Древни ракописи — како им се одредува староста?
ВО 1844 год., библискиот изучувач Константин фон Тишендорф отишол во манастирот Св. Катерина, кој се наоѓа на подножјето на планината Синај во Египет. Пребарувајќи во неговите библиотеки, нашол некои значајни пергаменти. Бидејќи бил студент по палеографија,a Тишендорф препознал дека тие пергаменти се листови од Септуагинтата, грчки превод на Хебрејските списи, т.е. на „Стариот завет“. „Не сум видел ништо постаро од овие листови што ги пронајдов на Синај“, напишал тој.
Тие пергаменти се дел од она што подоцна станало познато како Синајски кодекс (Codex Sinaiticus), а се проценува дека потекнуваат од четвртиот век од н.е. Синајскиот кодекс е еден од илјадниците древни ракописи од Хебрејските и Грчките списи, кои претставуваат навистина неисцрпен бунар за истражување на библиските изучувачи.
Развојот на грчката палеографија
Еден бенедиктински калуѓер, Бернар де Монфокон (1655-1741), ги положил темелите за систематско изучување на грчките ракописи. Подоцна му се придружиле и други изучувачи. Тишендорф се зафатил со огромната задача да направи список на најстарите библиски ракописи на грчки јазик што се чуваат во европските библиотеки. Исто така, неколкупати отишол на Блискиот Исток, проучил стотици документи и ги објавил своите откритија.
Во 20 век, на палеографите им послужиле како помош и други работи. Една од нив е списокот од околу 900 каталози што го издал Марсел Ришар, во кој се опишани 55.000 грчки ракописи, како библиски така и небиблиски, кои се во сопственост на 820 библиотеки или приватни лица. Овие обемни информации се од голема помош за преведувачите, но им помагаат и на палеографите попрецизно да ја одредат староста на ракописите.
Како се одредува староста на ракописите
Замисли си дека го чистиш таванот на некоја стара куќа и наоѓаш рачно напишано писмо пожолтено од старост. На него не е запишан датумот. ‚Од кога е?‘, се прашуваш. Потоа здогледуваш уште едно старо писмо. Целокупниот стил, ракопис, интерпункција и други карактеристики потсетуваат на првото писмо. Но, на твоја голема радост, на второто писмо стои и датумот кога било напишано. Иако не можеш да утврдиш која година некој го напишал првото писмо, сега си на добар пат да процениш кога отприлика било тоа, иако на него не стои никаков датум.
Повеќето древни препишувачи не ставале датум на библиските ракописи откако ќе ги препишеле. За да се одреди приближниот датум, библиските изучувачи ги споредуваат тие текстови со други литературни дела, вклучувајќи и древни небиблиски документи за кои е познат датумот. Потоа извлекуваат заклучоци врз основа на ракописот, интерпункцијата, скратениците итн. Меѓутоа, пронајдени се и неколку стотици ракописи на кои е запишан датумот. Тие се рачно напишани на грчки јазик и датираат од околу 510 год. од н.е. до 1593 год. од н.е.
На што укажува ракописот
Палеографите го делат древниот грчки стил на пишување на две главни категории — печатен, кој е елегантен и формален, и ракописен, еден вид слеано пишување кое се користело во нелитературните документи. Грчките писари користеле и различни стилови букви, кои спаѓаат во неколку категории: големи букви, унцијални (исто така еден вид големи букви), ракописни и мали букви. Еден вид печатни унцијални букви се користеле од четвртиот век пр.н.е. до осмиот или деветтиот век од н.е. Малите печатни букви се користеле од осмиот или деветтиот век од н.е. па сѐ до средината на 15 век, кога во Европа започнало печатењето со подвижни букви. Со мали букви можело да се пишува побрзо и позбиено, со што се заштедувале и време и пергамент.
Палеографите имаат утврдени методи со кои ја одредуваат староста на ракописите. Најнапред го разгледуваат целиот документ — за да добијат еден општ преглед — а потоа го анализираат подетално, буква по буква. Бидејќи обично требало многу време за да дојде до позначајни промени во општиот стил на пишување, деталната анализа на текстот, иако е корисна, помага да се утврди само приближното време кога бил напишан текстот.
