
Но за жал, како што вели еден вукланолог, „луѓето обично не сакаат да признаат дека се приближува неволја, дури и кога е очигледна“. Ова е особено случај кога често има лажни тревоги или кога последната катастрофа се случила многу одамна. Но, понекогаш луѓето едноставно не сакаат да го остават она што го имаат, дури и кога катастрофата им е пред врата.
Во многу делови од Земјата луѓето се премногу сиромашни за да можат да се преселат на некое побезбедно место. Но, сиромаштијата не е потврда дека Бог не ги направил работите добро. Напротив, таа потврдува колку лошо управува човекот со себе. На пример, владите честопати фрлаат големи суми пари на вооружување, а не прават ништо за да им помогнат на сиромашните.
Сепак, за повеќето луѓе, во каква и ситуација да се, има извесна мера помош. Од каде? Бог, во својата пишана Реч, Библијата, ни дал голем број убави начела кои, доколку се применуваат, можат да значат живот.
Начела што значат живот
◼ Не искушувај го Бог. „Не искушувајте го Јехова, својот Бог“, пишува во 5. Мојсеева 6:16. Христијаните што му служат на вистинскиот Бог не се суеверни и не мислат дека Бог секогаш ќе ги штити од физичка повреда. Затоа, кога се заканува некоја опасност, тие го следат библискиот совет: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3).
◼ Цени го животот повеќе од материјалните работи. „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Да, материјалните работи се корисни, но не и за мртвите. Затоа, оние што го сакаат животот и го ценат тоа што можат да му служат на Бог не се изложуваат на непотребни ризици за да ги спасат материјалните работи (Псалм 115:17).
Тадаши, кој живее во Јапонија, го напуштил својот дом веднаш кога се случил земјотресот во 2004 год., уште пред властите да дадат официјални упатства. Нему животот му значел повеќе од сѐ што имал. Акира, кој живее во истата област, напишал дека „вистинската штета не зависи од материјалните загуби, туку од ставот што го има некој. За мене оваа катастрофа беше добра прилика да си го поедноставам животот“.
◼ Слушај ги предупредувањата од властите. „Секој човек нека им биде подложен на властите“ (Римјаните 13:1). Кога ќе бидат дадени официјални упатства за евакуација или за некои други безбедносни мерки, паметно е да ги следиме. Тадаши бил послушен на упатствата за евакуација и не се приближувал до опасната зона. На тој начин се заштитил од потресите што уследиле.
Кога нема официјални предупредувања за некоја катастрофа што се приближува, секој мора сам да одлучи кога и како ќе реагира на темел на сите расположиви факти. На некои места, локалните власти може ќе дадат корисни упатства како да се постапува во случај на катастрофа. Дали онаму каде што живееш има такви информации на располагање и ги знаеш ли? Си ги разгледал ли со своето семејство? (Види ја рамката.) Во многу делови од светот, под водство на локалната подружница на Јеховините сведоци, собранијата на Сведоците имаат воведено процедури што треба да ги следат доколку има опасност или доколку се случи некоја природна катастрофа. Овие процедури се покажале од голема помош.
◼ Покажувај христијанска љубов. Исус рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав“ (Јован 13:34). Луѓето што се самопожртвувани и ги сакаат другите, како што ги сакал Христос, прават сѐ што е можно за да си помогнат едни на други да преживеат некоја природна катастрофа. Старешините во собранијата на Јеховините сведоци неуморно работат за да стапат во контакт со сите членови на собранието и да проверат дали се безбедни или дали можат да стигнат на безбедно место. Тие, исто така, проверуваат дали на сите им се задоволени основните потреби, како на пример, вода за пиење, храна, облека и основни лекови. Сведоците, пак, што живеат во безбедни места доброволно ги примаат во своите домови соверниците од погодените подрачја. Таквата љубов навистина ‚совршено поврзува‘ (Колошаните 3:14).
Дали ќе има сѐ полоши катастрофи, како што предвидуваат некои? Можеби, но само за кратко. Зошто? Затоа што наскоро ќе заврши катастрофалната ера на независност од Бог. Потоа, со целата Земја и со сите луѓе на неа Јехова ќе владее со љубов. Тоа ќе даде одлични резултати, како што ќе видиме сега.
[Фусноти]
a Земјотресите, временските непогоди, вулканските ерупции итн. самите по себе не се природни катастрофи. Тие стануваат природна катастрофа само кога во нив ќе настрадаат луѓе и поседи.
b Подетално објаснување за тоа зошто Бог привремено ги дозволува страдањата и злото има во циклусот статии со наслов „,Зошто? — да се одговори најтешкото прашање“ во Разбудете се! од ноември 2006 и во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадени од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 7]
ДАЛИ СИ СПРЕМЕН ДА БЕГАШ?
Службата за тревога на градот Њујорк препорачува семејствата да си направат план за евакуација и да си подготват издржлива торба лесна за носење, која ќе стои на лесно пристапливо место и во која ќе има важни работи потребни во итен случај. Во неа може да има:c
◼ Копии од важни документи во водоотпорен сад
◼ Резервни клучеви од автомобилот и од куќата
◼ Кредитни или дебитни картички и готовина
◼ Флаширана вода и нерасиплива храна
◼ Батериска ламба, транзистор, мобилен телефон (ако имаш), резервни батерии
◼ Лекови за најмалку една седмица, упатства за дозирање, рецепти и список со имиња и телефонски броеви на лекари (Замени ги лековите пред да им истече рокот на траење.)
◼ Кутија со прва помош
◼ Издржливи, удобни чевли и облека за дожд
◼ Информации како да контактираш со семејството и каде ви е зборното место, како и географски карти
◼ Опрема за бебиња
[Фуснота]
c Иако овој список е направен според официјален список, содржи мали промени. Можеби во вашиот случај или во вашето место нема да одговараат сите наведени работи и можеби ќе треба да додадете некои. На пример, постарите лица и инвалидите имаат посебни потреби.
[Извор на слика на страница 4]
USGS, David A. Johnston, Cascades Volcano Observatory