За среќа, има и други начини на кои може приближно да се процени кога бил напишан некој текст. Еден начин е да се препознаваат некои специфични карактеристики во пишувањето и да се открие кога биле воведени. На пример, во грчките текстови што биле пишувани по 900 год. од н.е., писарите почнале да користат повеќе лигатури (поврзување на две или повеќе букви). Исто така, писарите почнале да пишуваат и меѓу линиите (односно, да запишуваат извесни грчки букви под линијата), како и ознаки за изговор, кои му помагале на читателот исправно да ги изговара зборовите.
Ракописот на еден човек најчесто останува ист во текот на целиот живот. Затоа, и според најдобрите проценки обично може да се каже дека одреден текст бил напишан во даден период од 50-тина години. Освен тоа, понекогаш препишувачите го следеле стилот на пишување од постарите ракописи од кои препишувале, па затоа и препишаниот примерок изгледал постар отколку што бил. Меѓутоа, и покрај многуте тешкотии, утврдено е од кога потекнуваат голем број важни библиски ракописи.
Одредување на староста на важни библиски ракописи на грчки јазик
Александрискиот кодекс (Codex Alexandrinus), кој денес се чува во Британската библиотека, бил првиот од позначајните библиски ракописи што дошол во рацете на изучувачите. Тој содржи поголем дел од Библијата и бил напишан со грчки унцијални букви на многу тенок пергамент. Проценето е дека овој кодекс датира од почетокот на петтиот век од н.е. Тоа е утврдено главно врз основа на промените до кои дошло во унцијалното пишување помеѓу петтиот и шестиот век, како што може да се види од еден датиран документ наречен „Диоскорид од Виена“.b
Друг значаен ракопис што дошол во рацете на изучувачите е Синајскиот кодекс (Codex Sinaiticus), кој го нашол Тишендорф во манастирот Св. Катерина. Запишан врз пергамент со грчки унцијални букви, овој ракопис содржи дел од Хебрејските списи од грчкиот превод на Септуагинтата, како и сите Христијански грчки списи. Од овој кодекс, 43 листови се чуваат во Лајпциг (Германија), 347 листови се во Британската библиотека во Лондон, а фрагменти од 3 листа се наоѓаат во Санкт Петербург (Русија). Се смета дека овој ракопис потекнува од крајот на четвртиот век од н.е. Овој датум го потврдуваат и забелешките што стојат на маргините на евенгелијата. Познато е дека овие забелешки ги вовел историчарот Евзебиј од Цезареја, кој живеел во четвртиот век.c
Трето значајно дело е Ватиканскиот кодекс бр. 1209 (Codex Vaticanus), кој во почетокот ја содржел целата Библија на грчки јазик. Овој кодекс првпат бил внесен во каталогот на Ватиканската библиотека во 1475 год. Напишан со грчки унцијални букви на 759 листови на многу тенок пергамент, овој кодекс содржи голем дел од Библијата, со исклучок на поголем дел од 1. Мојсеева, дел од Псалмите и делови од Христијанските грчки списи. Изучувачите процениле дека овој ракопис потекнува од почетокот на четвртиот век од н.е. Како дошле до овој датум? Стилот на пишување е сличен на оној во Синајскиот кодекс, кој исто така потекнува од четвртиот век. Но, повеќето сметаат дека Ватиканскиот кодекс е нешто постар. Една од причините е што во него ги нема паралелните стихови што ги има во каноните на Евзебиј.
Богатство извадено од куп отпадоци
Во 1920 год., библиотеката Џон Рајландс од Манчестер (Англија) доби многу папируси кои биле штотуку извадени од еден куп отпадоци донесени од древниот Египет. Додека изучувачот Колин Робертс ги разгледувал донесените предмети, меѓу кои имало писма, признаници и документи од попис, здогледал еден фрагмент испишан со текст што го препознал — неколку стихови од 18. поглавје од Јован. Тоа бил најраниот текст од Христијанските грчки списи што бил откриен дотогаш.
Тој фрагмент станал познат како папирус на Џон Рајландс 457, со меѓународна ознака P52. Тој е напишан со грчки унцијални букви, а се проценува дека потекнува од почетокот на вториот век — само неколку децении откако Јован го напишал своето евангелие! Значајно е тоа што овој текст речиси сосема се совпаѓа со текстот од ракописите кои биле напишани многу подоцна.
Стари, но точни!
Во својата книга Библијата и археологијата (The Bible and Archæology), британскиот критичар на текстови сер Фредерик Кенјон го напишал следново во врска со Христијанските грчки списи: „Може да се каже дека конечно се потврдени и точноста и веродостојноста на книгите од Новиот завет“. Слично, во врска со веродостојноста на Хебрејските списи, изучувачот Вилијам Х. Грин рекол: „Слободно може да се рече дека ниту едно друго древно дело не е пренесувано низ вековите со толку голема точност“.
Овие изјави нѐ потсетуваат на следниве зборови на апостол Петар: „Сите луѓе се како трева, и сета нивна слава е како цветот на тревата. Тревата венее и цветот паѓа, но Јеховината реч останува засекогаш“ (1. Петрово 1:24, 25).
[Фусноти]
a „Палеографијата... ги изучува древните и средновековните ракописи. Се занимава главно со текстови испишани на трошни материјали, како што се папирусот, пергаментот или хартијата“ (The World Book Encyclopedia).
b „Диоскорид од Виена“ бил напишан за извесна Јулијана Аниција, која умрела или во 527 или во 528 год. од н.е. Овој документ „е најраниот пример на пишување со унцијални букви на многу тенок пергамент, чија приближна старост може да се одреди“ (An Introduction to Greek and Latin Palaeography од Е. М. Томсон).
c Таканаречените канони на Евзебиј се збирка забелешки, односно систем на паралелни стихови, „кои покажуваат кои стихови од некое евангелие се слични со стихови од другите евангелија“ (Manuscripts of the Greek Bible од Брус М. Мецгер).
[Истакната мисла на страница 21]
Со внимателна анализа на ракописите на кои има датум, палеографите ја утврдуваат староста на делата кои немаат датум
[Рамка на страница 20]
Колку е стар свитокот од Мртвото Море
Првиот од свитоците што ја содржат библиската книга Исаија, кои беа пронајдени во 1947 год. кај Мртвото Море, е напишан на кожа со хебрејско писмо што се користело пред појавата на масоретите. Утврдено е дека потекнува од крајот на вториот век пр.н.е. Како библиските изучувачи дошле до тој датум? Така што го споредиле стилот на пишување со други хебрејски текстови и записи, и утврдиле дека палеографската старост е некаде од 125 пр.н.е. до 100 пр.н.е. Утврдувањето на датумот со помош на методата со која се користи јаглерод-14 дало додатна потврда на овој заклучок.
Интересно, кога свитоците од Мртвото Море биле споредени со масоретскиот текст, препишан со векови подоцна од писарите наречени масорети, се утврдило дека нема никакви промени во библиските науки.d Многу од разликите се поврзани само со правописот и граматиката. Исто така, значајно е и тоа што тетраграмот — четирите хебрејски согласки што го сочинуваат Божјето име, Јехова — во свитокот на Исаија се појавува на сите места каде што треба да стои.
[Фуснота]
d Масоретите, еврејски препишувачи кои многу прецизно ја вршеле својата работа, живееле во втората половина на првиот милениум од н.е.
[Табела/слики на страници 20 и 21]
(Види во публикацијата)
Грчки ракопис
Печатно (унцијално)
Од 4 век пр.н.е. до 8 или 9 век од н.е.
Мали букви
Од 8 или 9 век од н.е. до 15 век од н.е.
Важни манускрипти
400
200
Свитокот од Мртвото Море
крајот на 2 век пр.н.е.
пр.н.е.
од н.е.
100
Папирусот Џон Рајландс 457
125 од н.е.
300
Ватикански кодекс бр. 1209
Почеток на 4 век
Синајски кодекс
4 век
400
Александриски кодекс
Почеток на 5 век
500
700
800
[Слики на страница 19]
Горе: Константин фон Тишендорф;
Десно: Бернар де Монфокон
[Извор на слика]
© Réunion des Musées Nationaux/ Art Resource, NY
[Извор на слика на страница 20]
Свитокот од Мртвото Море: Shrine of the Book, Israel Museum, Jerusalem
[Извори на слики на страница 21]
Типографски факсимил на Ватиканскиот кодекс бр. 1209: од книгата Bibliorum Sacrorum Graecus Codex Vaticanus, 1868; Репродукција на Синајскиот кодекс: 1. Тимотеј 3:16, како што стои во Синајскиот кодекс, 4 век од н.е.; Александриски кодекс: Од The Codex Alexandrinus in Reduced Photographic Facsimile, 1909, со дозвола на Британската библиотека